Десет века македонски опстој, вдаховение, светост, светлина, традиција

Одбележани 1000 Години на Биорскиот манастир

Специјално за Битолски весник: Киро Кипроски

Со бројни црковни богослужби пригодни обраќања и доделување признанија Бигорскиот манастир го одбележа својот голем јубилеј 1000 години од постоењето.

Историската милениумска прослава на Свештениот Бигорски манастир, кој цели десет века е сенароден светилник и кој 1.000 години го покажува патот на возвишеноста, светоста, благородноста, патот кон спасението и обожението во Христа, беше предизвик огромен број на лица да дојдат да бидат дел од големиот семакедонски собир.

Божествена архиерејска литургија, со која чиноначалствуваше Неговото Блаженство, Архиепископот Охридски и Македонски, г. г. Стефан, во сослужение со собраќата на Светиот Синод на МПЦ-ОА, се одржа на отворено, на монтажната бина поставена пред манастирската црква.

На присутните им се обрати и претседателот на државата Стево Пендаровски, а многу емоции кај присутните предизвика благодарноста што во името на штитениците на Бигорскиот манастир ја искажа штитеникот Атанас Цветковски, кој надвор од протоколот и се обрати на јавноста од името на стотината како што рече некогаш изгубени, а сега воскреснати души, кои својот спас, утеха, исцеление и смисла на постоење го најдоа токму во Бигорскиот манастир.

Свеченоста ја збогатија стотина членови на навивачката група „Чкембари“ кои направија посебно изненадување и украс на вечерното торжество со факелијадата околу храмот, коишто, како и секогаш, и вечерта се покажаа верни и благодарни за севкупната дејност на Бигорски и на неговиот игумен, Епископот г. Партениј.


Во чест на големиот јубилеј – 1000 години опстојување на македонското древно светилиште Бигорски манастир „Свети Јован Крстител“, главната прослава која беше величенствена, како што доликува на институција која на македонскиот народ му дала многу на духовен, образовен, просветителски план, материјално го помагала и цели десет века била закрилник на македонското православие.

Манастирскиот комплекс беше свечено украсен, а најубавиот декор беа луѓето, верниците од сите краеви на македонската држава и гости од соседните држави.

Сончевиот октомвриски ден, есенското руво на природата, придонесоа главната и централна прослава на великиот јубилеј – 1.000 години од основањето на Бигорскиот манастир, да се одвива на високо ниво. Поради протоколите за здравствена заштита од корона вирусот на народот, Божествена архиерејска литургија, со која чиноначалствуваше Неговото Блаженство, Архиепископот Охридски и Македонски, г. г. Стефан, во сослужение со собраќата на Светиот Синод на МПЦ-ОА, се одржа на отворено, на монтажната бина поставена пред манастирската црква.

Историската милениумска прослава на Свештениот Бигорски манастир, цели десет века е сенароден светилник, кој го покажува патот на возвишеноста, светоста, благородноста, патот кон спасението и обожението во Христа, беше предизвик огромен број на лица да дојдат да бидат дел од големиот семакедонски собир посветен на десетолетието на Бигорскиот манастир, да запалат свеќа, да се помолат за здравје и за успеси во животот. На посетителите величенствената боженствена литургијата им беше овозможено да ја следат преку четирите големи видео екрани, кои беа поставени на различни локации во манастирскиот комплекс.

Поглаварот на Македонската православна црква – охридска архиепископја, Неговото Блаженство, Архиепископот Охридски и Македонски г. г. Стефан, во словото за 1000 годишнината на Бигорскиот манастир „Св. Јован Крстител“ говореше за историското милениумско постоење, за неговата улога, за опстојот низ тешките времиња оптоварени со многу премрежја, за трновитиот пат низ кој минувал да се сочува како духовно светилиште и да ја збогатува мисијата и дејноста за која бил основан. Во овој контексет истакна:

-Свештената историја на Црквата е преисполнета со светли примери, како на одделни личности, така и на духовни центри, кои, со својот живот и со својата дејност, оставиле особен белег на еден временски период, па дури и на една цела епоха. А овде, во Бигорски, и храмот и конаците, и иконите и фреските, и бигор-каменот и резбите во дрвото, и шумот на недотекливите чешми, чиниш сè е славословие на ист глас и со иста порака! Овој илјадагодишен славеник, кому денес, како и целото ова 2020-то лето Господово, му оддаваме чест, благодарност и особено внимание, е токму тоа: збир од место и од личности. Бигорски постоел, постои и ќе постои за верниот народ, како што и верниот народ постоел, постои и ќе постои за ова богоблагословено место. Бигорски, сам по себе, е нераскинливо ткиво на дела и делатели, на посветени богољупци коишто твореле и творат свештена историја – историја на спасението. А тоа делување е исполнето со благодатта на Светиот Дух и затоа е запишано со неизбришливи букви и во паметта на луѓето, но и на страниците на историјата, и црковната и националната. Зашто, впрочем, само животот и делото што се производ на постојаната вера и на сеодадената љубов кон Христа воскреснатиот и кон Неговата Црква, што се творат во името на нашиот Господ Бог – оставаат белег, поттикнуваат на промена, создаваат духовност, се препознаваат како вистински систем на вредности кој треба да се последува и да се живее.

Бигорскиот манастир од своето основање како да бил благословен да биде нешто големо и значајно. Во минатото манастирот претрпел многу премрежија, достигнувал и слава, но и падови; бил уриван и опустошуван, сардисуван и ограбуван, осиромашувал и останувал без монаштво… Сепак, и во тие, како и во своите славни времиња, овој монашки центар бил искра на надежта за македонскиот народ во многу погледи – и културно, и политички, и економски и, пред се, духовно. Како што е и денес и, дај Боже, да биде и утре и до крајот на вековите.

Во беседата поглаварот г. г. Стефан посебно се задржа на успесите што ги постигнува Бигорскиот манастир во изминатите 25 години од возобнувањето на монашкото браство, на чело со епископот Партениј, игумен на манастирот:

-Ако некому не му е доволно јасно делото на Бигорски, тогаш доволно е да се погледнат последните 25 години, и ќе ни станат јасни значењето и улогата на овој македонски духовен и културен центар низ духовната и низ народната историја на овие простори, па и пошироко. Зашто последните две ипол децении, ако ги споредиме со историските раздобја во минатото, од таа славна 1020 година до денес, се огледало во кое се огледува целото илјадагодишно минато. Впрочем, ако современите двигатели и жители на Бигорски творат толку и такви дела, подобни и инспирирани од оние што око не ги видело, уво не ги чуло, ниту на човек на ум му паднало, тогаш какво ли е минатото? Несомнено, не може сегашноста да е добра, ако не се накалемила и не продолжила на добро минато. Во овие речиси неполни три декади, е најголемиот дострел, и во духовна и во материјална смисла, во неговата илјадагодишна историја.

Па, на Бигорски, на неговиот Преосветен игумен, Епископот Антаниски г. Партениј, и на братството црнорисци, заедно со се чесните и посветени монахињи од метосите, не можеме да не им го признаеме и да не го пофалиме досегашниот подвиг за спасението на многу поединци, подвиг посведочен со многу сили и со многу труд и за полнотата на нашата Света Црква, како и за целото Православие. Во животот на овие црнорисци, во нивната мисија, не може, а да не се препознае Христовиот повик за сведоштво на спасоносната вистина, упатен кон апостолите, а преку нив и до сите следбеници на Синот Божји: да бидете сол на земјата и светлина на светот, и доколку некому нешто правите – го правите за Господа.

Вие, Преосветен игумене и преподобни отци, им помогнавте и им помагате на многумина обременети и изморени од тежината на секојдневието, од немирот и од неизвесноста, овде, во Бигорски, и до каде што можевте – им подадовте рака, ги примивте во прегратката на духовничката грижа, земајќи на себе рамноапостолен подвиг, кој се состои од постојана жртва и неуморно сведочење на верата во Триединиот Бог. На современите заточеници на привидната слобода и на гревот, им ја објавивте и ги убедивте во вистинската слобода, која се реализира во Христа, зашто ако го прифати остварувањето на својата лична слобода во Христа, тогаш човекот ги доживува радоста и полнотата на човековото живеење, рече архиепископот Стефан.

Во своето обраќање до присутните претседатеот на државата, Стево Пендаровски рече дека Бигорскиот манастир ги надживеа империите, државите, идеалогиите и сите премрежја.

-Денешниот свечен ден е прекраток, за да ги опише, барем, главните настани од илјадагодишната историја на Бигорски. Но, кога, за момент, на овие илјада години би гледале како на еден ден, тогаш би можеле да го видиме првиот Охридски архиепископ Јован Дебранин, како го основа и осветува манастирот. Би биле сведоци на генерации верници, монаси и мирјани, како ја надградуваат и одржуваат жива, бигорската обител. Би ги виделе македонските неимари како од варовник ги ѕидаат овие прекрасни градби, легендарните Мијаци – копаничарите како трпеливо го резбаат бигорскиот иконостас, прочуените зографи како ги сликаат познатите фрески и икони.

Би биле сведоци на илјада празнувања на Христовото раѓање и воскресение. Би виделе како манастирот прераснува во извор на духовноста, писменоста, и преродбата, каде што дејствувале луѓе кои несомнено биле далеку пред своето време: Кирил Пејчиновиќ, Јоаким Крчовски, Анатолиј и Партениј Зографски и браќата Миладиновци.

За жал, би биле сведоци и на големи премрежија и несреќи. Низ вековите, Бигорскиот манастир преживеал прогони, пожари и војни, но и надживеал империи, држави и идеологии. На моменти бил и затворан, но, никогаш не бил заборавен и избришан од меморијата на луѓето. По секоја несреќа, монасите, заедно со народот, го обновувале ова светилиште, достигнувајќи нови духовни и уметнички височини.

Дури и ваквиот, сосема краток приказ на долгата манастирска историја, неминовно го наметнува прашањето: како овој храм на спокојот и на убавината, успеал да ги преброди сите овие бури?

Ова прашање, а уште повеќе одговорот на него се особено важни и за нашиот денешен, современ контекст. Економските, социјалните, безбедносните и еколошките кризи со кои се соочува човештвото многукратно се зголемија по интензитет, по својата сложеност и влијание. Пандемијата само ги умножи проблемите. Глобалните процеси и турбуленции влијаат и врз нашето секојдневие. Понекогаш овој вител на кризи прави да се чувствуваме како сè да се случува одеднаш, како илјада години да се збиени во само еден ден.

И токму во вакви моменти на растечка недоверба меѓу луѓето, страв и неизвесност од непознатото, многу наши сограѓани бараат мир, утеха и надеж токму на ова место. За многу страдалници од различни генерации, различни држави и различни идеологии и религии, Бигорскиот манастир претставува духовно засолниште од бурите на животот. Поделбите и предрасудите кои се толку присутни во нашето секојдневие немаат место во манастирот во кој луѓето се, пред се луѓе, независно од нивните лични особености. Ова е место за заздравување на душевните рани и рехабилитација на зависниците. Многу верници токму во овој манастир ја враќаат вербата во животот и го зацврстуваат својот духовен идентитет.

Свеченостите во Бигорскиот манастир по повод големиот јубилеј траеја два дена.

Во навечерието на прославата, во саботата, се одржа Вечерната воскресенска празнична богослужба, со која чиноначалствуваше митрополитот г. Тимотеј, надлежен архиереј на Дебарско-кичевската епархија на МП-Ц-ОА, во сослужение на архимандритот Нектариј, игумен на манастирот „Свети Наум Охридски“, а благодарствено слово одржа епископот Антаниски Партениј, во кое боговдахновено го истакна значењето на Бигорското илјадалетие.

-Се наоѓаме во навечерието на големата прослава на великата годишнина на Свештената Бигорска Обител – 1000 лета од нејзиното основање од страна на нашиот отец меѓу Светиите, првиот и славен Охридски Архиепископ, Јован Дебранин. Јубилеј кој во себе открива еден недоследен океан на духовност, историја, просвета, родољубие, преродба, светост. Овој ден претставува, всушност, оцртување и заглавие на илјада години живот и сведоштво, и на подвиг и жртва на оваа свештена Скинија на Чесниот Претеча и Крстител Јован и го заокружува смиреното постигнување на нашата свештена монашка заедница. Стоејќи со восхит и благоговение пред оваа величествена годишнина, нашите срца се исполнуваат со благодарност и со должна почит кон нашите благочестиви претсественици, кон починатите отци и браќа наши, коишто во своите срца го запишале Словото на Вистината и ни оставиле образец на вистински живот и неспоредливо наследство. Просејќи го сега нивното застапништво пред Бога, со умиление и почит извикуваме: „Вечен им спомен!“

Илјадагодишното наследство во коешто се слева текот на богослужбениот и аскетско-исихастичкиот живот, го направиле ова место плодотворна почва за обожение, Едемска градина за духовно наситување и за успокојување, прибежиште на душите изморени и обременети од гревот и светот. Во текот на десетте изминати столетија, Бигорски заблескал подобно на Горната одаја во Ерусалим, и во него секојдневно се слуша шумот на Педесетницата; оваа благословена падина на Бистра се открила како нова Таворска Гора, каде што преку зраците на Таворската светлина се преобразиле и осветиле многу души; реката Радика, пак, се покажала како некој нов Јордан, каде што непрестајно одекнува Претечевиот повик за покајание: Покајте се, зашто се приближи Царството Небесно – повик којшто силно одекнувал во нејзината клисура со векови, и оттаму се ширел како ехо низ нашите градови и села.

Поседувајќи го светото предание на православната црква и благословот да се биде еден од првите и најзначајните општежителни манастири на славната Охридска Архиепископија, Бигорската Обител станала татковина на обожени личности, кои, жртвувајќи се себеси во подвигот на смирението, послушанието и љубовта, дале непроценлив влог за благоуспевање на црковниот и општествениот живот во Македонија и покажале дека евангелскиот тип на човек не е утопија, ами реалност, која се остварува, се живее низ светотаинскиот живот на Црквата; личности кои покажале дека човекот е навистина боголик, создаден според образот и подобието Божјо. Затоа денес, кога го прославуваме илјадалетието на Светата Обител, ние сведочиме за Црквата Христова; сведочиме дека постои вистински Прототип на човек, дека Тој се наоѓа во неа и дека преку Него таа преживеала толку долго време; дека таа, Возљубената, која целата е убава и нема дамка, преку благодатта на Светиот Дух, го образува охристовениот човек, личносниот човек, вистинскиот човек. Таквиот човек и денес насушно му е потребен на нашето современо општество, растргнато од суровите влеченија на неверието, сомнежот, релативизмот, нихилизмот и технократијата.

Епископот Партениј, посебно ја нагласи улогата на митрополитот г. Тимотеј, кој уште на почетокот на возобнувањето на монашкото братство во 1995 година, се поставил праведно и на Манастирот му ја подари благословената слобода и доверба. Во овој контекст истакна:

-Овде, како неизоставен дел од скорешната и многуплодна историја на оваа Света Обител, благодарно ќе го издвоиме името на почитуваниот архипастир на оваа богочувана Дебарско-кичевска епархија, Неговото Високопреосвештенство Митрополитот г. Тимотеј. И самиот замонашен во Бигорски, тој е архијерејот со чијшто благослов во 1995 година се возобнови монашкиот живот тука, откако од неговите свештени раце мојата недостојност го прими рамноангелниот монашки потстриг. Го сметам за голем Божји благослов и за историска придобивка за нашата Црква тоа што во тоа време на епископската катедра во нашата епархија се најде токму овој монахољубив владика, кој уште од почетокот се постави кон нас праведно, правомислено и, пред се, татковски.

Во духот на светото православното монашко предание, Митрополитот г. Тимотеј му ја подари на Манастирот потребната благословена слобода и доверба, т.е. внатрешната автономија, загарантирана од правилото на древните манастирски типици и правилници, а коешто дословно гласи:

„’А манастирот ќе биде во се слободен и непороблив сам со себе господарејќи и владеејќи потполно уживајќи ги своите власт и авторитет’, и владеен, според зборовите на Свети Василиј Велики, од аристократска свест и од еден Отец, авва, игумен, ‘кој го носи Спасителовиот лик’. Имајќи ја оваа слобода во Духот Господов, нашата монашка заедница можеше непречено да го продолжи делото на славните бигорски граѓани, коишто сега се жители на Небото и кои од лоното Авраамово го продолжуваат со нас нашето заедничко дело“.

Заради сето ова, како и поради Вашата несебична помош и поддршка за прославата на великиот јибилеј, архипастиру наш свет, Ве молиме да го примите од нашите синовски раце највисокото милениумско одликување на Свештената Бигорска Обител – лента со ѕвезда и крст со ликот на Чесниот Претеча.

А сега, да торжествуваме духовно, зашто ова е денот што го создаде Господ, за да се зарадуваме и да се развеселиме во него. Да прославуваме и да се радуваме заедно со знајните и незнајни светци што го осветиле ова место и да Му благодариме на Троединиот Бог и на Свети Јован Претеча и Крстител што не удостоија во наше време оваа Света Обител да го одбележи своето илјадалетие.

Историјата што се пишува денес, од нас бара залог да го продолжиме милениумското светоотечкото течение, та и ние, последните, да се удостоиме да се впишеме во славната бигорска повест и, со Божјата помош, да оставиме добри плодови за идните генерации наследници и подвижници. А патронот на Свештената Обител, Чесниот Претеча, нека ја сочува здрава, неповредена и славна до крајот на вековите! – рече во својата реч Партениј.

Како одговор на словото од старецот и владика, следеше пригодното обраќање Митрополитот г. Тимотеј, кој од бигорскиот игумен, владиката Партениј, беше награден со највисокото милениумско одликување на Свештената Бигорска Обител – лента со ѕвезда и крст со ликот на Чесниот Претеча.

На многаја и благаја лета!


За неговата голема хуманост и донирана помош за Бигорскиот манастир


“Орден заслуги за државата на Бигорскиот манастир” за Васко Ковачевски

Генералниот директор на АД ЕСМ, м-р Васко Ковачевски деновиве присуствуваше на свеченоста во претседателската резиденција на Водно на која беше доделен „Орден за заслуги за државата“ на Бигорскиот манастир „Св. Јован Крстител“, по повод 1000 годишнината од неговото основање.

Директорот на АД ЕСМ, Васко Ковачевски и неговото семејство долги години приватно го помагаат и поддржуваат Бигорскиот манастир како едно од најголемите духовни светилишта кај нас.

За неговата хуманост и искажана почит, како и даруваната помош, Бигорскиот манастир го одликува Ковачевски со „Орден заслуги за државата“, кое е најголемо признание на Манастирот.


Атанас Цветковски, бигорски штитеник

Епископ Партениј Ти си наш возљубен татко!

Големата љубов и почит кон епископот Партениј, игумен на Бигорскиот манастир „Свети Јован Бигорски“, на главната прослава, на одбележувањето на јубилејот, штитеникот Атанас Цветковски, се извини и замоли вон протоколот да и се обрати на јавноста од името на стотината некогаш изгубени, а сега воскреснати души, кои својот спас, утеха, исцеление и смисла на постоење го најдоа токму во овој манастир.

Атанас Цветковски, достоинствено, со голема почит кон игуменот на Бигорскиот манастир, тивко рече: „Некогаш бевме изгубени, а Вие не најдовте; бевме отфрлени, а Вие не посинивте; бевме мртви, а Вие не воскреснавте, Ви ги врачувам архијерејските енколпии, крст и панагија со ликот на Пресвета Богородица, којашто Вие особено ја почитувате и сакате. Ја избравме претставата на Божјата Мајка наречена ‘Неиспивна Чаша’, бидејќи пред оваа икона Вие непрестајно се молите за сите нас коишто сме застраниле од вистинскиот пат, како некогаш блудниот син од Евангелие“.

Игуменот на Бигорскиот манастир, епископот Антаниски, не можеше да се воздржи од искрените и топлите зборови на неговото духовно чедо, низ испосничките образи потекоа река солзи.

Цветковски смирено продолжи да му се обраќа и да му благодари на големиот духовник негов закрилник и од името на сите бигорски штитеници :

-Вие, како милосрдниот татко, не пресретнавте во нашата беда и ни ги отворивте вратите на Вашето широко срце, правејќи го татковски дом за сите нас. Во него ние почувствувавме што значи да бидеш вистински љубен, да бидеш син и наследник на благословот Божји. Затоа, свети владико , молитвата на сите нас, подарувајќи Ви ја оваа панагија, која, кога ќе служите ќе лежи од левата страна на Вашите гради, е Богородица ”Неи-спивна Чаша” секогаш да го покрива тоа Ваше милостиво и татковско срце, како што Вие со Вашата љубов не покривате и заштитувате нас. А крстот Ви го подаруваме во знак на благодарност за секојдневното распетие што го живеете заради нас, за тежината на животниот крст што Вие ја понесовте за секого од нас, но и како наш потсетник дека за Вас, како што секогаш не поучувате, нема поголема награда од тоа нашите срца да Му ги предадеме на Христа и Он да биде центар на нашиот живот, бидејќи од Вас научивме дека да се биде со Христа е нешто најубаво, најрадосно, спасоносно.

На многаја лета, татко и владико наш!

На обраќањето на Цветановски кон отец Партениј, духовен татко, кој ги воскресна и им го покажа вистинскиот пат во животот, присутните на прославата не останаа рамнодушни и ним им потекоа солзи, воздишки и тие со бурни аплаузи му оддадоа почит на игуменот за големата хуманост.