Спомен на Преподобниот Наум Охридски во Бигорски

Славиме спомен на еден од темелите на Охридската Архиепископија – Преподобниот Наум Чудотворец

Во овој неделен ден си спомнуваме за великиот светилник, преподобниот подвижник, чудесниот учител и просветител, исцелител и чудотворец, неуморниот молитвеник и родоначалник на монашкото жителство кај Словените – светиот Наум Охридски. Навистина споменот на праведникот е со пофалби, претставува голема поткрепа, тивко пристаниште и одмор за народот кој плови по разбрануваното море на животот. Светиот денес нѐ собра да Му се радуваме на Воскреснатиот Христос, Кому сиот свој живот му Го посветил, Чиешто благовестие ги одржало вековите и екумената, ја воспитувала младината, ги умудрувала возрасните, ја издигнала цивилизацијата и духот човеков.

Колку е голем споменот на светиот чудотворец и преподобниот подвижник, Свети Наум Охридски! Неговиот гроб со векови е извор на утеха и исцеление за сите кои со вера и љубов му пристапуваат и силен застапник пред Бога за оние кои тргнале по патот на монашкиот живот. Тој е еден од темелните основи на славната Охридска Архиепископија, чија столица беше строшена и стотици години понижена, но денес веќе во радост и единство воведена.

Вистинско просветление и благодатна поткрепа за сите нас беше Архиерејското претстоење и тајноводство на бигорскиот старец и игумен, Епископот Антаниски г. Партениј, на овој богодоличен празник и литургиски собир, во кои монасите топло низ молитви си спомнуваа за својот родоначалник, охридскиот Чудотворец, Наум Преподобниот.

Нека благословот и застапништво на Преподобниот бидат со сите нас!