(Видео) Наречение на Бигорскиот Старец и Игумен Партениј за епископ Антаниски

На многаја лета, возљубен наш татко, новонаречен Епископу Антаниски, г. Партение!


Вие не Ме избравте Мене, туку Јас ве избрав вас и ве поставив да одите и род да принесете и родот ваш да остане… (Јован 15, 16)

Епископското служење е возвишен израз на апостолското преемство и продолжение на апостолската служба, без која нема вистинска Црква и кое со чистота на животот и во чисто исповедание на верата се извршува. Архиерејската служба е чест, но и тежок крст што епископот смирено го носи по патот на спасителниот подвиг, според примерот на Вечниот Првосвештеник, нашиот Господ Исус Христос, за исполнување на апостолското дело. Повикувајќи ги Своите ученици на проповед и осенувајќи ги со духовна власт, Христос вака ги поучи: Царевите владеат над народите а оние што управуваат над нив се викаат добротвори. Вие, пак, немојте така: но поголемиот меѓу вас да ви биде како најмалиот и тој, што е старешина, да биде како слуга (Лука 22, 25-26). Полагајќи ги тие зборови во основата на своето служење, епископот се труди да биде образ Христов, Негов духовен отсјај, кој насекаде ја јавува сострадалната љубов Христова – спасителна за сите. Според зборовите на апостол Павле, должен е на сите да им биде пример во сѐ и достојно да ја носи крстната служба, сораспнувајќи се со Христа. Тој како неуморен пастир треба непрестајно да бдее над своите овци, пазејќи ги да не застранат од патот на вистината и одново и одново да вели во срцето свое: Чеда мои, кои пак со маки ве раѓам, додека не се изобрази во вас Исус Христос…“ (Галат. 4,19).

Себлагата промисла на Оној, Кој по Својата неизречена милост човекољубиво устројува сѐ и Кој го повика токму на такво високо епископско служење нашиот возљубен Старец и Игумен, отец Партениј, ги собра во свештенолепниот бигорски храм почитуваните архиереи на нашата света Црква, возглавени од архипастирот, Архиепископот Охридски и Македонски г. г. Стефан, за да го возложат на него својот благослов и со своите молитви да ја симнат на него благодатта на архиерејството. Исправен пред овој величествен собор, под свештените сводови на Бигорското Светилиште, каде невидливо пребива духовното завештание на Претечата и под молитвената закрила на нашиот возљубен надлежен владика, Митрополитот Дебарско-кичевски г. Тимотеј, нашиот Старец, со смирен дух и послушност пред волјата Божја, ја потврди својата согласност да го прими на себе тој голем крст: Бидејќи Светиот Синод на Македонската православна црква благоволил да ме произведе во таква служба, благодарам, примам и не се противам, Блаженејши владико!

Овие зборови ги запечати умилното пеење на молбениот призив кон Светиот Дух и торжествениот возглас на тропарот на Педесетница. Во тој свештен миг следеше уште едно сведоштво на љубовта и братската поддршка на архијереите, кога Архиепископот ја прекрши просфората и им подаде на своите собраќа, присутни на свечената трпеза на љубовта, меѓу кои беше и новонаречениот епископ Антаниски г. Партениј. Преку ова послужение со леб и вино, во спомен на заедничарењето со Светите Дарови, кое беше поставено среде храмот, уште еднаш беше потврдена сеопштата согласност за изборот.

Потоа, на восхит на присутните што не можеа да присуствуваат во храмот, туку наречението го следеа во манастирскиот двор преку видео пренос, Архиепископот го ороси со света вода новиот епископ, облекувајќи го со сила одозгора. Најпосле, на вечерната богослужба што следеше, архиереите, како и присутните архимандрити, игумени, јеромонаси и свештеници кои сослужуваа, ги умножија свечените молитвени напеви со своите прозби кон Првоначалникот на верата Христос да го удостои нашиот Старец со Духот на премудроста и разумот, Духот на силата и познанието, Дух на благочестието и милоста, да ги залечи раните и надополни човечките слабости, за неговото служење да Му биде угодно на Господа, полезно за Црквата, спасително за народот Божји, а во слава на Светата и Живоначална Троица!

На многаја лета, возљубен наш татко, новонаречен Епископу Антаниски, г. Партение!


Наречение за епископ на игумен и старец Партениј (Livestream)