Оние кои Го избраа Бога

Слово на Неговото преосвештенство епископ Антаниски г. Партениј, изговорено на Вечерната богослужба, на споменот на 318. свети Отци од Првиот вселенски собор и на светите браќа Кирил и Методиј, во бигорскиот скит во с. Битуше, на 10/23 мај 2026 лето Господово


Во името на Отецот и Синот и Светиот Дух!

Возљубени браќа и сестри,

Му благодариме на семилостивиот Бог и на великите Учители наши, светите просветители Кирил и Методиј, што и оваа година, во навечерието на својот празник, нѐ собраа овде, во прекрасните висини на оваа планина, во подножјето на самиот Крчин, каде што од памтивек битисуваат нашите предци. Овде, каде што некогаш ова парче татковина се чуваше со земска војска, Господ нѐ удостои од нашите раце да биде воздигнат храм, посветен токму на овие преголеми Христови пратеници, коишто светата Црква достојно ги нарекува рамноапостоли, затоа што со својот живот и со своето благовестие се изедначија со светите Апостоли, привлекувајќи илјадници души со својот благословен подвиг во прегратките на Богочовекот. Заедно со нив, по Божја промисла, денеска го чествуваме споменот и на славните свети Отци од Првиот вселенски собор, свикан и одржан од светиот цар Константин Велики во 325 година, во градот Никеја.

Вообичаено, на празничната вечерна богослужба посветена на големи светители, се читаат три старозаветни паримии.[1] И навидум, тоа што го слушнавме вечерва од книгите Битие и Второзаконие, може да доведе некого до недоумица каква врска имаат овие древни текстови со празнуваните светители. Но доколку се внесеме подлабоко во духот на Црквата, ќе видиме дека сите овие читања се едно свештено предание, едно благодатно и свето продолжение на истото Божјото откровение што дејствува низ сите векови.

Првата паримија ни го откри ликот на Мелхиседек, таинствениот свештеник на Бога Севишниот, кој со леб и вино го пречекал и го благословил праотецот Авраама.[2] Образ на Самиот Христос, како што ни сведочи светиот апостол Павле[3]: без татко, без мајка, без родослов, чиешто свештенство нема крај.

Втората паримија ни го донесе ликот на Боговидецот Мојсеј. Кога овој Божји човек, преморен под товарот на народот, се жалел пред Господа, велејќи дека не може сам да го носи сиот тој народ, Господ му одговорил да си избере седумдесетмина старешини, та и врз нив да излее од Светиот Дух, Кој почивал врз Мојсеја.[4] Така уште тогаш, со сенка и праслика на она што претстоело да стане во иднина, Бог покажа дека Неговата Црква не е дело на еден човек, ами тело со многу членови, градба со многу столбови, но со една Глава: Самиот Христос.

Третата паримија, пак, ни открива нешто уште подлабоко: дека Господ од сиот род човечки одвои еден народ, Израилот, и му ја вети земјата во наследство, и му го даде Својот закон, и го благослови над сите племиња, со посебна благодат.[5]

И сепак, некој ќе се запраша: каква врска има сето ова со светите Отци од Никеја во 4. век по Христа, или со светите Кирил и Методиј во 9. век, или со нас, со ова Христово стадо собрано вечерва на оваа врв-планина?

Возљубени мои, Црквата ни ја приложи оваа духовна храна со многу јасна цел. Оти старозаветниот Израил бил одбран не заради својата крв, ниту заради својата сила, ами заради својата вера во вистинскиот Бог.[6] Во таа благословена лоза од Адама, се чувале правоверието, преданијата и откровенијата, и Мојсеј, воден од Светиот Дух, го запишал сето тоа. Тие биле избрани зашто и самите Го избрале Бога. Станале деца Божји зашто Го возљубиле Бога како свој Татко.

А кој е избран народ денес?

Избран народ денес е оној што Го прифаќа Бог Света Троица за Отец свој, и Неговото откровение го прими како вера своја. Зашто Христос е последното и совршеното откровение во домостројот Божји – Самиот Бог Кој слезе и стана човек. И како што пишува светиот апостол: Бог, Кој во старо време, откако многупати и на многу начини им зборуваше на нашите предци преку пророците,во последниве денови ни зборува преку Синот[7]. Сите оние кои Го примаат Христа за свој Бог – Оној Христос Кого беа Го прорекле Мојсеј и сите пророци – тие се новиот Израил, новиот богоизбран народ. „Зашто во Христа Исуса нема ни Јудеец, ни Елин“[8], сите сме една нова твар[9], едно тело, една Црква Божја.

Замислете го моментот на свикувањето на Првиот вселенски собор во Никеја, во времето на светиот цар Константин. Помислете каква сила имала тогаш Црквата, кога цар Константин – едвај дванаесетина години по последниот голем прогон против христијаните – ги собрал светите отци од сите краеви на тогашната екумена. Христовото благовестие било веќе длабоко и насекаде продрено, и сите беа станале еден род, без оглед на земја, јазик и племе – Христос ги направи „еден нов човек“ во Бога.[10]

Но тогаш се појавиле и првите тешки борби и расколи внатре во христијанската заедница. Ариевото лажно учење дека Синот Божји е твар, а не единосуштен со Отецот, ја разнишувало Црквата од Александрија до Цариград.[11] И требало да се истакнат избраните садови Божји во светата Црква, на кои Бог им го доверил чувањето на верата. Како што во старозаветно време Бог поставил околу Мојсеја седумдесет старешини, така и во новозаветно време одбрал свети архијереи – светите: Александар Александриски, Атанасиј Велики, Николај Мирликиски, Спиридон Тримитунтски, Ахилиј Лариски, чиј храм имаме во наша близина, и сите оние триста и осумнаесет богоносни отци[12], кои бивајќи просветлени од Светиот Дух, ја одбраниле вистинската вера и го составиле она „Верувам во Единиот Бог“, што и ден-денес го исповедаме на секоја света Литургија и во домашното молитвено правило.

И на кого тие Отци ѝ ја предадоа таа вистина? На новиот Израил. На сите нас. Затоа, мили мои, кога во Црквата слушаме збор за Израил, немојте да мислите дека тука се подразбира земниот Израел, потомците по плот на стариот еврејски народ. Тоа е сенка, праобраз. Ние сме новиот Израил; ние сме одбраното семе Авраамово – според верата, не според плотта и крвта.[13]

И пред раздвојувањето на Запад од Исток – каква сила ли имала Црквата! Какво единство – од Британија до Месопотамија, од Скитија до Етиопија – едно срце, една уста, една заедница! До разделбата во 1054 година, кога настапило дефинитивното раздвојување меѓу стариот Рим, и новиот Рим – Константинопол и останатите три древни патријаршии на Истокот, Црквата сјаела како незалезно сонце над целиот цивилизиран свет.

А во таа Црква, во таа сила и слава, се вклопија и нашите учители, Божествените Кирил и Методиј. Тие беа избрани садови Божји за словенските и за многу други народи. Тие им ја дадоа азбуката на Словените – не за да пишуваат само букви, ами за да можат да се молат на Бога на својот мајчин јазик; ни го преведоа светото Евангелие, за Словото Божјо да живее меѓу нас како што живеело меѓу другите цивилизирани народи во тоа време; ни ја воведоа богослужбата на разбирлив јазик, за да биде „од сончевиот исток па сè до запад“ прославено името Господово.[14] Тие нѐ внесоа во новиот Израил.

Затоа во третата паримија Господ ги опомена старите Евреи, потсетувајќи ги дека Нему Му припаѓа „небото и небото над небесата, земјата и сѐ што е на неа“[15] – и им покажа какво достоинство им подарил заради нивната тогашна вистинска вера. Со тоа Господ нѐ опоменува и нас, новиот Израил: кога имаме толкаво достоинство, кога толкава благодат ни е дарувана – да веруваме во Воплотениот, Распнатиот и Воскреснатиот Господ, Кој се вознесе во слава и седна оддесно на Отецот – должни сме да го исполнуваме Неговиот закон на љубовата, доколку сакаме и на овој век и на оној да бидеме умножени како морскиот песок и како ѕвездите на небото.[16]

Возљубени браќа и сестри, светите рамноапостолни отци Кирил и Методиј, просветители на многу народи, нека се молат за нас, за да не остане нивниот труд бесплоден во нас. Да им благодариме за делото на кое нѐ удостоија – од нашите раце да го примат овој манастир, и да ни помогнат да го довршиме и да го осветиме.

Но истовремено – и ова е најважно – ние самите да станеме храмови Божји. Зашто залудно е ако градиме храмови од тула и од камен, а самите не се изградиме како храмови на Светиот Дух. Не знаете ли вие – прашува апостолот – дека сте храм Божји, и Духот Божји живее во вас?Ако некој го разори Божјиот храм, него Бог ќе го разори; зашто Божјиот храм е свет, а тоа сте вие. [17] Господ пред сѐ и над сѐ сака ние да бидеме храмови Божји, носители во своето срце на Оној Кој сака да пребива во нас, а сите заедно да бидеме една, света, соборна и апостолска Црква.

Во тоа можат многу да ни помогнат светите Браќа Кирил и Методиј, кои илјадници и илјадници души привеле кон богопознанието и кон вистинската вера. Ним нека им е слава, чест и благодарност, и на нашиот Господ Исус Христос, со беспочетниот Отец и со Сесветиот, благ и животворен Дух – слава, поклон и благодарење, сега, секогаш и во вековите на вековите. Амин.


[1] Според Типикот, на големите празници на светители (т.н. бдениски и полиелејни светители) се читаат три извадоци од Стариот завет, наречени паримии. Во случајов: Битие 14, 14-20; Второзаконие 1, 8-17; Второзаконие 10, 14-21.

[2] Битие 14, 18-20: „И Мелхиседек, царот салимски, изнесе леб и вино; а тој беше свештеник на Севишниот Бог, па го благослови, велејќи: Благословен да е Аврам од Севишниот Бог, Создателот на небото и земјата!“

[3]Евр. 7, 3: „Без татко, без мајка, без род, немаше ниту почеток на дните, ниту крај на животот и, по таков начин, е подобен на Синот Божји, и останува вечен првосвештеник.“ Сп. Пс. 109, 4: „ Се заколна Господ и нема да се раскае: Ти си Свештеник за навек според чинот Мелхиседеков“ За христолошкото толкување на Мелхиседек, види: св. Јован Златоуст, Беседи на Посланието до Евреите, беседа 12; PG 63, 96-106.

[4] Втор. 1, 8-17; сп. Броеви 11, 14-17, 24-25, каде Мојсеј Му вели на Господ: „Не можам сам да го носам сиот овој народ.“ Господ од Духот што беше врз Мојсеја им подели на седумдесетте старешини.

[5] Втор. 10, 14-15: „Ете, небото и небото над небесата, земјата и сè што е на неа, е на Господ, твојот Бог; 15 но само предците ваши ги прими Господ и ги засака, и ве избра вас, нивното семе по нив, од сите народи, како што гледаш денес.“

[6] Втор. 7, 7-8: „Не затоа, што сте побројни од сите народи, ве прими Господ и ве избра, – бидејќи вие сте помалобројни од сите народи, – туку затоа што Господ ве засака.“ За христијаните како „вистински духовен Израил“, види: св. Јустин Филозоф, Дијалог со Трифон Јудеецот, 11, 5 и 123, 9; PG 6, 497–500 и 760–764.

[7] Евр. 1, 1-2.

[8] Гал. 3, 28.

[9] 2 Кор. 5, 17: „Кој е во Христа е нова твар; старото помина, ете, сѐ ново стана.“

[10] Ефес. 2, 14-15: „Он е нашиот мир, Кој од двата народи направи еден…, за да создаде во Себе од двата еден нов човек, воспоставувајќи мир.“

[11] За ереста на Ариј – дека Синот Божји е твар и дека ’имаше време кога Него Го немаше‘ – и за неговото осудување, види: св. Атанасиј Велики, Против аријаните, Беседа I, 5-10; PG 26, 21-33. Како и: Сократ Схоластик, Историја на Црквата, кн. I, гл. 5-9; PG 67, 41-84.

[12] Бројот „триста и осумнаесет“, отците на Црквата типолошки го толкуваат во врска со книгата Битие 14, 14 – слугите на Аврам што го избавија Лот. Види: св. Амвросиј Милански, За верата, I, 5; како и: св. Григориј Богослов, Беседа 21 (Пофално слово за Атанасиј Велики); PG 35, 1081-1128.

[13] Рим. 9, 6-8: „Бидејќи не се Израил сите оние што се од Израил. Ниту, пак, се сите потомци Авраамови, затоа што се негови чеда… Односно, не чедата на телото се чеда Божји, туку чедата на ветувањето ќе се признаат како потомци.“ Сп. Гал. 3, 29: „А, ако сте, пак, вие Христови, тогаш сте Авраамово семе, и по ветување наследници.“

[14] Мал. 1, 11: „Зашто од сончевиот исток па сè до запад името Мое е големо меѓу народите, и тие на секое место принесуваат темјан и чиста жртва; големо е името Мое меѓу народите, вели Господ Саваот.“ Овој пророчки стих светите отци го толкуваат како праобраз на евхаристиската жртва на Црквата меѓу сите народи. Види: св. Јустин Филозоф, Дијалог со Трифон, 41; PG 6, 564.

[15] Втор. 10, 14.

[16] Битие 22, 17.

[17] 1 Кор. 3, 16-17.