Промоција и поетско читање во Бигорски во чест на 1000-годишнината

Три збирки на поезија: „Свештена Бигорска Обител“ и „Нашите празници“ од група автори, уредени од г-ѓа Вера Благојевиќ – Самарјанин и „Муабетење со умот“ од Нада Алексоска

Свештената Бигорска Обител денеска беше домаќин на уште еден духовно-културен настан. Имено, во големата манастирска просторија за посебни пригоди беа промовирани три збирки на поезија: „Свештена Бигорска Обител“ и „Нашите празници“ од група автори, уредени од г-ѓа Вера Благојевиќ – Самарјанин и „Муабетење со умот“ од Нада Алексоска.

Свеченоста ја отвори доајенот на македонската забавна музика, кант-авторот Драган Мијалковски, со изведба на Песната за Патрикот: „1762 лето“. Веднаш потоа присутните ги поздрави и благослови нашиот старец и игумен, Епископот г. Партениј:

Епископ Партениј, Игумен Бигорски

Мили мои, најнапред сакам да ви се заблагодарам на сите, што ве гледам сега собрани во оваа наша многувековна Светиња и што сите вие посакавте, со вашите од Бога дадени таланти, да дадете придонес за прославување на илјадагодишнината на Бигорскиот Манастир. Јас честопати го нарекувам Бигорски срце кое биело и бие за нашиот народ. Еве сега ја чувме песната од нашиот познат великан на Преродбата од 19 век, Глигор Прличев, кој во својата ‘Автобиографија’ пишува со восхит за Бигорски, како за манастир кој единствен, заедно со Манастирот Пречиста Кичевска, го сочувал народниот словенски јазик. Само овие два манастири, во времето на Отоманската Империја, пожртвувано се бореле за запазување на словенската јазична традиција во богослужбите и во писменоста. Овде е отворено и првото ќелијно училиште на народен говорен јазик, од познатиот игумен Архимандрит Арсениј од Галичник. Така, несомнено е големото дело што овој Манастир го направил во однос на будењето на народниот дух, во време кога народот што живееле на овие простори се наоѓал во двојно ропство: и политичко и духовно-просветно. Затоа денес слободно можеме да кажеме дека токму заради тоа тогашно втемелување на народниот јазик во писменоста и учебното дело што започнало од Бигорски, вие сега воспевате и пишувате песни на нашиот современ македонски јазик. А пишувате и творите вдахновени, се разбира, од најголемиот Поет и Уметник – Бог. Во Символот на верата, напишан за прв пат на старогрчки јазик, за Бог меѓу другото се вели: Ποιητς ορανο κα γῆς, Творец на Небото и на Земјата. Вие, поетите, добро знаете дека токму од тој збор Ποιητής доаѓаат и именките поет и поезија. Како врховен Поет, значи, како Уметник над уметниците, Бог е Оној Кој вдахновува, Кој ги дава талантите и ги дарува даровите на луѓето. И ете, сите вие, преку вашата добра волја, посакавте со тие богомдарувани таланти да дадете придонес за Бигорското илјадалетие. Уште еднаш ви се заблагодарувам за тоа и од длабочината на срцето ви испраќам благослов на сите.

Поетското читање го започна Вера Благојевиќ-Самарјанин, којашто воедно беше и организатор на денешната манифестација, заедно со Здружението за македонско-босанска соработка „МаБих“ од Битола. Таа прочита две песни, посветени на бигорскиот старец и игумен, Епископ Партениј и на нашето монашко братство и сестринствата.

Вера Благојевиќ-Самарјанин – организатор на манифестација

После неа, присутните ги поздрави претседателот на Здружението „Скопјанката Мајка Тереза“, Димче Петрушевски, кој со благодарност говореше за големиот јубилеј на Бигорскиот Манастир. Тој, воедно, му подари пригоден поклон на владиката Партениј.

Димче Петрушевски – претседателот на Здружението „Скопјанката Мајка Тереза“


Во продолжение, десетици поети и поетеси, учесници со свои дела во збирките, во прекрасната и топла атмосфера, читаа дел од своето поетско творештво.

По повод големиот јубилеј на Бигорски, нашиот познат ликовен уметник Живко Поповски – Цветин, му подари на Епископот Партениј уметничка слика со бројката 1000, украсена со неговите познати цветови за мир. Накрај, следуваше културно-уметничка програма, во која настапи оперската дива Серафина Фантаузо, којашто ја отпеа песната „На многаја лета“.

Серафина Фантаузо – оперска пејачка

За мојот духовен татко:
ПОУКА-НАУКА

Со трпение многу страданија пројдов,
по Благослов, кај Вас дојдов,
Епископе Партениј, ме води Вашата поука,
според мене, тоа е најсилната наука.
Многу сум се движела и сум шетала
безбројно низ плавилото сум летала,
мирни и немирни морски води бродев,
многу нешта видов, секаде отидов.
Денес далечината ми пречи
состојбава, мостот ми го сечи,
ми го пресече патот на два дела
жалам, како сама да сум го градела.
Првата половина е мојата татковина,
во втората бев на гости, има и предности,
таму каде што одседнував, домаќините ги вреднував,
но не како своето, повредно е моето.
Мостот ми зафали со сите други детали,
да не се оградам, пат сама ќе си изградам,
повторно ќе си летам, светот ќе си го шетам,
морето ќе го пловам, убавини ќе ловам.
Дури и други патишта, по дожд и ветришта,
мора да се види, така секогаш ќе биди,
кој ќе патува, со знаење се збогатува,
така е според Него и мене, знаењето не вене.
Благословот е во знаењето сила
и молитвата во мојата Црква мила,
таква е оваа моја наука
вечно ќе ме води Владико, Вашата поука.

Вера М Самарјанин