Се упокои во Господа јеромонахот Филотеј Дохијарски

Во неделата, на 31 октомври оваа година, ненадејно заспа во Христа јеромонахот Филотеј Дохијарски, добродетелен Божји слуга и работник на нивата Господова. Отец Филотеј беше голем пријател на нашата Црква и често пати доаѓаше во нашите цркви и манастири, вклучително и во Бигорската Обител. Тој беше јеромонахот кој во 2017 година ја донесе во Струмица прекрасната икона – копија на чудотворната икона на Пресвета Богородица „Скоропослушница“, од светогорскиот манастир Дохијар.


Отец Филотеј во посета на Бигорската Обител, март 2017 година.

Блаженоупокоениот јеромонах отец Филотеј Дохијарски е роден во Атина во 1963 година. Неговиот татко, Стилијан Пападопулос, е почесен професор на Богословскиот факултет во Атина. Отец Филотеј дипломирал на истиот факултет. Беше одличен познавач на византиската и на европската музика.

За монах бил потстрижен во 1985 година во светогорскиот манастир Дохијар, каде што се непрестајно се подвизуваше во љубовта Христова сè до неговото упокојување. Милозвучен и слаткогласен, тој беше протопсалт во хорот на неговата обител.

Нека нашиот Спасител и Воскресител, Господ Исус Христос, му подари добар рај, вселувајќи ја неговата душа во небесните обители!

Вечен му спомен!


Отец Филотеј (во средината) со дел од Бигорското братство, во Струмица, 12 март 2017 година.