Благовештение – празник за најрадосната вест

Архангел Гавриил беше испратен од небото да Ѝ го благовести на Дева зачнувањето. И кога дојде во Назарет, размислуваше во себе за необичното чудо! Како Оној Кој е недостижен во висините, од девојка ќе се роди! Како Оној што за престол го има небото, а за подножје – земјата, се вселува во утроба девствена! Оној Кој ни шестокрилните (херувими) ни многуоките (серафими) не можат да Го гледаат, со еден збор благоволи да се воплоти од неа! Ова е Словото Божјо. Зошто стојам и не Ѝ речам на Дева: Радувај се, благодатна, Господ е со тебе! Радувај се, чиста Дево! Радувај се Невесто неневестна! Радувај се, Мајко на Животот! Благословен е Плодот на твојата утроба.
(Слава на вечерната од празникот)

Денес светата Црква си спомнува и радосно торжествува за една чудесна тајна, несфатлива за умовите на смртните, оти денес слегува и плот прима Создателот на вековите и на светот. Несместливиот Бог во чистата утроба на Богородица се сместува, бестелесното се воплотува, беспочетното се зачнува, недопирливото достапно станува, Словото добива тело, бескрајно големото се смалува, а бесконечното се определува; Бог со луѓето се соединува и не се срами да ги нарече браќа (Евр. 2,11). Така, тајната од вековите, скриена од почетокот и непозната и за ангелите, денес се открива и Синот Божји Син Човечки станува, така што, примајќи го најлошото, односно нашата природа, да ни даде неспоредливо подобро – осветување, обновување и обожение. Верни, со восхит да извикаме: Нека се радува тварта, весело да прославува сета природа, зашто на паднатиот род човечки му се додели таква чест од Бога. Затоа, да пее сега сета твар, небото и земјата да се весели, гледајќи како Бог снисходи по неизмерната Своја благост и ја зема на Себе природата на Своето создание, заради негово спасение.

Бигорскиот храм, цветно украсен, ги прими на љубовно поклонение смирените почитувачи на Онаа која заради својата девствена чистота, неискажливо смирение и крајна предаденост на Бога, се удостои да стане Мајка Божја. Сеноќното славословие на Богомајката беше всушност израз на тивката радост што човечкиот род роди таков прекрасен крин – таква богопредадена душа со толку силна вера во Бога и толку послушна на Божјата волја, што од неа да може да се роди Спасителот и Избавителот на светот. Затоа секој поглед, секој испеан стих, секоја умилна воздишка и молитва откината од срцето, ткаеше прекрасна скапоцена риза за молитвено и топло да ја обвие Мајката на нашите срца. И она што требаше да биде наш скромен молитвен принос се претвори во изобилие од неискажлива благодатна радост со која Таа ги обдари душите на сите присутни, и го запечати во нив дарот на Светиот Дух, испросен од Нејзиниот Син. Како да не ти пееме, и како да не те ублажуваме милостива Владичице наша, кога твојата мајчинска љубов бескрајно ги надминува и обилно ги преполнува тесните садови на нашето човечко чувствување и умување. Те молиме, преблага Мајко, дај ни духовна ревност да принесеме жртва за другиот и да го земеме својот крст, кој Бог го полага на нашите плеќи, зашто кога човештвото не сака да даде од себе жртва на споделување и сострадалност, тогаш сите ја плаќаме цената на духовниот пораз и водиме војни, наместо да го негуваме мирот.


Симнете ја проповедта на вашиот уред