Пригодна слика од Живко Поповски – Цветин за илјадагодишнината на Бигорски манастир

Сликарот и хуманист Живко Поповски – Цветин создаде пригодна слика по повод илјадагодишнината од основањето на Бигорскиот манастир „Св Јован Крстител“.

– На сликата доминира бројот 1.000. Тоа се златни бројки создадени од акрил на хамер со ширина од 1.000 милиметри и висина 500 милиметри. Во нулите се сместени т.н. два уметнички цветни крстови, а во средината во нулата е македонскиот крст. Сите четири страни се со бордура со златни цветни рози. Сликата ќе биде врамена со златна рамка, изјави за МИА Поповски – Цветин.

Сликата, како што рече, ја работел повеќе денови, и е негова креација и идеја е. Вели дека откако ја созадал сликата, прво ја однел во црквата „Св. Јован Крстител“ во скопската населба Капиштец, а потоа пред редакцијата на „Нова Македонија“. Потсети дека соработува со најстариот весник во земјава „Нова Македонија“ и додаде оти златната рамка е од нив.

Цветин вели дека сликата утре на пладне ќе му ја предаде на бигорскиот старец и игумен, Епископот Партениј, за кога е предвидена и промоцијата на три книги.

Во Бигорскиот манастир утре напладне во организација на МаБиХ – Македонија ќе бидат промовирани книгите „Свештена бигорска обител“ и „Нашите празници“ од група автори, уредена од Вера Благојевиќ – Самарјанин и „Муабетење со умот“ од Нада Алексовска.

На поетско-ликовната манифестација по повод илјада години Бигорски манастир предвидено е да настапат доајенот на нашата забавна музика и кантавтор Драган Мијалковски со „Песна за Патрикот“, оперската певица Серафина Фантаузо, а ќе бидат прочитании делови од книгите.