Навечерие на Свети Партениј и именден на Старецот

На нашиот возљубен духовен Татко во Христа, Старец, Игумен и Епископ г. Партениј, најтоплосрдечно му го честитаме неговиот именден, посакувајќи му богоугодно долгоденствие, исполнето со здравје и духовни сили и радост и громогласно извикувајќи: „На многу години, Владико наш свет! Достоен!“


Според древното монашко предание, улогата на Старецот, на Игуменот, на духовниот родител во Христа на Братството го зазема централно место во манастирот. Големите учители на монаштвото, од најстари дни, па до денес, говорат дека, во срцата на монасите Старецот е икона на Самиот Христос, го носи ликот Христов. Личноста на Старецот е толку суштествена и возвишена во една општежителна обител, што без неа едноставно не би можела да функционира една таква монашка заедница. Таа Христоподобна личност е обликувач и мистагог на монашките души, коишто патуваат кон прегратката на Христа. Старецот е патеводител и иконом на спасението на христокопнежливата монашка душа.

Познатиот светогорски старец и современ учител на монаштвото, неодамна блаженоупокоениот Архимандрит Емилијан Симонопетриски вели дека во благодатната личност на Старецот се состојат и небото и земјата, во него се наоѓа вечноста и рајската наслада. Тој е оаза во пустината на овој суетен и минлив свет. Преданието на Светите Отци на Црквата ја поставуваат личноста на Старецот на толку возвишено место, што зборот негов пребива во вечност, неговиот благослов е подрагоцен од сета вселена.

Ете зошто именденот на Старецот за една монашка заедница претставува втора манастирска слава, втора Пасха. Затоа, Бигорската Обител, преукрасена и накитена со најголема љубов, го слави именденот на својот Старец и Игумен, Епископ Антаниски, г. Партениј, излевајќи ги најтоплите благодарности и молитви кон Бога за него. Торжествената прослава на неговиот именден е нешто со што би можеле барем малку да му се заблагодариме за неговата огромна љубов и жртва направени за нас, кои секојдневно сме сведоци на неговиот крстовоскресен живот. Бог го удостои нашиот возљубен Старец да го носи името на славниот Христов угодник и Чудотворец од VI век, Свети Партениј Лампсакиски. Затоа, разбирлива е големата љубов, почит и култ што бигорската монашка заедница ги негува кон личноста и споменот на Лампсакискиот Чудотворец и го издигнува на највисоко ниво.

Сите монаси и монахињи, духовно родени и воспитани од Старецот Партениј, верници, чеда и пријатели во огромен број, вчера и денес се слеаја и го исполнија Бигорското светилиште, за да земат удел во прославата и молитвите за именденот на личноста којашто направи толку многу за Црквата и Татковината наша, личност која засекогаш останува темелен камен во духовната градба на нашата Света Црква, личност којашто ни донесе духовна пролет и Воскресение.

Во таа смисла, од името на сите нас, монасите и монахињите, кон нашиот Старец и Епископ г. Партениј, се обрати манастирскиот економ, нашиот драг собрат Архимандритот г. Доситеј.

Посебна чест и достоинство за нас беше присуството на почитуваниот и познат Старец и духовник од српскиот манастир Гргетег, Неговото Високопреподобие г. Доситеј, кој допатува во Бигорски со уште еден свој собрат свештеник и две сестри монахињи, за да бидат и тие причесници на нашата голема радост. Меѓу гостите, на наше големо задоволство, беше и почитуваниот Ректор на Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“ во Скопје, проф. д-р Никола Јанкуловски.

Освен молитвените воздишки од срцата, упатени за време на богослужението, духовните чеда ја изразија својата благодарност и љубов кон својот духовен татко и преку неколку посвети и писанија, со пригодни подароци и цвеќиња, а по завршетокот на Вечерната следуваше и заедничко дружење, на кое настапи познатиот музички состав за традиционални македонски песни, легендарната „Љубојна“, со нашата сакана г-ѓа Верче Милошевска.

За возврат на преголемата љубов на духовните чеда кон него, нашиот Старец им се обрати со една благодарствена и созерцателна беседа за значењето на средбата во Бога и за вистинската среќа.

На нашиот возљубен духовен Татко во Христа, Старец, Игумен и Епископ г. Партениј, најтоплосрдечно му го честитаме неговиот именден, посакувајќи му богоугодно долгоденствие, исполнето со здравје и духовни сили и радост и громогласно извикувајќи: „На многу години, Владико наш свет! Достоен!“