Бигорски собор за Соборот на Свети Јован Крстител

Соборна радост, соборно торжество, соборно славење на нашиот Покровител и Заштитник, на најголемиот меѓу родените од жена, на гласот што вика во пустината „Покајте се!“, на земниот ангел и небесниот човек, на Чесниот и Славен Пророк, Претеча и Крстител Господов Јован!

Црквата Христова овој ден му го посветила нему, заради неговата улога во претходниот ден на Богојавлението, кога Го крстил Синот Божји во водите Јордански. Откако го слушнал гласот на Отецот: „Овој е Мојот возљубен Син Кој е по Мојата Волја!“ и Го видел Духот да слегува во вид на гулаб, посведочил дека Тoј e Оној Кoј ќe крштава сo Дух Свeти. Таа пречесна рака што ја допрела главата на Главата на Црквата – Христос Бог, на сите им Го посочила: „Еве Го Јагнето Божјо, Кое ги зеде гревовите на светот врз Себе!“

Монашката заедница на неговата Свештена Обител, Бигорската Светијованова тврдина, втемелена на каменот на верата – нашиот Господ Исус Христос, преплавена од духовната крв на монашкиот подвиг на својот највозљубен родител во Христа, старец и игумен, Антанискиот Епископ г. Партениј, ликуваше во радоста на благодатта и светлината Христова во овој ден на сеопшта радост. Архиерејските молитви на нашиот Старец преку Божествената Литургија нѐ вознесоа до умилително созерцание на најтаинствените настани извршени за нашето спасение.

Таа иста рака и тој ист глас од пустината на светот, преку празникот на неговиот Собор нè повикува сите да се покаеме, соборно да се обединиме и да се поклониме на Троичниот Бог, Отецот и Синот и Светиот Дух.