Заврши научната конференција во чест на 1000-годишнината на Бигорски

Прва малореканска научна конференција,

По патеките на Дичо Зограф


Првата малореканска научна конференција, насловена: По патеките на Дичо Зограф, а посветена на великиот јубилеј – 1000 години од основањето на Свештената Бигорска Обител, којашто започна во понеделникот на 1 септември, денес ја дочека својата свечена завршница. Во големата приемна сала на Бигорскиот Манастир, каде што се одржаа и најголемиот дел од предавањата, учесниците беа поздравени и благословени од страна на нашиот старец и игумен, Епископот Партениј.

Најнапред, од името на научните работници, се обрати проф. д-р Сашо Цветковски, кој, заедно со нашиот Старец, беше иницијатор и организатор на ова научно збиднување во чест на илјадалетието. Професорот Цветковски направи кратка рекапитулација на заклучоците од научните предавања и му се заблагодари на Епископот Партениј за гостопримството и поддршката при реализацијата на конференцијата. Тој, меѓу другото, го истакна значењето на Бигорското Светилиште низ вековите, а особено во преродбенскиот 19 век, кога Манастирот бил центар на културно-општествените случувања во мијачкиот крај, но и пошироко, а продолжува истото да биде и денес.

Во продолжение, кон присутните се обрати Претседателот на МАНУ, академик Љупчо Коцарев, кој денеска беше наш ценет гостин. Тој истакна дека се чувствува возвишен од убавините на Бигорскиот Манастир и воедно му упати топла благодарност на владиката Партениј, што за изминатите две и половина децении успеа да го воскресне Манастирот и да го умножи неговото благолепие. Од својата страна, тој даде ветување и за понатамошна поддршка на МАНУ за слични проекти и соработка.

Завршниот збор го имаше старецот и владика Партениј, кој им се заблагодари на научните работници што со своите дела дадоа значаен придонес во одбележувањето на илјадагодишнината на Бигорски. Тој, исто така, им го пренесе поздравот и благословот од нашиот почитуван надлежен Митрополит, г. Тимотеј Дебарско-кичевски, а потоа посочи колку важно е надлежните институции и поединци да го помагаат културно-историското наследство, но и да имаат правилен однос кон живите споменици, кон монашките братства, кои не само што свето го пазат наследството од предците, туку и го надополнуваат и творат ново. Старецот го предочи суштественото значение на Бигорската Обител за македонската преродба, култура, духовност и државност и повика на поголема свесност за улогата што ја имал и ја има во нашето општество.

Накрај, Епископот Партениј им додели посебни признаници на учесниците на конференцијата.