Водокрст во Бигорски

Веќе неколку дена Црквата ги повикува своите верни чеда да „одат и нацрпат вода од источникот на спасението“, за да ги подготви луѓето за големото Таинство, како што се нарекува чинот на осветувањето вода на празникот Богојавление… Со прекрасни песни и пророчки слова таа сака да ја трогне душата, прикажувајќи чудесна глетка на која со трепет се восхитуваат и силите ангелски: како „Оној Кој ја обеси земјата на водите“ Го примаат речните води; како „Оној Кој го облекува небото со облаци“ е облечен во водите Јордански; како Самиот Творец на родот човечки се соблекува, за да ја покрие голотијата Адамова и да го облече во нова и светла облека на духовен препород, за со таа облека да ја стопли душата на паднатиот човек, оладена од студот на страстите… Водата Господ ја осветува, за ние, кои сме облечени во тело, преку видливото оросување на телото со вода, полесно да ја подготвиме душата за оросување со Светиот Дух. Тоа осветување треба да продре длабоко, во внатрешното битие на човекот…

                                                                                                                                (Свештеномаченик Тадеј Успенски)

Вакви благодатни призиви за миење на душата низ покајание и нејзино молитвено подготвување за Богојавленското Таинство на оросување со Светиот Дух, таинствено и тивко ја пронижуваа сеноќната богослужба во Бигорското Светилиште, каде и оваа година, покрај многуте придојдени гости, традиционално се собраа верните од сите околни села на Мијачијата.  Тие, предводени од своите кумови, пристигнаа во Манастирот, за да земат учество во бдението и уште еднаш да Му искажат верност на Христос, преку традиционалното врзување на крстовите. Нашиот најсакан Старец, пак, Епископот Антаниски г. Партениј, ги искажа своите размисли за претстојниот голем Празник, внесувајќи ги присутните во суштината и длабочината на Богојавленскиот водосвет и на смиреното Крштение на нашиот благ Господ од раката на Својот слуга, Свети Јован Крстител:

Да Му благодариме, мили мои, од сето срце на Бога што, еве, нè удостои, во навечерието на големиот празник Богојавление, да го отслужиме ова прекрасно богослужение. Според типикот на Црквата, на самиот ден Водопост, кога се осветуваат водите, спроти Богојавлението Господово, Вечерната празнична богослужба се служи заедно со Василиева Литургија. Ние во Манастирот имаме пракса ова богослужение да го извршуваме утрото на Водопост, заради традицијата наречена „врзување на крстови“, односно доаѓањето на кумовите од околните села, кои така ја потврдувале својата вера во Крстот Господов во тешките времиња, а и сега ја потврдуваат. Господ и оваа година нè почести со Својата милост да ја посведочиме оваа прекрасна традиција, којашто, за наша голема радост, нè згаснала и до наши дни. Духовно се радуваме на големото празненство на Божјото јавување и на нашето заедничко славје. Навистина, ме радува тоа што некои од кумовите на крстот останаа во храмот целата вечер и со трпение и молитва учествуваа во Светото богослужение.

По завршетокот на Литургијата, во манастирската фијала ќе го извршиме чинот на Големиот богојавленски водосвет, со што водата ќе биде осветена. Иако по својата суштина водата е вештествена, материјална, таа, откако врз неа ќе слезе благодатта Божја, ќе се здобие со духовни својства, ќе стане чудотворна, лековита. Што, всушност, се случува при осветувањето на вода? За време на водосветот Самиот Христос, на таинствен начин, преку крстот ги испраќа Своите несоздадените Божји енергии, така што водата се здобива и со божествени својства. Сведоци сме колку чудотворна и исцелителна моќ има Богојавленската вода и колку е голем нејзиниот култ кај верниот народ. Не е многу далеку времето кога, во недостиг на лекарства и лекови, нашите побожни баби и мајки ги лекувале своите болни деца со тоа што ги оросувале и им давале да пијат од водата осветена на Богојавление и по нивната вера се случувало чудо.

Симболиката на водата е чистотата. Затоа велиме дека со Крштевањето во Јорданските води Христос го очистува и го осветува извалканото човештво. Да го замислиме гревот како еден вид интензивна и мошне отровна боја. Кога таа боја ќе се истури во водата, тогаш сета вода ги губи своите поранешни својства и станува бојадисана и отровна. Господ Христос доброволно дојде на Јордан, за да го очисти човекот од гревот, да ја впие сета таа отровна боја од водата и повторно да ја направи чиста. Со тоа, на човекот му даде можност да се измие и да биде очистен. За време на Светата тајна Крштение, којашто е, всушност, лично Богојавление на секој човек, свештеникот го потопува босилекот во купелот со осветената вода и го оросува новокрстениот со зборовите: „Се оправда, се просвети, се очисти, се изми со името на нашиот Господ Исус Христос и со Духот на нашиот Бог“.

На празникот што ни претстои ни се открива целта на Божјиот Домострој за спасението на човештвото. На него, на светот му се откри целото Триипостасно Божество. Затоа празникот се нарекува Богојавление: на реката Јордан, воплотениот Син Божји се крштава од Свети Јован Крстител, Бог Отецот се посведочува Себеси со силен глас: Овој е Мојот возљубен Син, Кој е по Мојата волја! (Матеј 3,17) – а Светиот Дух снисходи врз главата Христова во вид на гулаб.

За восприемањето на овој голем настан, на оваа несфатлива тајна на јавувањето на Троичниот Бог, неопходна е претходна подготовка од наша страна, очистување на нашиот внатрешен духовен вид. Тоа грижливо ни го покажува и на тоа нè повикува нашата Мајка, Црквата. Денес на Светата Литургија чувме од Евангелието за настанот што му претходи на доаѓањето на Господ Исус Христос на реката Јордан, а тоа е крштавањето од страна на Свети Јован Крстител и на неговата проповед за покајание. Познати се неговите зборови со кои го повикувал народот: Покајте се, зашто се приближи Царството Небесно! (Матеј 3,2) Покајанието е, значи, неопходниот фактор за правилно и суштинско доживување на Празникот и за примање на Божјата благодат од него.

Интересно, на Свети Јован никој не му кажувал кој е, што е, од каде е. Самиот тој знаел што носат во себе луѓето кои доаѓале кај него. Според неговите зборови забележуваме дека имало две категории на луѓе кои доаѓале на реката Јордан. Кон првата категорија Крстителот се обраќа со зборовите, велејќи: Породи змиини, кој ве научи да бегате од гневот што ќе дојде? Но, створете плодови достојни за покајание и не почнувајте да зборувате во себе: „Авраам е нашиот татко!“ Зашто ви велам дека Бог може и од овие камења да издигне чеда на Авраама (Лука 3,7-8) Кои биле тие? Искушувачите – првосвештениците, фарисеите, книжниците – кои од љубопитство сакале само да видат што се случува на Јордан и кој е човекот што се појавил и за кого народот велел дека е силен на збор и на дело, како Свети Илија. Тие добро знаеле од Свештените Писанија за најавеното доаѓање на Месијата, но кај нив месијанската идеја била сосема искривена. Свети Јован го препознавал нивното лицемерие, чувствувал дека не доаѓаат кај него со искреност и со покајание, туку со скриени намери и со завист.

Втората, пак, категорија на луѓе се состоела од: цариниците, војниците, блудниците, грешниците… Тие, во искреноста своја, не испитувале со лукавство, ами гледале дека пред нив стои човек, навистина праведен и чудесен, Божји човек, па затоа и барале совет од него и го прашувале што треба да прават. Свети Јован ги почувал да бидат добри, сострадални, милосрдни, та да можат да станат причесници на големата Божја благодат што имала да блесне во Светот и да Го спознаат Крштеваниот во Јордан, Кој дојде да го спаси Светот, да ги спаси нив; да Го спознаат Него, Кој се облече во човечко тело, за да им се приближи на луѓето, да стане едно со нив.

Првата категорија на луѓе ќе бидат тие коишто ќе Го распнат Христа, а вторите, покајаните грешници, тие кои ќе Го примат Христа, ќе поверуваат во Него, ќе ја усвојат Тајната на спасението и ќе врват во неа. На Голгота, тие ќе Го препознаат Словото Божјо во Распнатиот, Кој ќе ги рашири рацете Свои за да го прегрне човештвото.

Па така, мили мои, гледаме колку е важно и суштествено човек да има смирение и искреност. Да го согледа својот грев и да побара лек, да проси од Бога да му открие начин како да се очисти и да се спаси. Тој начин, секако, бидува во Црквата. Методот на спасението ни го покажа Христос; Он ни го потврди патот со Своето смирение. Зашто, Он, иако Бог, како што говори Апостол Павле, не го сметаше за грабеж тоа што е еднаков со Бога; но Сам Себе се понизи, земајќи лик на слуга, се изедначи со луѓето и по изглед се покажа како човек; Сам Себе се понизи, послушен сè до самата смрт, и тоа смрт на крст (Филип. 2,6-9). Црквата, значи, сакајќи да нè подготви за Тајната на овој голем празник на Божјото јавување, денес нè потсети дека треба да бидеме смирени, да се вброиме во втората категорија на луѓе кои доаѓале при Јована Крстителот во покајание, барајќи совет од него. Тој, пак, им велел дека Оној Кој доаѓа по него е поголем од него, бидејќи Тој ќе ве крсти со Дух Свети и со оган (Лука 3,16) – значи со благодатта, со духовната сила што ја добиваме на крштението. Меѓутоа, доколку живееме немарно ние ја изгонуваме од себе таа чудесна сила и потребно ни е ре-крштение, повторно крштевање. Покајанието е, всушност, тоа второ крштение, бидејќи покајничките солзи излеани од срцето во смирение го очистуваат човека од гревовната нечистота. Тоа покајничко крштение ни е потребно на сите. Паднати во гревови и заробени во страсти, ние сме оддалечени од Бога; помеѓу нас и Него има ѕид што нè спречува да Го гледаме и да општиме со Него. Затоа, да собереме сили за нов почеток, да започнеме еден нов живот во Христа, и Он Кој е љубов, радо ќе ја пресретне нашата добра намера и искреност и ќе нè очисти преку покајанито, повторно ќе нè направи Свои собеседници и сопричесници.

Повторно да Му заблагодариме на Господа што во ова навистина тешко време, кога луѓето од нашето опкружување се наоѓаат во големо притеснение и страв, ние сме собрани овде на Светата Литургија, се молиме заедно и Го славиме Бога. Да знаете дека тоа е навистина најголема привилегија. Му должиме огромна благодарност на Господа што го чува овој наш свет Манастир, оваа наша Јорданска пустина каде што веќе илјада години се слуша повикот на Свети Јован за покајание и безброј души го слушнале и го прифатиле тој повик, се спасиле и се обожиле. За нашиот народ и особено за мештаните што ги имаме малку вечерва, ова Светилиште е нивно срце. Додека Манастирот живее, ќе живее и овој крај. Оти, токму тој го одржал Христијанството и нашата култура во овој крај. Затоа, ве молам да им пренесете и на другите кои не се присутни овде, или ретко доаѓаат, дека треба повеќе да се трудат околу верата, да живеат вистински православен живот. Не само формално да ги празнуваме празниците, зашто тоа не е суштината на празникот. Празнувањето не се состои во пиењето, јадењето и во препивањето, туку во покајанието, во преумувањето, во тоа на правилен начин да им ја пренесеме православната вера на ближните и на идните генерации, за и тие да станат автентични Божји луѓе, просветлени потомци на нашите славни предци и духовни великани. Имено, иако живееле во неподносливо тешки времиња, предците наши умееле да градат вакви убави храмови, манастири, училишта, бидејќи, пред сè, нивните срца биле Црква во која пребивал Христос. Самите тие биле Црква, па затоа и граделе вакви велелепни зданија.

Би сакал да ве замолам вас, нашите драги соседи, жители на овие славни села и вие кои водите потекло од нив, да не ги заборавате монасите. Зашто, доколку ги нема овие прекрасни богољубиви души кои оставиле сè, за да дојдат и да живеат овде, да се грижат за Светињата – тогаш што би бил Манастирот? Само едно мртво дело. Низ сета историја душата на Манастирот биле тие кои го слушнале гласот на Свети Јован за покајание и за приближувањето на Царството Небесно и за тоа Царство тие биле подготвени да остават буквално сè во овој живот – нешто што претставува голема тајна. Иако и јас сум монах повеќе од 26 години, сепак, монаштвото за мене до ден денес останува една голема и докрај неоткриена тајна. Секогаш самиот се чудам колку е силен и чудесен тој Божји глас што ги повикува монасите и тие оставаат сè. А оставаат навистина многу. Има луѓе кои велат дека лесно е да се биде монах, да се живее в манастир; дека наводно монасите не се лишуваат од ништо… Меѓутоа, кога веќе размислуваат така, зошто не дојдат овде за и самите да искусат како е да се поживее в манастир како монах, барем една година? Впрочем, многумина сакале и пробале да станат монаси, но си заминале, не успеале. Зошто не успеале, ако не се лишени од ништо? Бидејќи, за монаштво треба храброст. Каква сопственост има монахот? Една тесна ќелија, па дури ни таа не е негова. Што друго? Нема ништо свое.

Па така, мили мои, почитувајте ги монасите, сакајте го Манастиров кој е чувар на овој крај, но и на целата наша Татковина. Да го молиме Свети Јован да ни дава на сите сили, да ни дава, пред сè, силна желба, љубов да се покаеме, оти тоа е најголемото нешто. Кога човек ќе се покае, тогаш сè станува ново, убаво. Ние во овој Манастир сме сведоци на тоа. Гледаме како покајанието прави потполна промена кај човекот. Впрочем, рековме дека со него и започна Новиот Завет. Реката Јордан е почетокот на времето на благодатта, кога од Свети Јован е упатен повикот: Покајте се, зашто се приближи Царството Небесно!  – и кога се случува откровението на Светата Троица. Покајанието е, значи, клучот што ни го отвора созерцанието на Троичниот Бог. Сознанието доаѓа преку покајанието, а не обратно. Апостолите беа прости рибари, но преку покајанието станаа просветители и божествени учители. Исто така и Свети Јован: израснал во пустината, без никакво образование, но науката што ја проповедал останува до денес актуелна и преобразувачка.

Од сето срце свое ви посакувам добро просветление на сите! Впрочем, овој празник со црковниот јазик се нарекува уште и Просвештение, бидејќи е празник на Божјото просветление. Секој што ќе Го спознае Бог во Троица, станува богопросветлен.

За многу години!