Богојавление – Божествено просветление

Црквата денес одново победоносно ги повикува своите верни на небесно торжество. Ова е денот на Светлината, денот на славното Крштение на Господа, денот на Просвештението кое го примивме од Светлината незаодна, заради Која од мракот на страстите се издигнавме. Тајната на Троичното Божество денес одново ни се објави, потсетувајќи нè дека сè што имаме, сè што примивме како дар одозгора – личното преображение, воскресение и обновување – е дар од Него и заради Него. Нова радост, просветување од висините. Длабините на срцата со очистителна благодат се исполнуваат и луѓето во синовска заедница со Бога влегуваат. И откако претходно бедата на целосно отуѓување од Бога ја почувствувавме, та завлечени во водите на гревот потонавме, сега со водата на просвештението се измивме, бидејќи во неа телото на Самиот Господ на Славата се потопи, Кој нè изми, нè освети, го изврши делото на нашата мистична обнова во Бога. Длабока и прекрасна е оваа тајна! Умот човечки пред неа замолкнува, Ангелите се восхитуваат, но и самите тие тајната на Просвештението не ја разбираат. Зашто, како што нашето создавање од Бога е најголемата тајна на љубовта, на неизмерната Негова добрина, така и тајната на нашето повторно раѓање преку крштевањето е таинство, пред кое скрушено и со почит се поклонуваме.

Ете, и оваа година, повторно радоста на овој необично светлозрачен ден ги собра верните, најпрвин во велелепниот храм на Богородица, што како најпрекрасен украс се издига над реканското село Ростуше, симфониски слевајќи се со целокупното природно опкружување. А таму, нежно прегрнат од Пречистата Мајка на сите, нашиот возљубен Старец и владика, Епископот г. Партениј, озарен со благодатта на овој празник, отслужи архиерејска Литургија, на која присутните Го примија благословот на причестувањето со Христа. Едното таинство го надополнува другото. Колку што е чудесна и животворна тајната на светото причестување, во која Он целосно почива, вршејќи очистување, осветување и обожение, исто толку чудесна и дејствителна за нашето спасение е тајната на Божественото Крштение. Затоа, соединети со Христа, во Кого денес Троичното Божество ни се објави, верните во торжествена литија се упатија кон водите на ледената Радика за да се измијат и да го примат Троичниот благослов. Прекрасно беше да се види како најхрабрите и најиздржливите меѓу нив, трпеливо и со длабока побожност го очекуваа доаѓањето на свечената процесија, која најпосле се спушти до Ростушкиот мост, каде низ умилниот молитвен глас на епископот Партениј беше извршен чинот на осветување на водите. Светиот крст кој во нив беше положен го извлече Борче Јанев од Свети Николе, кој како благослов на дар од нашиот Старец добри икона на Светото Богојавление, зографисана од нашето братство, а од градоначалникот на општината Маврово-Ростуше г. Медат Куртовски доби на подарок телевизор. Господинот Самир Ајдину му подари лаптоп, а свој поклон подари и нашиот долгогодишен пријател г. Хари Локвенец.

„Да Му дозволиме, мили мои, на Христос Бог да ги допре нашите срца, та да продрат во него зраците од просвештението од Триединиот Бог, да нѐ просветли, да станеме Негови проповедници и благовесници. Како удостоени да бидеме родени и крстени во Вистината, имаме голема одговорност правилно да сведочиме за неа. Да ја чуваме, со знаење и со дела, нашата богооткриена вера во триединиот Бог како најсвето нешто, бидејќи таа ни е одежда за влез во Царството Небесно.

За многу години! Добро просвештение на сите!“ (Епископ г. Партениј)

Богојавление во Ростуше и на Радика (2022)