Илија Ико Каров за „1000 години – Сведок на Светлината“

Режисер: Илија Ико Каров

Говор на авторот и режисер на документарниот филм „1000 години – Сведок на Светлината“, г. Илија Ико Каров, при промоцијата во МНТ, на 15 април 2022 година


Почитуван претседател, г. Пендаровски
Ваше Блаженство, г. г. Стефан,
Ваши Преосвештенства,
Ваши Екселенции,
Уважени дами и господа,
Почитувани гледачи пред малите екрани,

Најпрвин, дозволете да Ви се заблагодарам за Вашето ценето присуство на оваа, за нас, свечена вечер – вечерта на премиерата на документарниот филм за илјадалетниот „Сведок на Светлината“.

Тишината е јазикот преку кој човекот општи со Вечноста…

Монасите во тишината најгласно општат со Бога…

Ако веќе имате шанса во животот, ако сте благословени да поминете извесно време со бигорските монаси, потрудете се да разберете барем „неколку зборови“ од нивниот јазик. Бидејќи тој што успеал да разбере барем еден од „нивните зборови“, успеал да протолкува една мала честичка од својот сопствен Универзум.

Ете, за толку големи работи проповеда нивната тишина.

Да се биде монах, значи добро да се говори јазикот на тишината…

Не беше лесно да се разбере, макар и најмал дел од таа молитвена поезија, толку богата со емоции, а сепак артикулирана без зборови, изречена длабоко во себе со нечујниот глас на срцето, а упатена директно кон небесната шир.

Со оној најпродорливиот, подвижничкиот, благодарствениот глас на срцето, што најгласно одекнува во ушите на Бога.
Да се говори овој јазик е тешко, бара голема жртва. И од оваа временска инстанца кој знае дали воопшто смеам да речам дека и барем мал дел почнав да го разбирам, со цел да разберам што е Монах, што е Православие?

Монасите да ве разберат не е ништо ново, ако кажам дека тоа е вообичаена пракса нема да згрешам. Затоа што монасите се луѓе полни со: сочувство, емпатија и разбирање и секако над сè љубов кон секое човечкото битие – какво и да е.

Тие оваа љубов, преку нивниот Старец, ја црпат директно од изворот на најдлабоката смисла на Животот – од Бог. А кој еднаш се напил од животворниот извор на Свети Јован во Бигорскиот манастир, добро разбира за што говорам.

Во Бигорски има еден „толку голем“ црноризец што кога го пречекорува прагот на црквата нема потреба да се свие под не многу високиот свод на влезната врата од храмот.
И тој истиот за миг ќе се најде на певницата оддесно, за кратко ќе ја заврти страницата и ќе му дојде редот и нему…

И во тој момент кога ќе се прекрсти и ќе ги изговори зборовите: „Слава на Отецот и Синот и Светиот Дух!“ на еден неопислив начин почнувате да се смалувате пред благословот излеан преку неговите зборови…

За миг станувате помали од маково зрно…

И тогаш сфаќате зошто на вратата кај што сите ние мора да се свиеме, единствено тој смее да помине стамено.
Затоа што на вратата од каде што ние излегуваме, токму од таму тој доаѓа…

Исполнет со таа духовна тишина, која гласно одекнува од срцата на неговите илјадници духовни чеда, е токму големиот Бигорски Старец, Дедо Партениј.
Се надевам дека коректно успеавме да уловиме мали делови од неговиот живот и да ги овековечиме на филм и со тоа да доловиме барем едно мало делче од неговото големо дело.
За крај ќе се повторам: да му пристапиш на овој филм, како режисер, значеше да застанеш на кормилото на временската машина, која не патува ниту назад, ниту напред во времето, туку нагоре вон времето, кон вечноста.

Им благодарам, од името на целата екипа, особено на Бигорци, за поддршката и љубовта при реализацијата на овој филм. Длабок поклон за соработливоста и покрај тоа што знам колку не сакате да се снимате.

Ви благодарам од сè срце, Сестри и Браќа!

Длабоко се поклонувам пред целата екипа. Бранко, Жога, Горан, Готра, Грнчарот, Кибо, Брацо, Симон… овој филм без вас немаше како да се случи.
Ви благодарам на сите тука присутни вечерва.

Имајте пријатна вечер, се надевам ќе Ви се допадне документарниот филм: „1000 години Сведок на Светлината“.