Слово на Неговото преосвештенство епископ Антаниски г. Партениј, за празникот Педесетница, изговорено на светата Литургија, на 31 мај 2026 лето Господово
Во името на Отецот, и Синот, и Светиот Дух!
Денес, возљубени мои, е голем ден на Црква Божја. Денес во полнота се исполнува ветувањето на нашиот Спасител, Господ Исус Христос Кој пред да пострада им рече на учениците: А Утешителот, пак, Духот Свети, Кого што Отецот ќе Го испрати во Мое име, Тој ќе ве научи на сè и ќе ви напомни за сè што сум ви зборувал.[1]
Уште додека Господ беше телесно меѓу нив, учениците веќе се насладуваа од благодатта на Духот и ја воспримаа Неговата сила. Потоа, набрзо по Воскресението, застанувајќи среде нив, Он дувна кон нив и им рече: Примете Дух Свети.[2] А кога се исполнија педесетте дена по Воскресението, Он веќе во полнота им Го испрати Светиот Дух, Кој слезе врз нив во вид на огнени јазици.[3] Гледате ли, Духот не им беше даруван наеднаш, туку постепено, во три наврати, како што учат светите отци.[4]

Ова е денот на Црквата, мили мои! Денес се воздига новата градба на Божјиот домострој, новата творба на Божјата благодат. И Христос сега е уште посилно со нас, зашто Он е во Црквата, и сите ние преку Светиот Дух општиме со Него – со Духот единосуштен на Отецот и на Синот. Оти денес во полнота ни се откри Бог Троица; и на секоја света Литургија, соединувајќи се со Христа, ние се причестуваме со целиот Троичен Бог.
Откривањето, пак, на Светиот Дух на апостолите значи дека на човекот веќе му е овозможено и обожението. А тоа се случува постепено, преку трите степени на духовниот пат, кои соодветствуваат на трите испраќања на Духот.[5] Најнапред човекот со труд и подвиг го очистува умот и срцето свое – тоа е степенот на очистувањето. Потоа очистената душа Светиот Дух ја озарува со нетварната Божествена светлина – тоа е просветлувањето. И најпосле, кога Духот наполно ќе се всели во неа, човекот станува обожено битие – не по природа, туку по благодат[6], носител на Самиот Дух Божји.
Во Стариот Завет вакво нешто не било можно. Затоа вчера, во паримиите на празникот, чувме како Господ му заповеда на Мојсеј да избере седумдесет мажи, врз кои ќе слезе Духот, за да бидат просветлени и правилно да го водат тогаш избраниот, правоверен Божји народ.[7] Двајца од запишаните, Елдад и Модад, не дошле на одреденото место кај скинијата, но Духот слегол и врз нив, токму затоа што биле запишани, та и тие пророкувале во логорот. Кога дозна за тоа, Исус Навин дотрча кај Мојсеј и рече: „Господару мој, забрани им!“ А Мојсеј, со чудна широчина на срцето, одговори: „Зар завидуваш поради мене? О, да беа сите од народот Господов пророци, и да им го испратеше Господ Својот Дух!“[8]
Видете: она што во времето на Законот било невозможно за мнозина, денес, во денот на светата Педесетница, стана дар за сите! Зашто каде што ќе слезе и ќе влезе Светиот Дух, сѐ станува нова твар. И сите ние, возљубени, на крштението сме Го примиле Светиот и Божествен Дух; имено, помазувајќи нѐ со светото Миро, свештеникот извикува: „Печат од дарот на Светиот Дух!“[9] Сите ние сме благословени, осветени и запечатени со Духот.

И сите ние сме во една света заедница. Зашто токму Светиот Дух ја создаде Црквата како заедница: преку Него Бог ја направи Црквата Свое Тело, а нас – членови на тоа Тело. Толку силна е таа заедница! Неслучајно вечерта и утрово толку пати слушавме во песнопенијата како Бог ги повикува сите народи на единство. Некогаш, кога луѓето, во својата гордост, ѕидале кула до небо, Севишниот ги размешал јазиците и ги раздели народите; а денес, раздавајќи ги огнените јазици, сите нив ги повикува во единство, и ние сложно Го славиме Сесветиот Дух.[10]
Но внимавајте, возљубени: оваа заедница не се потпира на никакви овосветски основи. Таа најнапред зависи од тоа колку секој од нас поединечно е во заедница со Светиот Бог, Кој единствен е свет по приода и Кој нас нѐ повикува на истата таа светост. Оти кој е во заедница со Бога, тој ќе биде во вистинска заедница и со ближните. Секаде каде што е Бог, таму е и вистинското единство. Едно пријателство во овој свет, ако однапред е запечатено со пријателството со Бога, ќе трае вечно. Една љубов во бракот, ако е запечатена прво со љубовта кон Троичниот Бог, ќе остане во вечноста, зашто сѐ што еднаш е запечатено во Бога, останува засекогаш.
Затоа, мили мои, гледајте колку е важно како живееме во Црквата и каква е нашата заедница со Бога; од неа зависат и целиот наш живот, и сѐ што нѐ опкружува. Бог сака сите нас да нѐ направи Свои чеда, Свои светители. Затоа и на секоја света Литургија, пред да ни се раздадат Телото и Крвта Христови што нѐ осветуваат и нѐ обожуваат, свештеникот извикува: „Светињите на светите!“[11] Зашто сите сме повикани да бидеме свети. А тоа особено се остварува преку третото Лице на Светата Троица – Светиот и Божествен Дух, единосуштен на Отецот и Синот, Кој обитува во Црквата во полнота, ја оживотворува и нѐ прави во овој свет да дишеме и да живееме.
Да Го молиме, затоа, Светиот Дух, Благиот и Утешителот, да ни ги дарува Своите дарови, како патокази кон спасението и кон Царството Небесно.
Амин.
[1] Јован 14, 26; сп. 15, 26; 16, 7 и 13.
[2] Исто 20, 22.
[3] в. Дела 2, 1-4.
[4] сп. Свети Григориј Богослов, Слово 41 (За светата Педесетница), PG 36 – за постепеното, „во повеќе наврати“ откривање и дејствување на Светиот Дух: во пророците, во апостолите додека Господ беше со нив, потоа преку дувањето по Воскресението, и најпосле во полнота на Педесетницата.
[5] Тристепеноста на духовниот живот – очистување (κάθαρσις), просветлување (φωτισμός) и обожение (θέωσις): свети Дионисиј Ареопагит, Corpus Areopagiticum (PG 3); свети Максим Исповедник; свети Григориј Палама, Тријади во одбрана на свештеноисихастите.
[6] „…да станете учесници во Божјата природа…“ (2 Петр. 1, 4). За обожението по благодат, а не по природа, говори Свети Григориј Палама, преку разликувањето на непристапната Божја суштина и нестворените Божји енергии.
[7] Броеви 11, 16-17, 24-25 (прва паримија на Вечерната на празникот Педесетница).
[8] Исто, 26-29.
[9] Возгласот при светата тајна Миропомазание: „Печат од дарот на Светиот Дух“ (грч. Σφραγὶς δωρεᾶς Πνεύματος Ἁγίου).
[10] Кондак на Педесетницата, глас 8: „Кога Севишниот слезе и ги размеша јазиците, ги раздели народите; а кога ги раздаде огнените јазици, сите ги повика во единство…“ (цсл. „Егда снизшед языки слия, разделяше языки Вышний…“); сп. смешувањето на јазиците кај Вавилонската кула, Битие 11, 1-9.
[11] Возгласот пред светата Причест на Божествената литургија: „Светињите на светите!“ (грч. Τὰ Ἅγια τοῖς ἁγίοις).











