Радувај се, Мајко на Јагнето и Пастирот (Втор Акатист)

Според Божјата милост и целесообразност пристигнавме до втората станица на Богородичната мајчинска закрила во ова Света и Велика Четириесетница. Втора благодатна прегратка и душевно утешение од Царицата Мајка по стрмниот пат на постот и духовната борба. Второ таинствено откровение дека нашата небесна Војвотка е посилна од секое искушение. Нејзината бездна од милост и сожаление е место за оддив на тие кои ја љубат, надеж за тие кои грешат, потпора за немоќните, светлина за помрачените по разум. Кажано со едно слово, нема човечко битие што нè е прегрнато од нејзината мајчинска грижа и сострадание.

Акатистот на Пресвета Богородица е возљубено свештено чинодејствие за Христијаните и особено за монасите, за кои тој е вистински празник и радование. Затоа тие со нетрпение го чекаат ова богослужение и со сесрдна радост на Мајката ѝ благодарат и го полагаат пред Неа секое свое воздихание. При оваа втора акатистна пофалба за Сецарицата, посебно средоточие на нејзината благодат беше Манастирот на Победоносецот во Рајчица. Таму нашиот најсакан Старец и Епископ г. Партениј, со својот медоточен глас ѝ ја изела својата синовска љубов на Пречистата преку стиховите од втората статија на радосните поздрави.

Светиот отец наш Јован Дамаскин, Божествениот поет на Црквата Христова, во едно од своите песнопенија ја нарекува Богородица „Славата на вселената, која израсна од луѓето“. Погледнете каква дефиниција, со колку голема чест! Замислете, една Жена стана слава на сета вселена! Единствено таа Личност во историјата, Пречистата Дева Марија, можеше да Го нарече Оној Кој е апсолутно и бесконечно Совршенство, Кој е Создател на небесниот и на материјалниот свет – свој Син, да Му се обрати со зборовите: „Дете Мое“. Он, пак, да ја нарече таа Жена: „Мајко Моја“. Каква чудесна и необјаснива тајна! Преку Неа Словото Божјо влезе во овој свет, снисходејќи толку кон нашата немоќ, што стана како еден од нас. А Таа од своја страна, тоа сесовршено и пречисто Божјо создание, ја сподели мрачната судбина на страданието во овој мачен свет, поради сеопштиот грев на човекот. Тоа ѝ било проречено уште кога го однела четириесетдневниот Богомладенец во Ерусалимскиот храм, од Светиот Симеон Богопримец. Имено, тој чудесен тајновидец, вдахновен од Светиот Дух, ѝ прорекол на Пресветата Богомајка: „Еве, Овој е поставен за паѓање и издигнување на мнозина во Израилот и е знак против Кого ќе се говори. А и на тебе самата, меч ќе ти ја прободе душата, за да се откријат помислите на многу срца“ (Лука 2,34-35). Светиот Симеон ги изговорил овие зборови, предвидувајќи ја нејзината страшна и страдална глетка, кога ќе Го види својот Син распнат на крст.

Епископ г. Партениј Бигорски