Пламенот на Педесетницата во Бигорски

Со свештена радост и со неизмерна благодарност кон животворниот Утешител, во празничната атмосфера на Бигорската обител беше прославена светата Педесетница – празникот на огнот небесен што слегува во срцата, на љубовта што го обновува светот, на тајната во која човекот повторно се раѓа во Бога. Со посебна свеченост и молитвена собраност, нашата монашка заедница и многубројните богомолци го прославија овој величествен Господов празник, кој ја означува полнотата на Божественото домостроителство за спасението на човечкиот род.

Празничното богослужение започна синоќа со повеќечасовно бдение во Претечевиот храм. Бдението се излеа како една непрестајна молитвена воздишка на душата кон небото. На чело на ова благодатно стоење пред Бог Света Троица беше нашиот возљубен старец, епископот Антаниски г. Партениј, чие молитвено претстоење ги собираше сите присутни во едно срце и една света жед – жед за Светиот Дух. Со него, во молитвата беше соединета целата монашка заедница од Бигорски, Рајчица и Пречиста, заедно со псалтите од хорор „Митрополит Козма Пречистански“ и многубројниот народ Божји, кој како жедна земја ја впиваше небесната роса на благодатта.

Утрото осамна како продолжение на истата таа молитва, со извршувањето на свечената архиерејска Божествена Литургија. Претстоејќи пред светата Трпеза и сослужувајќи со браќата свештенослужители, Старецот со своето служење и со своето боговдахновено слово нè воведе во самата длабочина на тајната на празникот. Неговото тајноводство и неговите зборови беа живо доживување, таинствено откривање на Педесетницата како личен настан, како оган што треба да се разгори во секое срце. Говорејќи како оној кој самиот вкусува од благодатта, зборовите паѓаа како благодатни искри што го осветлуваат внатрешниот човек и го призиваат кон преображение.

По светата Литургија следуваше празничната трпеза на љубовта, на која сите присутни беа соединети како браќа и сестри во Христа, споделувајќи ја радоста на овој благодатен ден. Богослужбениот ден потоа продолжи со Вечерната богослужба со коленопреклонение, која е особено својствена за празникот на Педесетницата. Во длабоко умиление, со срце скрушено и исполнето со љубов, Старецот ги прочита преубавите коленопреклони молитви за призив на Светиот Дух. Во тие свети мигови, душите на сите присутни се најдоа лице в лице со Бога, молејќи Го да дојде, да се всели, да очисти и да оживотвори.

Педесетницата е жив повик упатен до секое срце. Повик да ги отвориме вратите на својата душа, да Му дозволиме на Духот на вистината да дише во нас и да нè стори живи, светли и автентични. Зашто таму каде што е Духот Господов, таму е слободата, таму е љубовта, таму е вистинскиот живот. Амин.

Нека Утешителот, „Кој е насекаде и сè исполнува“, се всели и во нас и нека нè сотвори храмови на Својата трисветла светлина.

Амин.