Вселенскиот Патријарх отслужи Трисагија за покој на патријархот Григориј VI, поранешен пелагониски митрополит

Извор:

Неговата Божествена Сесветост, Вселенскиот Патријарх г. г. Вартоломеј, во вторникот на 8 ноември 2022 г., претстоеше на Светата Литургија што беше отслужена на празникот Собор на Севеликите Чиноначалници, во општината Мега Ревма (денешно Арнавуткој) во Цариград (денешен Истанбул).

Вселенски Патријарх Григориј VI

Веднаш потоа, Вселенскиот Патријарх отслужи Трисагија за покој на душите на секогаш спомнуваните Патријарси: Софрониј ΙΙ, Гавриил IV, Константин II и Григориј VI, чиишто мошти се погребани во дворот на Храмот, како и за блаженоупокоениот Архиепископ на Кипар Хризостом ΙΙ, но и за Архиереи на Мајката Црква.

Она што е значајно за нас, е тоа што среде погребаните Патријарси во Храмот на Архангелите во Мега Ревма почиваат посмртните останки и на секогаш спомнуваниот Патријарх Григориј VI (1798-1881). Овој мошне образуван и просветлен јерарх на Великата Христова Црква, бил замонашен на 20 март 1815 година, од митрополитот свештеномаченик Св. Григориј Деркоски и бил негов личен секретар, сè до неговото маченичко страдање на 3 јуни 1821 година. На 24 септември 1824 година во патријаршискиот двор бил ракоположен за велик протоѓакон. На 6 октомври 1825 година бил ракоположен за свештеник и бил назначен за велик протосингел. По неговата сјајна и ревносна служба на дворот на Патријаршијата, на 21 октомври 1825 година бил избран и востоличен за Митрополит Пелагониски. Во тоа време во Пелагониската епархија спаѓал и градот Дебар со неговата околија, така што и Бигорскиот Манастир влегувал во нејзин состав. Митрополитот Григориј бил современик со нашиот голем преродбеник и свет игумен, Архимандритот на Вселенскиот патријаршиски престол, Арсениј Бигорски, родом од Галичник. Соработката меѓу владиката и игуменот била на особено високо ниво, така што со благослов и содејство на Митрополитот Григориј, кој издејствувал дури и султански ферман за Бигорски, Старец Арсениј го гради и разубавува Манастирот, претворајќи го во еден од најзначајните духовно-општествени центри на православните во тоа време. Од благодарност заради неговите големи заслуги, Архимандритот Арсениј им порачува на зографите Михаил и Даниил да насликаат портрет на владиката во големата манастирска трпезарија, овековечувајќи ја на тој начин духовната врска на Митрополитот Григориј со Бигорскиот Манастир.

Со благослов и заложби на митрополитот Григориј Пелагониски и Дебарски бил изграден и велелепниот Храм на Св. Вмч. Димитриј Мироточив во Битола, еден од најубавите храмови од тоа време, кој до ден денес е репрезентативен симбол на градот и гордост на битолчани. Исто така, со негов благослов биле изградени двете познати прилепски цркви „Благовештение на Пресвета Богородица“ и „Свето Преображение Христово“, а со негово посредување било спречено бомбардирањето на градот Прилеп, кога отоманските сили сакале да го срамнат со земја во 1831 година. 

Портрет на секогаш спомнуваниот Григориј VI во големата трпезарија во Бигорски, како Митрополит Плагониски и Дебарски

Во 1833 година Григориј бил избран за Митрополит на Серес, каде што обновил изградил многу цркви и училишта. Станува Вселенски Патријарх под името Григориј VI на 27 септември 1835 година, во едно особено тешко и страдално време за православниот христијански род, со оглед на тоа што многу негови современици архијереи биле безмилосно убиени од страна на турските власти, вклучително и неговиот претходник на Патријаршискиот трон, свештеномаченикот Григориј V, кој сурово беше обесен заради верата Христова на 10 април 1821 година. Патријархот Григориј VI важел за исклучително благочестив и морален човек, кој ревносно се грижел за поредокот во Црквата и за чистота на православното учење. Се упокоил на 8 јуни 1881 година, во неговата куќа во населбата Мега Ревма. Бил погребан во дворот на Храмот на Севеликите Архангели.

Нека му биде споменот вечен!

Фото: Romfea.gr и архива на Бигорски