(Видео) Велики Петок – во закрилата на Христовиот Крст

Он претрпе Крст заради нас, за да ја уништи смртта, која преку дрвото го потчини на своја власт целиот род човечки. Поднесе страдања за од страдањата да нѐ ослободи. Презрен беше за нам да ни го врати загубеното достоинство. Не направи грев, за и нашата природа да ја овенча со Неговата слава. Ја понесе слабоста на нашето тело, станувајќи човек заради нас, и смрт претрпе Оној Кој му дава живот на светот. Има ли тајна подлабока од ова? Има ли јазик што може трепетот на срцето да го искаже? Колку се големи Твоите дела, Господи! Премудро сѐ си усторил.

(Св. Кирил Александриски)

Денес земјата во тишина е завиткана, молчи созданието, занемено пред неискажливото смирение и трпение на својот Творец, Кој доброволно прима на Себе страдања и срамна смрт. Но тој молк зборува посилно од најгласното слово и како да ни вели: „Дојдете сите вие, чеда на Црквата, откупени со скапоцената и света крв на Пречистиот Творец. Дојдете со солзи и молитви да ги созерцаваме Неговите страдања, со страв Божји и трепетни души спомнувајќи си: Христос нашиот Спасител на смрт се предава за нас, неправедните… Нема подобро време од овој тежок и страдален ден, кога голготата низ која врви светот, болестите, смртта, солзите за загубените ближни, се слеваат со болката за распнатиот наш Создател. Оти колку и да се страшни бурите на искушенијата што денес силно го зафатиле и го нишаат бродот на човештвото, толку посилно пробива низ свеста сознанието дека нема поцврста потпора од Крстот Христов и побезбедно засолниште од Оној Кој умре на него и смртта ја умртви. Сега кога светот го губи тлото, да побрзаме кон Голгота, да се држиме цврсто за подножјето на Крстот, да ги прегрнеме со молитва Христовите нозе, заради нас со клинци прободени, да се сокриеме во Неговите рани, заради нас нанесени, да се потопиме во Неговите страдања, и да оставиме зад себе секаква световна грижа и страв! Да влеземе во голготскиот мрак оти таму веќе блеска таинствена светлина на верата и надежта, превезот се открива и вратата на светилиштето се отвора. Во тоа светилиште ќе ја најдеме љубовта непоимлива и надземна на Отецот Кој дозволува распетие, Синот Кој се распнува и на Светиот Дух Кој е победничка сила на Крстот. Зашто Бог толку го возљуби светот… Кој би можел достојно да ја опише таа љубов? И Самиот наш Спасител молчеше на Крстот за да може совршено да ни ја пренесе. Да молчиме и ние пред голготската сцена, оставајќи делата да зборуваат. Нека нашата љубов молкум го победи злото со добро, ги благословува тие што нѐ колнат, се моли за оние што нѐ распнуваат и прави добрини таму каде што не можат да ни вратат.

И бигорскиот храм со својата молитвена тишина верно го сведочи тој судбоносен и за нашето спасение пресуден настан. Течат пред нашите очи свечените мигови на црковното оплакување, што вдахновените отци го преточиле во прекрасни стихови полни со сострадална болка за распнатиот и со трње крунисан Цар но и со таинствена, непоклатна надеж во Неговата триумфална победа. И раскошниот цветен епитаф, како гроб во кој лежи Христовото тело, и каде низ стихови се излеваат болката на Богомајката за Своето измачено и умртвено Чедо, не буди тага туку веќе шепоти за воскресната радост. И Плаштаницата наеднаш ја губи својата траурна смисла и станува знамение на Воскресението и победата над смртта, знаме на слободата и единството со Бога. Пред блескавиот сјај на таа победа, пред триумфот над злото, бледнеат и губат важност сите  болки и испитанија што човекољубивиот Господ ги допушта за наше поправање и спасение и што денес вселуваат толку многу страв и очај во човечките срца. Зашто оној кој нераскинливо го врзал својот живот за Распетието и Воскресението Христово, укрепен од силата што извира од нив, никогаш нема да биде поразен, па што и да се случува во светот.

Господи милостив, Ти кој толку силно го возљуби човекот, што благоволи да пострадаш заради него, погледни и сега милозливо на нашите страдања и со силата на Твојот Крст на кој ги рашири рацете во љубовна прегратка за целиот свет, извојувај победа над искушенијата и злото, за да можеме уште порадосно да го прославиме и насекаде торжествено да го објавиме Твоето сесветло Воскресение.