Меѓународен симпозиум за Старец Емилијан Симонопетриски

Во Атина, денеска, 8 мај 2026 година, во свечена и длабоко духовна атмосфера, започна Меѓународниот теолошки симпозиум посветен на блаженоупокоениот Старец Емилијан Симонопетриски, еден од најголемите обновители на современото светогорско монаштво и духовен отец, чијшто збор и живот оставија неизбришлива трага во православниот свет.

Симпозиумот, кој се одржува во пространиот „Christmas Theater“, носи наслов: „Спомен и чест на Старецот Емилијан Симонопетриски: сведок на славата Божја и водач во Духот“, а го соорганизираат Свештената Велика Обител Ватопед и Свештената Обител Симонопетра од Света Гора, со содејство на Свештениот манастир Благовештение на Пресвета Богородица – Ормилија, Институтот „Свети Максим Грк“ и фондацијата „Ормилија“.

Собирот е посветен на личноста на Старец Емилијан, човек кој сиот свој живот го принесе во подвиг, молитва и пастирско служење, покажувајќи дека вистинската духовна обнова никогаш не е отстапување од преданието, туку враќање кон неговата жива, светоотечка и благодатна полнота.

На покана на игуменот на Свештената Обител Симонопетра, Старец Елисеј, и на организаторите на симпозиумот, меѓу присутните беше и нашиот возљубен Старец, Неговото преосвештенство, епископот Антаниски г. Партениј, кој допатува на овој значаен духовно-богословски собир со благослов на нашиот почитуван архипастир, Неговото високопреосвештенство, митрополитот Дебарско-кичевски г. Георгиј.

На отворањето присуствуваа Архиепископот Атински и на сета Грција г. г. Јероним, Митрополитот Филаделфиски г. Мелитон како претставник на Неговата Сесветост, Вселенскиот Патријарх г. г. Вартоломеј, министерката за образование, верски прашања и спорт на Грција, г-ѓа Софија Захараки, како претставник на премиерот, Митрополитот Диосполски г. Емануил како претставник на Александриската Патријаршија, Митрополитот Билски и Ботриски г. Силуан како претставник на Антиохиската Патријаршија, Митрополитот на Западна Америка г. Максим како претставник на Српската Патријаршија, претставници на Свештената Заедница на Света Гора, како и бројни архиереи, игумени, игумении, монаси, монахињи, богослови и верници.

Работата на симпозиумот ја отвори заменик-генералниот директор на фондацијата „Ормилија“, г. Клеантис Низамис, кој истакна дека овој собир е плод на заедничка духовна визија на двете светогорски обители – Ватопед и Симонопетра – со благословеното содејство на Ормилија. Тој нагласи дека Старец Емилијан на чудесен начин ги соединил молитвата, исихијата и пастирската грижа, а како круна на неговата духовна мисла ја посочи радоста – не како површно чувство, туку како благодатна состојба што инспирирала множества монаси и мирјани.

Потоа хорот на монахињите од Свештениот манастир Благовештение на Пресвета Богородица – Ормилија исполни воскресни химни и други православни песнопенија, внесувајќи во салата тивка пасхална светлина и молитвена убавина.

Свеченото отворање на симпозиумот го прогласи Архиепископот Атински и на сета Грција г. г. Јероним. Во своето слово, тој истакна дека Старец Емилијан навистина бил „сведок на славата Божја и водач во Духот“ во текот на целиот свој живот. Осврнувајќи се на неговиот животен пат, Архиепископот нагласи дека грижата, духовната мисла и подвигот на Старецот дале пресуден придонес во едни навистина тешки времиња за монаштвото. Според него, едно од најсуштинските обележја на Старец Емилијан бил секојдневниот труд и подвиг за духовно напредување – не само на самиот себе, туку и на братствата и верниците што му биле доверени.

Во продолжение, Митрополитот Филаделфиски г. Мелитон го прочита патријаршиското послание на Вселенскиот Патријарх г. г. Вартоломеј. Во него беше нагласено дека Старец Емилијан одиграл особена улога во повторното оживување и духовно устројување на општежителната традиција во Свештената Обител Симонопетра. Вселенскиот Патријарх го нарече Старецот „мерка на духовна точност“ и „раководител на многу души“, изразувајќи уверување дека симпозиумот ќе ги расветли многубројните аспекти на неговата личност и неговото духовно наследство.

Министерката Софија Захараки, обраќајќи се во име на грчкиот премиер, ја истакна почитта и поддршката на државата кон Света Гора, нагласувајќи дека односот меѓу Црквата и државата треба да се гради врз поддршка, дијалог и институционален континуитет. 

Политичкиот управител на Света Гора, г. Алкивијадис Стефанис, говореше за поимот на духовното раководство, како што се открива во личноста на Старец Емилијан. Тој нагласи дека вистинското раководство не е власт, туку одговорност и служење; не се темели врз сила, туку врз доверба и вдахновение. Според него, Старец Емилијан покажал дека духовниот водач не оди пред другите поради положбата што ја има, туку поради моралната и духовната висина на својот живот. Споменот за него, како што беше речено, не му припаѓа само на минатото, туку и на сегашноста и иднината на Црквата и општеството.

Митрополитот Диосполски г. Емануил, пренесувајќи го поздравот на Александриската Патријаршија, го опиша Старец Емилијан како радосен и воскресен човек, љубител на Бога, образец и пофалба на монасите. Говорејќи и од лично искуство, тој истакна дека Старецот со својот живот го осветлил животот на Света Гора.

Од името на Антиохиската Патријаршија, Митрополитот Билски и Ботриски г. Силуан го прочита поздравното слово од Антиохискиот Патријарх г. г. Јован, во кое беше нагласено дека Старец Емилијан ја обновил Симонопетра не само надворешно и градителски, туку пред сè духовно. Неговата пастирска грижа, како што беше истакнато, не се ограничила само на Света Гора, туку се пројавила и преку духовното раководење на сестринството во Ормилија. Во словото беше спомнат и тешкиот крст што го носат верните на Блискиот Исток, при што беше потсетено дека Старец Емилијан учел оти Црквата оди со својот Крст кон Воскресението. Беше посочено и дека дел од неговите дела веќе се преведени на арапски јазик.

Митрополитот на Западна Америка г. Максим, говорејќи во име на Српскиот Патријарх г. г. Порфириј, се осврна на учењето на Старец Емилијан за молитвата. Тој нагласи дека Старецот ја разобличувал современата заблуда според која молитвата се сведува на техника за самоподобрување. Напротив, молитвата, според духот на Старецот, е влегување на човекот во просторот на Бога. Духовниот живот не е романтична расположба, туку подвиг, борба и реално преобразување на човекот. Особено беше истакната неговата длабока проникливост во суптилните опасности на духовниот живот, меѓу кои и опасноста духовноста да се претвори во надворешна религиозност.

Во име на Свештената Заедница на Света Гора се обрати Старец Никодим од манастирот Свети Павле, кој нагласи дека со овој симпозиум се открива духовниот лик и заветот на една од најистакнатите личности на светогорското монаштво. Тој го нарече Старец Емилијан вистински учител на животот во Христа, човек чиј збор произлегувал од длабока црковност и кој инспирирал многубројни духовни чеда. Свештената Заедница, како што истакна, со благодарност се сеќава на неговиот придонес во животот на Света Гора и на неговата верност кон вековните начела и преданија на Атон.

Свое поздравно слово упати и Митрополитот Касандриски г. Никодим, кој рече дека Старец Емилијан неуморно се трудел во лозјето Господово, стремејќи се најдостојно да одговори на својата духовна мисија. Тој нагласи дека Старецот основал вистински „училишта на добродетелта“, кои и денес зрачат со светост.

Митрополитот Стагонски и Метеорски г. Теоклит се осврна на обновата на монаштвото во Метеорите, кое во шеесеттите години на минатиот век било во опаѓање. Токму тогаш, како што рече, Пресвета Богородица Метеоритиса го повикала Старец Емилијан, преку кого монашкиот живот таму повторно оживеал. Со благодарност и почит, Митрополијата Стагонска и Метеорска го спомнува како човек преку кого Бог повторно го разгорел монашкиот пламен.

Посебно лично и трогателно сведоштво даде Митрополитот Коронејски г. Пантелејмон, кој бил другар со Старец Емилијан уште од гимназиските години. Тој се присети на нивната блиска врска и на првите монашки чекори на идниот велик духовник.

По поздравните обраќања следеше воведното предавање на игуменот на Свештената Обител Симонопетра, Старец Елисеј, под наслов: „Елементи од животот и подвигот на Старец Емилијан“. Старец Елисеј нагласи дека овој симпозиум бил заеднички сон на Старец Ефрем Ватопедски, на Симонопетра и на Ормилија. Со особена благодарност ја истакна улогата на Старец Ефрем, без чиј придонес, како што рече, овој собир не би можел да се оствари.

Игуменот Елисеј посочи дека целта на симпозиумот е да се покаже духовниот завет на Старец Емилијан кон современото монаштво и кон поширокиот православен свет. „Никој сам не може да го изрази Старецот, но сите заедно можеме“, истакна тој.

Во едно од највпечатливите места од своето слово, Старец Елисеј рече дека животот на Старец Емилијан наликувал на многупреклопената игуменска мандија: секоја негова преклопка била пројава на Христовото лице. Игуменската мандија, според неговите зборови, навистина покривал еден сведок-маченик на Црквата. Говорејќи со голема духовна смелост и љубов, Старец Елисеј нагласи дека Старецот се соединил со Христа и дека во неговото присуство се чувствувало Христовото присуство меѓу браќата.

Во своето предавање тој се осврна и на семејното потекло на Старец Емилијан, на неговиот дедо Александар, на неговите родители и на неговата баба, која подоцна била замонашена со името Евдоксија. Посочи дека неговата личност се обликувала низ тешкотиите на првата половина од XX век и дека уште од младоста бил одликуван со длабок копнеж за изучување на Светото Писмо, Псалтирот и Синаксарите на светителите од изворните текстови.

Потоа слово произнесе игуменот на Свештената Велика Обител Ватопед, Старец Ефрем, на тема: „Старец Емилијан како трезвеноумен општежителен отец“. Тој истакна дека проучувањето на делата на Старец Емилијан е едно од најсложените и најодговорни дела во современата православна теологија, бидејќи неговата богословска мисла не е обично повторување, туку повторно откривање на светоотечкиот опит.

Старец Ефрем го нарече Старец Емилијан возобновител на монаштвото во XX и XXI век и нагласи дека неговото присуство во духовниот живот на Света Гора било од пресудно значење. Според него, Старецот ја направил традицијата не механичка имитација, туку егзистенцијален настан – жив опит на човекот во Христа.

Предавањето на Старец Ефрем беше посветено на три теми: исихазмот, општежителниот начин на живот и нивната внатрешна синтеза. Тој истакна дека кај Старец Емилијан исихазмот и општежитието не се две одделни реалности, туку една единствена духовна целина. Затоа го нарече „совршен општежител“ и „совршен трезвеноумен киновијарх“. Особено силно одекна неговата мисла дека „општежитието без исихија станува општествен компромис, а исихијата без општежитие може да заврши во духовна прелест“.

Старец Ефрем нагласи дека за Старец Емилијан општежителниот живот не е само рамка за подвиг, туку начин на постоење во Христа. Братството не е обична социјална група, туку тело што го пројавува Телото Христово. Затоа братот, според духот на Старецот, е патот кон Бога. Преку братот, преку послушанието, молитвата, литургискиот живот и заедничкото живеење, Бог се открива во срцето на човекот.

По завршувањето на предавањето на Старец Ефрем, беше прикажан дел од документарниот филм на Марија Јахнаки, посветен на животот и духовниот лик на Старец Емилијан.

Овој симпозиум, посветен на Старецот кој ја обликуваше духовната физиономија на современото православно монаштво, не претставува само академско сеќавање на една голема личност од минатото. Тој е живо сведоштво дека зборот на светите и духовно опитните луѓе продолжува да ја храни Црквата, да го осветлува монаштвото и да им покажува на сите верни дека патот кон обновата секогаш минува низ молитвата, послушанието, покајанието, радоста и живото предание на Црквата.