Споменот на Христовиот светилник Свети Димитриј Мироточив во Бигорски

Непресушен извор на миро, благодатно и исцелително, постана, откако со копје во ребра како Христа прободен беше; реки на исцеление точиш врз сите што со вера ти приоѓаат, светило на Црквата, пофалбо Солунска.

Светиите се наши патокази кон Царството Небесно. Тие се наши искрени спомагатели во борбата за вистината на вечниот живот и на Воскресението. Примерот на Светиот великомаченик Димитриј светли во Црквата посилно од сонцето, просветлувајќи и загревајќи ги верните по патеката на спасението. Присуството негово е толку присно до денес, што сведочи за неговата смелост пред Бога, но воедно и за неговото човекољубие. Ни светли Димитриј божествениот со зраците на Божјата сесилна, просветителна и обожителна благодат, освежувајќи ги душите со необично, надземно чувство на сладост, дејствителност и Божја близина. Великиот воин е сад преполнет со миро скапоцено, кое прелива низ душите побожни, давајќи им да вкусат од вечната радост и наслада каде постојано пребива самиот. Бесмртниот извор, Господ наш Исус Христос, ни го даде него, кој е радост и украс Божји, како изобилен извор на чудеса и исцеленија, кој уште од младини Му се предаде на Христа, откако остави сè што е идолско, незнабожно и лажно, постанувајќи столб непоклатен во Црквата, поставен на аголниот Камен – Христос.

Нашиот свет манастир, свештената Обител на Чесниот Претеча и Крстител Господов Јован денес го отпразнува споменот на страдалникот и вљубеник Христов, великомаченикот Димитриј Мироточив Солунски, спомнувајќи си за неговото бестрашно исповедание на името Христово и силното сведоштво за вистински и света вера во Распнатиот и Воскреснатиот Спасител. Нашиот старец и игумен, Епископ г. Партениј, кој негува посебна љубов кон мачениците Христови, особено кон домаќинот и чувар на Солун, Свети Димитриј, првостоејќи на светата Мистагогија, нè воведе во духовните пространства, кревајќи ги рацете во молитва за сите и за сè, особено за Едната, Света, Соборна и Апостолска Црква, која е утврдена на крвта Христова, а потоа и на крвта апостолска и маченичка. Од Изворот на бесмртноста вкусувајќи, протече низ нас вечно-живата вода на Духот Божји, Духот Свет, кој нѐ прави сите да бидеме едно во Христа Исуса, нашиот Господ, едно тело – Црквата.