Соопштение на Грчкиот синод за пандемијата

Извор:

Грчката Црква објави соопштение по повод општествените реакции во врска со ненадејната смрт на митрополитот на Лангада Јован, кој почина во болницата за Ковид-19 во Солун. Синодот апелира да не се користи неговата смрт за идеолошка војна против Црквата, што ја водат некои кругови. Јерарсите ги отфрлаат сите обиди да им бидат припишани симпатии кон одредени заговори и други денешни актуелни движења кои ја одрекуваат реалноста на пандемијата. Тие го определуваат како паганско и туѓо на Црквата мислењето дека клирици и воопшто сите верници не можат да се разболат од корона вирус. Го поместуваме целиот текст на соопштението:

„Во врска со смртта на блаженоупокоениот митрополит на Лангада, Јован, некои новинари си дозволија да се потсмеваат на недопуштен начин со неговото упокојување и со сведоштвото на неговата вера во Божествената Причест, наведувајќи некакви докази со кои располагаат за причината за неговото заразување со вирусот. Светиот синод на Грчката Црква потврдува дека некои медиуми не престануваат да гледаат на православните Христијани – клирици и мирјани, како на свој идеолошки противник.

Поради тоа искривување на зборовите на Црквата би сакале да нагласиме дека Грчката православна Црква во своите соопштенија и посланија:

а) Секогаш препорачувала дисциплина во врска со здравствените мерки во и надвор од храмовите.

б) Никогаш не ги поддржувала негаторите на пандемијата

в) Никогаш не ширела незрели и идолопоклонички ставови дека православните клирици и воопшто Христијаните не можат да се разболат, затоа што се верници. Напротив, светиот Синод од самиот почеток на оваа здравствена криза соработува со државата, архиереите се придржуваат на здравствените мерки, советувајќи ги своите клирици и верниот народ да ги запазуваат ограничувањата одредени од државата и воведени од стручните лица.

Се подразбира дека Црквата ги прифаќа значењето и мисијата на медицинските науки како што учи и Светото Писмо: Почитувај лекар со чест поради неговата служба, зашто Господ го создал. (Мудрост Сирахова 38:1), истакнувајќи го сепак и одлучувачкото значење на верата во Бога за исцеление на верниот: Истовремено моли се на Господа и тој ќе те исцели.

Некои амбициозни раководители на јавното мнение и натаму невротично се занимаваат со наводната штетност на Божествената Причест и наметнуваат ненаучни погледи за распространувањето на вирусот без некакви епидемиолошки докази, решавајќи се дури и да толкуваат прашања за верата без никакви богословски познавања. Од моментот кога демократската држава започна да ги гарантира религиозните слободи, никој нема право да бара државна забрана за светата Причест како опасна по здравјето. Пред сѐ немаат право за таа цел да ја ползуваат смртта на еден нивни ближен, кој е истовремено и клирик на Црквата.

Упатуваме кон сите огнена молба да не се препуштаат на провокациите за разгорување на општествен расизам, за обвинување и наметнување на осуда за болните и починатите од корона вирус. Ги молиме сите да останат воздржани и да ги почитуваат болните, лекарите, сестрите, и сите кои се борат за лекувањето на болните. Истовремено ги молиме и да покажат нужна почит кон секогаш спомнуваниот митрополит на Лангада Јован, кој во своите десет години пастирско служење даде голем придонес во сите области на Црковната мисија.

Сите благочестиви членови на Грчката православна Црква ќе продолжат да се молат за здравјето на луѓето а клирот ќе продолжи со служење на Божествена Литургија, принесувајќи бескрвна жртва на Бога за оние кои не мразат и љубат и за животот и спасението на светот.“