(Видео) Благовештенско ликување во Пречиста

Литургискиот блесок на Благовештенското ликување го круниса в зори целоноќното молитвено стоење пред Мајката на Животот. Празничниот ѕвон на камбаните повторно ги собра верните во небесниот предел на Пречистанскиот храм. За кратко време храмот стана претесен за сето она мноштво народ што како река се влеваше во него. Осенети од победничката сила на Крстот со делче од Чесното Дрво на нашиот Господ донесен за оваа прилика од Бигорски и закитени со китка босилек што како благослов ја примија од раката на нашиот сакан Старец, Епископот Антаниски г. Партениј, кој чиноначалствуваше со Литургиското таинство, присутните со цело срце се внесоа во умилното пеење на двата хора, Бигорскиот и „Митрополит Козма Пречистански“, издигнувајќи го својот ум кон Небесата. И навистина беше вистинско задоволство да се слуша таа прекрасна хармонија на монашките гласови и на слаткогласните млади кичевчани. Но најголем дар и храна за растреперените души на присутните, беше токму мигот кога Старецот, толкувајќи го Евангелското четиво, ја долови чудесната и длабока смисла на Благата вест, со која започна нашето спасение.

Како што тоа убаво го образложи владиката г. Партениј, денеска навршија точно 100 години од монашењето на блаженоупокоениот Архиепископ Доситеј, кој бил замонашен токму во Манастирот Пречиста Кичевска од јеромонахот Григориј. Па така, чествувајќи го овој значаен јубилеј за нашата понова црковна историја, Старецот отслужи и трисагија за блажен покој на нашиот прв Архиепископ и на неговиот духовен отец од Битола. А по завршетокот на Божествената Литургија, дедо Партениј им го честиташе на сите жени празникот на православната жена и мајка, истакнувајќи ја Пресвета Богородица како вечен и совршен пример за женскиот пол. Целата свеченост за празникот ја збогати и играорното друштво „Бисер“, кое пред владиката и присутните изведе една прекрасна своја програма. Радоста и благодатта од денешното празнично торжество со нас ја сподели и почитуваната министерка за одбрана, г-ца Славјанка Петровска.

Синоќешното бдение и денешната Света Литургија беа пренесувани во живо на социјалните платформи на Бигорски, за сите коишто не беа во можност лично да присуствуваат, а за професионалниот пренос се погрижи нашиот драг Стојан Стојановски и неговата екипа од „2С“ студио, на кои им изразуваме голема благодарност.

Ете она што дојде да нѐ повика, сега ни се јави: Бог надумно се соединува со луѓето; со гласот на Архангелот прелеста се изгонува, а Дева радост прима; небото слегува на земјата и светот од првата клетва се ослободува. Созданието нека се радува и гласно нека запее: Создателу и Избавителу наш, Господи слава Ти!


Изразуваме голема благодарност до „2С Студио“ за професионалниот пренос на бдението на социјалните мрежи на Бигорски, со што овозможи голем број души да земат учество во молитвите и славословењето на Пресвета Богородица. Нејзиниот благослов нека биде со нив.