Заупокоена Литургија во спомен на бигорските ктитори и монаси

По величествената прослава на великиот Јубилеј на Свештената Бигорска Обител: 1000 години од нејзиното основање, денес нашиот Старец и Владика г. Партениј, во сослужение со јеромонасите и со јероѓаконите од нашето братство, отслужи Божествена Евхаристија во чест на Светиот Апостол Тома, но и за спомен на нашите знајни и незнајни бигорски претходници.

На крајот од Литургијата, а по повод илјадалетието на Бигорски, Владиката направи панихида, споменувајќи си со благодарност за сите ктитори, градители, подвижници, благоукрасители, дарители и поклоници од сите векови на постоењето на Бигорската Обител, коишто ни содејствуваа од небесната Црква во вчерашната прослава и се радуваа заедно со нас.

Затоа, како што кажа нашиот возљубен Старец и Владика, „стоејќи со восхит и благоговение пред оваа величествена годишнина, нашите срца се исполнуваат со благодарност и со должна почит кон нашите благочестиви претшественици, кон починатите отци и браќа наши, коишто во своите срца го запишале Словото на Вистината и ни оставиле образец на вистински живот и неспоредливо наследство. Просејќи го сега нивното застапништво пред Бога, со умиление и почит извикуваме: ‘Вечен им спомен!’“