Вознесение Христово – празник на обожената човечка природа

Вознесението Христово е празник на неискажлива радост и надеж, ден кога Црквата го созерцува прославениот Господ, Кој со Своето Вознесение не се оддалечи од светот, туку ја воздигна нашата човечка природа во небесната слава. Во лицето на Богочовекот Христа, човекот за првпат седна оддесно на Отецот, откривајќи ја вечната смисла и предназначение на нашето суштествување.

Светите Отци нѐ учат дека Вознесението не е разделба, туку полнота на Божјото присуство. Христос се вознесува за светот да не остане врзан само за земното и минливото, туку да го насочи својот поглед кон небесното Царство. Оти, човекот е создаден не да животари во светот, туку да живее во Бога. Вознесението затоа е и повик кон наше духовно воздигнување, кон живот во слободата, молитвата и непрестајното стоење пред Лицето Божјо.

По повод овој голем Господов празник, во нашата свештена обител беше отслужен целиот празничен богослужбен круг, крунисан со Божествената Евхаристија, со којашто чиноначалствуваше нашиот возљубен Старец, Неговото преосвештенство, епископот Антаниски г. Партениј, во сослужение со браќата јеромонаси и јероѓакони. На особена радост за сите присутни, заедно со нас сослужеше и благочестивиот ѓакон о. Роман од Православната црква на Естонија, сведочејќи ја така духовната и евхаристиска поврзаност на православните во едната света, соборна и апостолска Црква.

Во молитвената атмосфера, исполнета со духовна светлина и спокој, сите верни го почувствуваа длабокото значење на овој спасоносен настан, тоа дека Христос го отвори патот на човекот кон вечноста, и дека нашата вистинска татковина е горе, во Царството на Отецот и Синот и Светиот Дух.

А кон тоа благодатно патување, односно враќање при Бога, наш неуморен патеводител и сигурен застапник е Апостолот на љубовата, светиот евангелист Јован Богослов, чијшто спомен денеска, по промисла Божја, се совпадна со Вознесението Спасителово. По неговите молитви, нека вознесениот Господ ги укрепи нашите срца во верата и личното искусување на Бога, давајќи ни сила и нам да го воздигнуваме умот и срцето кон небесното, каде што е нашата нелажна радост и непропадлива надеж.

Амин.