Бигорски собор за Соборот на Бесплотните

„Чиноначалникот на вишните Сили,
Михаил претстојателот на Божествените чинови,
денес на празничен собор нè повика“

Празненство светло и ден сечесен е сега, зашто денеска светата Православна Црква го празнува и со песни го чествува Соборот на Свети Архангел Михаил и на сите небесни, бестелесни Сили.

Затоа и Бигорската Обител се собра сношти и денес, во свештен молитвен собор, за со ноќно бдение и Божествена Евхаристија – којашто со љубов и духовен восторг ја тајноводеше нашиот старец и игумен, Владиката г. Партениј, за да го прослави споменот на Архистратигот на Бесплотните.

Во една прилика, поучувајќи за небесните чинови, нашиот Старец говореше:

„Нашиот Бог е љубов, браќа, Он е суштата Љубов: Бог е љубов, како што велеречиво сведочи гласот на ученикот на љубовта (1. Јован. 4,8). Воден од оваа љубов, Он посакал да ги создаде словесните битија, за да учествуваат во Неговата радост. Истовремено, Бог е и Светлина, ‘вистинска Светлина’, Бог е светлина, и во Него нема никаква темнина (1. Јован. 1,5). Значи, пред да го создаде материјалниот и видлив свет и човекот, Он го создал нематеријалниот и невидлив свет, односно безбројните ангелски сили – битија словесни и бесплотни, за да општат, да учествуваат во Неговата несоздадена благодат. А за создавањето на Бесплотните пред создавањето на видливите твари сведочи, меѓу другото, и книгата Јов од Стариот Завет: Егда (сотворены) быша звезды, восхвалиша Мя гласом велиим вси Ангели Мои (Кога беа создадени ѕвездите, Ме пофалија со висок глас сите Ангели мои) (Јов 38,7). И бидејќи Светлина, Бог ги создаде невидливите како ‘втори светила’, коишто ја примаат Светлината од благодатта и Божественото познание од Него Самиот, Кој е извор на Светлината, и ја предаваат со ред, ‘како огледала на светлината’, поголемите на помалите и сите заедно – на луѓето. Природата на ангелите и нивниот број ги знае само Бог. Сепак, нивното големо мноштво јасно се покажува во Божественото видение на пророкот Даниил: илјада илјади му служеа и десетина илјади по десет илјади стоеја пред Него (Дан. 7,10). Согласно со Светото Писмо и со светото Предание и се разбира, со длабоките богословски писанија на Свети Дионисиј Ареопагит, ангелскиот свет е распореден во девет чинови, коишто се делат на три троични единици, според образот и во слава на Светата Троица: Серафими, Херувими, Престоли, Господства, Сили, Власти, Началства, Архангели и Ангели, предводени од групата водачи и архистратизи: Михаил, Гавриил, Рафаил, Уриил и останатите.

Небесните сили под општо име се нарекуваат ангели (т.е. гласници), бидејќи освен тоа што се духови кои постојано Го слават Бога, непрестајно пеејќи: ‘Свет, Свет, Свет е Господ Саваот’ и други богодолични химни, тие се и соработници на луѓето, за нивно спасение. Испраќани се од Бога, за да ни ја јават Неговата волја, да нè чуваат, да нè просветлуваат и да нè поткрепуваат во нашата духовна борба: Нели се тие сите служителски духови, испратени да им служат на оние што ќе го наследат спасението? – реторички заклучува Апостолот Павле (Евр. 1,14). Секој Христијанин, при светото Крштение, добива од Бога ангел чувар, којшто го чува, го укрепува и го води по патот Божји додека живее, а ја зема неговата душа во часот на смртта, за да ја претстави пред Христа. Затоа нашата света Црква одредила најубави молитви и прозби кон нашиот ангел чувар: ‘Ангел на мирот, верен раководител, чувар на нашите души и тела, од Господа просиме’. Ние, пак, секојдневно да го повикуваме нашиот ангел пазител и да се трудиме да не го нажалуваме и огорчуваме со нашите грешни дела, ниту да го посрамиме во часот на Судот со нашето непокајание.

Да се подвизуваме, браќа, да живееме во покајание и исповед, со совесен светотаински живот, со љубов и сочувство помеѓу нас, со милостиво расположение, со молитви и моленија кон сите Светии и кон Ангелите, коишто ги чествуваме денес. Тогаш Бог, како милостив, ќе нè чува од сите сегашни и идни зла и ќе ни ја сочува Татковината наша, но, пред сè, ќе нè удостои да влеземе во вистинската, вечна и постојана Татковина, во небесниот Ерусалим, каде што е непрестајно веселието на Светиите и на Ангелите, каде што е невечерната Светлина  на Неговото сесветло Лице, на Отецот и Синот и Светиот Дух, на Троичниот Бог наш, Кому Му приличи слава и чест во сите векови. Амин!“