Духовните чеда за Старецот, по повод неговиот именден

Освен молитвите произнесени од своите срца за време на богослужението, духовните чеда на нашиот Старец и Епископ, Неговото Преосвештенство г. Партениј, ја изразија својата благодарност и љубов кон својот духовен татко и преку неколку посвети и писанија, со пригодни подароци и цвеќиња.

Од духовните чеда од „Ѓорче Петров“:

„Ваше Преосвештенство, многупочитуван и најсакан наш Владико и духовен татко г. Партениј,

Немаме доволно зборови со кои би можеле доволно да Ви се заблагодариме за сета Ваша љубов со која прегрнувате во Христа и утешувате илјадиници души и со која сте нашата најголема надеж и светла оска околу која се обединуваме сите ние. Затоа Ве замолуваме да го примите од нас, Вашите духовни деца, верната Ви дружина од  „Ѓорче“, овој скромен дар – архијерејска енколпија, во спомен на нашата бескрајна љубов и верност кон Вас. Честит именден и на многаја лета, Владико и татко наш свет!“


Од духовни чеда од Охрид:

„Ваше Преосвештенство, достојно почитуван Владико Партениј, Високопреподобни Архимандрити, сечесни отци, браќа и сестри,

Да се искаже слово за Владиката Партениј не е ни најмалку лесна работа, а уште потешко е кога говорам во името на духовните чеда од Охрид. А што би можело да се каже освен најтопли благодарствени зборови?! Отче и Владико, ние, Вашите чеда од Охрид, пред сè, Ви благодариме за секогаш испружената рака кон нас и за Вашата неизмерна љубов која постојано ни ја давате. Затоа Го молам Бога до крајот да нè одржи во Ваше послушание и под Вашиот свет омофор. Примете го како мал дар ова архиерејско одејание, во знак на нашата љубов кон Вас, од Вашите деца од Охрид. На многаја лета, Владико свет!“


Од духовните чеда од Дебар:

„Почитуван наш Владико и духовен Татко!

Малку се зборовите искажани за Вашата беспрекорна љубов кон Вашите духовни чеда, како и кон сите луѓе; малку се зборовите искажани за Вашите молитви излеани како утринска роса од Вашето срце. Затоа Ви благодариме, Владико, за Вашата закрила и Ве молиме примете ги овие одежди како еден мал подарок и внимание од Вашите чеда од Дебар и Охрид. Нека Свети Партениј Лампсакиски секогаш Ви биде закрилник и застапник пред нашиот Спасител и секогаш да Ви помага во подвигот и молитвите што ги правите за спасение на сите нас! Бескрајно Ве сакаме! На многаја лета, Владико на срцата наши!“


Од духовните чеда од Ростуше и од „Куќата на Мијаците“:

„Ваше Преосвештенство, наш возљубен духовен татко, Епископ и Старец г. Партениј,

Ви благодариме од длабочините на нашите срца што Вие за нас не сте само духовен раководител во Христа Бога, ами сте нешто многу поголемо од тоа. Имено, Вие сте наш татко во Господа, кој нè родивте духовно во Христа, а најнапред нè избавивте и спасивте од оковите на темнината на овој свет и од погубните смртоносни страсти. Нè изградивте како личности, ни вдахнавте нов животен ентузијазам, ни оформивте семејства, се погриживте за нашата духовна и материјална егзистенција, ни донесовте радост и благосостојба. Со ништо не би можеле достојно и соодветно да Ви се заблагодариме за сето тоа и затоа можеме да само да Ви ги принесеме нашите срдечни молитви и најтопли желби за Бог да Ви дарува добро здравје, долговечност, духовни и телесни сили, за уште многу години да нè упатувате и водите по патот на Божјата милост и вистина. Ве сакаме бескрајно! Примете го од нас овој скромен дар по повод Вашиот именден. Честит именден и на многаја лета, Владико на срцата наши!“

Од Вашите духовни деца од „Куќата на Мијаците“ и од с. Ростуше.


Поема од Билјана Андоновска од Битола:

ВО БИГОРСКИ ДОЈДИ

Ако сеуште мислиш
дека монасите се луѓе,
разочарани од љубов и беда,
дојди во Бигорски манастир уште сега.

Не ми верувај на збор,
туку дојди и види:
Како СТАРЕЦОТ љубов и слога дели,
и како тука секој кон доброто цели.

Ќе видиш монаси кои цутат
ко цветови горски,
со Ангелски образ и очи
ко синила морски.

Та тогаш ќе видиш пријателе драг,
Дека раскошот световен наш
е вистинската беда,
дека залудно бараме радост без Бога.

И дека вистина било
кога велеле бабите наши:
Богат е чедо тој што  Бог во срце го има.

И после пак срцето ќе ти бара,
во Бигорски да дојдеш,
благодат и мир во
изобилие да примаш.

Така и љубов кон Бог
и ближните ќе имаш.

Билјана Андоновска


Од духовните чеда од Кичево и од кичевскиот хор „Митрополит Козма Пречистански“:

Со духовните деца од кичевскиот црковен хор „Митрополит Козма Пречистански“

За љубовта на Старецот

Бескрајна е нашата благодарност кон Бога што нè удостои да живееме под татковска закрила на нашиот Старец, прегрнати од неговата мајчинска љубов и исполнети со детска радост. Тој кој широко ги отвори вратите на своето срце, за да нè прими сите нас кои лутавме, барајќи ја вистината… И ни ја покажа, без наметнување, без заповедање, без затворање на хоризонтите, туку со согледување, внимание, расудување, со љубов.

Со него никогаш не се почуствуваме отфрлени, сами, затоа што тој е секогаш тука за сите нас, за секого поединечно, и кога е присутен и кога е отсутен, тука е, да го пополни недостатокот, да излее утеха, да ги ублажи раните, да ја омекне болката, да ги окрили нашите надежи, да те љуби..

Со него се чувствуваме бескрајно спокојни, зошто каде што е Старецот таму е и спокојството,  богатството на чистотата, радоста на духот. Кога сме со него, се чувствуваме дека се очистуваме, стануваме нови луѓе, се облекуваме во благодат.

Тој Го сведочи Бога, Го познава.

Тој нема во себе лаги, не прави раздори, туку нè соединува, му помага на секого од нас да се спознае себе си, да го засака својот брат, својот живот.

Неговата љубов е тука да нè обнови, да го изгасне нашиот гнев, да го просветли нашиот ум, да донесе мир за нас, за целиот наш народ.

Тој ни помага со својата љубов да го љубиме животот, да Го љубиме Христа!

На многаја и благаја лета!

Со љубов од Вашите чеда од Кичево, во оваа Недела на блудниот син, кога го славиме и споменот на Св. Партениј Лампсакиски, Вашиот молитвен застапник пред Бога. Смирено Ви се поклонуваме и ги просиме Вашите молитви.


Од духовните чеда од Битола:

„Под Пелистер едно утро во шушкањето на една Молика, една росна младост го препозна гласот на Оној што душата му ја помилува и „тргни“ – рече, „по Мене и следи Ме“. И тргна таа душа непорочна, гладна за вечната љубов и по Светлината незаодна. Оној што во светлина се облекува постојано го повикува да Му се поклони и служејќи Му верно самиот во светлина се облече и со љубов се украси. Со спуштен поглед пред светските убавини, рамнодушен кон плодовите овоземни, само во еден ритам срцето му бие, во ритамот на Божјата љубов. Ја дава, несебично ја дарува, ја шири околу себе, како светлина. Ги топи околу себе срцата разочарани и огладнети на многумина. Во нивните лица Светителот на веков Го гледа. Со Него сочувствува. Токму поради Животодавецот на многумина животот го разубавува. Во име на Христа Распнатиот самиот се распна и се раздаде на сите. Сите од него да земат, без интерес да му вратат. Со насмевките нивни се храни, се облекува, со скромност се украсува. Од оној ден кога Бог го повика од родната Битола по Него да тргне, во Неговите татковски прегратки го прими и сè уште тука го чува, како во топло гнездо, со љубов и топлина преполно. И глас му даде поубав од на славејот. Со него песнословија да Му реди. На Света Гора го однесе, благодат од Светците да прими. Потем во Бигорски го донесе, како феникс од пепелта да го воскресне. И радост ја посипа Мијачијата, кога засветли Воскресението Господово на покривот на Свети Јован Бигорски, а внатре гласот на славејот песнослови во подножјето Господово. Така со години гласот се врежа во секоја карпа, во секој камен, во секое срце што го слуша. Жедни останаа до века да го слушаат, да не запира, никогаш да не престанува и со тоа го врзува уште повеќе да Му се поклонува и да Му служи на Оној што тука го донесе. Тука го повика кога еден ден од градот под Пелистер, преку гласот на една Молика му шушна да остави сè и по Него да тргне.

Бог да Ве награди, Владико Партениј, за Вашите евангелски зборови претворени во прекрасни дела кои сведочат за Божјата радост. Бог да Ве благослови во неа вечно да пребивате!

На могаја лета!“

Со љубов, од Битолчани и Наташа од Кичево