Шарениот свет на јубилејниот „Мал Битолски Монмартр“ во Бигорски

Во благословената мајска убавина, кога Бигорската свештена обител дише во спокојот на молитвената тишина, и оваа година манастир на Чесниот Претеча, по благослов на нашиот почитуван старец и игумен, епископот Антаниски г. Партениј, стана дом на младешката радост, на бојата, на линијата, на формата и на чистото детско восхитување пред убавината. Во рамките на јубилејното 45. издание на светската детска ликовна колонија „Мал Битолски Монмартр“, млади уметници од повеќе земји и култури од светот, повторно пристигнаа во Бигорски, за преку различни ликовни техники и со својот непосреден творечки израз да ја доловат неговата духовна, природна и архитектонска убавина.

Оваа значајна меѓународна манифестација, родена од Детското ликовно студио „Св. Кирил и Методиј“ – Битола, веќе со децении претставува светол мост меѓу народите, јазиците и културите. Со љубов и посветеност го негува детскиот ликовен талент и го отвора македонскиот културен простор кон светот. Таа не е само колонија на млади таленти, туку и школа на пријателство, почитување и творечка слобода, каде што детската искреност станува уметничко сведоштво за убавината на светот.

Во Бигорски, творечкиот порив доби особено возвишена рамка. Манастирската архитектура, конаците, каменот, дрвото, тремовите, храмот и планинскиот амбиент, пред младите уметници се открија како жива книга на убавината. Секој од нив, според својата возраст, талент и внатрешно чувство, се обиде да го долови она што не се гледа само со очите: мирот на Светилиштето, достоинството на просторот, светлината што тивко паѓа врз ѕидовите и онаа особена духовна атмосфера што Бигорски ја носи како печат низ својата илјадагодишна историја.

Со своите штафелаи, четки, тушеви, пастели и рапитографи, младите творци го исполнија манастирскиот двор со уметничка работна радост. Детски лица сосредоточени пред убавината, раце што внимателно ја следат линијата на архитектурата, очи што забележуваат детали што често им бегаат на возрасните, и срца што на свој начин го примаат благодатниот набој на местото.

Посебна радост за учесниците беше и срдечната средба со возљубениот ни Старец, владиката г. Партениј – човек кој длабоко ја чувствува и ја љуби уметноста, особено кога таа извира од чистото детско срце. Тој со татковска љубов ги благослови делата на младите уметници и ги поздрави нивните наставници и организаторите на колонијата.

На крајот од работниот ден, стручната жири-комисија ги издвои најуспешните дела создадени во Бигорски, вреднувајќи ја прецизноста во реалистичниот приказ, личната перспектива на младите автори и нивната способност да ја претстават манастирската архитектура преку сегменти, детали и сопствено уметничко доживување. Наградите беа доделени на:

Вукан Словиќ од Белград, Србија – за дело изработено во техника темпера;

Зејнеп Бејза Алтунтас од Трабзон, Турција – за дело изработено во техника туш;

Мара Мона Стојановиќ од Цетиње, Црна Гора – за дело изработено со рапитограф;

Нг Суи Хин Цедрик од Хонг Конг, Кина – за дело изработено во техника сув пастел.

Но, ваквите настани не се мерат само со награди; оти наградите, колку и да се радосни и заслужени, се само мал знак на благодарност кон трудот. Многу поголема од секоја награда е радоста што овие деца беа дел од еден шарен свет на бои и форми, од една меѓународна градина на талент, љубов и пријателство. Во тој свет секое дете има свое место, секој труд има своја вредност, секој обид е чекор напред, а секоја творба, без разлика дали е наградена или не, е сведоштво дека во младото срце живее неисцрпна сила за убавина.

Јубилејното 45. издание на светската детска ликовна колонија „Мал Битолски Монмартр“ се одржува од 23 до 30 мај 2026 година, со свечено отворање во Офицерскиот дом во Битола.

На овогодишната колонија учествуваат делегации од петнаесет земји: Албанија, Босна и Херцеговина, Бугарија, Израел, Индија, Кина – Хонг Конг, Малезија, Полска, Северна Македонија, Словачка, Србија, Турција, Хрватска, Чешка и Црна Гора. Нивното присуство го претвори јубилејниот „Мал Битолски Монмартр“ во вистинска мала светска заедница на детската уметност, каде што различните јазици, традиции и култури се сретнуваат во една заедничка љубов – љубовта кон убавината, творештвото и пријателството без граници.

Нека јубилејниот „Мал Битолски Монмартр“ продолжи да вдахновува генерации млади уметници ширум светот, а Бигорската свештена обител секогаш да остане отворена прегратка за секое срце што ја бара убавината, добрината и светлината.