Во Бигорски свечено отворена 39. Копаничарска колонија и 70. изложба на ЗКМАК

Во духовно-уметничкиот амбиент на Бигорската свештена обител, во самиот двор на манастирот, во саботата, на 9 мај, свечено беше отворена 39. Копаничарска колонија на Здружението на копаничари на Македонија – ЗКМАК, придружена со 70. изложба на разни дрворези. Настанот се реализиран со поддршка и соработка на Факултетот за дизајн и технологии на мебел и ентериер и Бигорскиот манастир, како уште едно значајно сведоштво за живото продолжување на традиционалната уметничка резба.

Главната цел на ЗКМАК е зачувување, негување и афирмирање на македонската копаничарска традиција – уметност којашто во нашиот народ не е само занает, туку и културна меморија, духовно наследство и израз на длабока творечка посветеност. Здружението, формирано во 1993 година, повеќе од три децении непрекинато ја одржува оваа благородна дејност преку изложби, колонии, едукативни активности и јавни претставувања на резбарското творештво.

Овогодишната изложба претставува 33 дела во плитка и длабока резба, изработени од 14 учесници од повеќе градови и места: Битола, Блатец, Кичево, Неготино, Охрид, Скопје, како и од Србија. Во самата колонија учествуваат десетина копаничари од Здружението, заедно со студенти од Факултетот за дизајн и технологии на мебел и ентериер, кои преку непосредна работа, разговор и практично искуство имаат можност поблиску да навлезат во тајните на оваа исклучителна уметност.

Колонијата ја отвори претседателот на ЗКМАК, г. Никола Михајловски, кој истакна дека за Здружението претставува особена чест што оваа манифестација повторно се одржува во Бигорскиот манастир – место длабоко поврзано со историјата и духот на македонското копаничарство. Тој изрази благодарност до нашиот старец и игумен, Неговото преосвештенство, епископот Антаниски г. Партениј, и до Бигорското братство, за нивната отвореност, благослов и гостопримство, како и до деканот проф. д-р Ѓорги Груевски, до Факултетот, до Лабораторијата за испитување мебел и до сите учесници и студенти кои придонесоа за организацијата и достоинственото одржување на настанот.

Во своето обраќање, деканот на Факултетот за дизајн и технологии на мебел и ентериер, проф. д-р Ѓорги Груевски, нагласи дека Факултетот со особена грижа ја негува оваа голема македонска традиција. Тој посочи дека резбарството и понатаму се изучува во рамките на наставниот процес, со јасна намера оваа уникатна уметничка дисциплина да не згасне, туку да се пренесува на нови поколенија. Особена благодарност упати до монашкото братство на Бигорскиот манастир, кое повторно овозможува колонијата да се одвива во овој исклучителен духовен и културен простор.

Од името на универзитетските претставници се обрати и проф. д-р Лазо Пендовски, проректор за финансии при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, кој ја истакна поддршката на Универзитетот за вакви културни и образовни активности. Тој нагласи дека резбарските дела сведочат за огромна внатрешна сила, творечка храброст, трпение и умешност – вредности преку кои еден народ го гради и го чува своето културно богатство. Воедно изрази благодарност до владиката г. Партениј и Бигорскиот манастир, до Факултетот и до организаторите, посакувајќи оваа благородна работа никогаш да не прекине, туку сè повеќе да се развива и да привлекува нови поколенија творци.

Во името на домаќините, на отворањето, на присутните им се обрати архимандритот Доситеј, пренесувајќи го поздравот и благословот на нашиот старец, епископот г. Партениј, кој во саботата беше на пат. Тој потсети дека Бигорски е природен дом на копаничарската инспирација – место каде што славниот Петре Филиповски – Гарката го оставил своето највеличествено дело, бигорскиот иконостас, и место каде што самиот Гарката, како син на овој крај, духовно и творечки се чувствувал дома. Токму затоа, рече тој, присуството на копаничарите во Бигорски не е само културен настан, туку и враќање кон изворот, кон живото предание, кон просторот каде што молитвата, уметноста и трудот се среќаваат во едно заедничко сведоштво.

Со благослов и молитвена желба Бог да ги води рацете на творците, да им дарува прецизност, вдахновение и радост во работата, архимандрит Доситеј ја прогласи колонијата за отворена.

На тој начин, Бигорскиот манастир повторно стана отворена работилница на духовноста и уметноста – место каде што дрвото, под рацете на мајсторите и младите ученици, се преобразува во сведоштво за убавината, трпението и живото наследство на македонската резба.

Денеска, пак, колонијата и изложбата лично ги посети и нашиот почитуван старец, владиката г. Партениј, кој со особена срдечност ги поздрави присутните копаничари, професори, студенти и љубители на оваа благородна уметност. Како човек кој со длабока чувствителност ја љуби уметноста, духовното творештво и секој труд што ја открива убавината на човековата душа, Владиката ја изрази својата искрена радост што Копаничарската колонија повторно се одржува токму во Бигорски – во просторот каде што резбата не е само уметнички израз, туку и молитвено предание, жива историја и духовен белег на нашиот народ. Со внимание и радост ги набљудуваше работните активности на учесниците, се задржа пред изложените дела, споделувајќи ги своите лични впечатоци за нивната убавина, прецизност, симболика и творечка сила. Во топла и непосредна средба, тој разговараше со секого поединечно, заблагодарувајќи им се за нивниот труд, љубов и присуство, охрабрувајќи ги и вдахновувајќи ги да продолжат со уште поголема посветеност да го чуваат, развиваат и пренесуваат ова скапоцено наследство на македонското копаничарство.

Историјата на колонијата е нераскинливо сврзана за Бигорскиот Манастир. Првата колонија се одржала токму тука, од 3 до 10 јуни 1994 г., а во периодот 1994–2000 во Бигорски се одржаа седум последователни годишни сесии. Оттогаш колонијата продолжи да гостува и во други места (Согле, Смилево, Папрадиште, Велешко и др.), градејќи мост меѓу различни резбарски средишта во земјата. Со овогодишното издание, ЗКМАК свесно се навраќа на изворот, пред бесценетото дело на Гарката, чиишто извонредни резбарски вештини, поезијата на формата и тајните на умешноста и денес се учебник за секој што зема длето в рака.