Посета на Албанскиот Претседател Илир Мета во Бигорски

Денеска, на покана на градоначалникот на општина Дебар г. Хекуран Дука, во градот Дебар пристигна Претседателот на Република Албанија, г. Илир Мета. Притоа, во неговата агенда беше планирана и посета на нашиот Манастир, така што попладнево, заедно со неговата придружба, градоначалникот,  дебарскиот муфтија г. Решат Качалнику и претседавачот на дебарската општина г. Башким Машкули беа наши гости, на општа радост и чест на монашкото братство.

Ценетите гости беа гостољубиво пречекани од нашиот старец и игумен, Владиката Партениј и браќата монаси. Притоа, јеромонахот Доситеј го запозна Претседателот Мета со илјадагодишната историја на Свештената Бигорски Обител, а во манастирската книгохранителница Владиката Партениј лично му го покажа првото албанско Евангелие напишано со латинично писмо од познатиот албански деец од Елбасан, Константин Кристофориди, објавено во Константинопол во 1872 година. Всушност, ова Евангелие има големо историско значење за Албанците, бидејќи тоа на своевиден начин е претеча на литературниот албански јазик, а Кристофориди, заедно со уште неколкумина албански Христијани, е еден од највидните дејци на албанското национално движење кон крајот на XIX век. Евангелието дојде во наследство на бигорската книгохранителница од роднината на Владиката Партениј, блажениот покојник Душан Христов Константинов, чиј син Бранимир ја подари неговата приватна библиотека на Бигорски во 2011 година. Воодушевувањето на гостите од Албанија беше огромно, за тоа како нашето монашко братство се грижи за запазување на културното и духовното наследство во регионот, без разлика на националниот претекст.

Во продолжение на средбата, Владиката Партениј пред Претседателот Мета го пофали градоначалникот г. Хекуран Дука и сите дебарчани за тоа што негуваат една култура на добро сожителство во дебарскиот крај на сите граѓани, без разлика на верската и националната припадност. Со овој заклучок се согласија и нашите почитувани сограѓани, градоначалникот Дука и муфтијата Качалнику.

Претседателот на Албанија на нашиот Старец му ја искажа својата голема благодарност за срдечниот пречек, за неговата великодушност, за неговата смисла за естетика и хармонија, како и за гостољубивиот и широкоград дух на нашиот Манастир.

Претседателот Илир Мета го запиша своето доживување од денешната посета во книгата на впечатоци:

„За мене денес беше извонредно изненадување да го посетам Бигорскиот Манастир на Свети Јован. Едно исклучително богатство за православните верници и за сето човештво. Уште еден повод не само да се биде горд за ова извонредно дело, но и за заедничко чување и промовирање. Ќе се вратам овде набргу“.

Илир Мета – претседател на Република Албанија