„Жедната душа моја напој ја, Спасителе, со водите на благочестието“

Слово на Неговото преосвештенство епископ Антаниски г. Партениј, изговорено на Светата Литургија на споменот на светиот великомаченик Георгиј Победоносец и празникот Преполовени, во Рајчица, на 23 април/6 мај 2026 лето Спасителово


Во името на Отецот и Синот и Светиот Дух. Амин.

Возљубени мои, годинешниот празник на светиот великомаченик и победоносец Георгиј, според распоредот на црковниот календар, се совпадна со ден кој литургиски носи голема длабочина, ја содржи тајната на пасхалниот пат. Тоа е празникот Преполовение, односно средината меѓу светата Пасха и Педесетница. Како Црквата да нѐ запира тука, на половината пат, и да ни шепнува: запрете малку, послушајте; нека ви слезе на срцето она што Воскресението го отвори, и она што Силата одозгора уште само треба да го отпечати во вас.

Евангелието што денес го слушнавме нѐ води во самиот храм Господов. Нашиот Спасител, Господ Исус Христос, „на средината од празникот“ влезе и започна да го поучува народот од Писмата. И тие, знаејќи оти потекнува од Назарет и оти не поминал низ нивните книжарски школи, не можеле да си ја објаснат таа Негова длабочина, и едни на други се прашувале со чудење: Како ги познава Овој Книгите, кога не учел?[1] Тогаш Господ им одговорил на нивните помисли, оти Он е испратен од Отецот; оти Неговото поучување не е човечки збор, не е расудување од школски клупи, туку наука одозгора, од Небото. Зашто само одозгора може да дојде она по кое душата жеднее.

Затоа светите отци ни составиле тропар за оваа духовна средина: „На половината на празникот, жедната душа моја напој ја, Спасителе, со водите на благочестието.“[2] А кои се тие води на благочестието? Тоа се истите оние за кои самиот Господ зборува: Кој е жеден нека дојде кај Мене да пие! Кој верува во Мене од неговата утроба, како што е речено во Писмото, ќе потечат реки од жива вода.[3] Тие води, тивки и невидливи, ќе се излијат на Педесетница. Светиот Дух ќе слезе врз светите апостоли, и тие ќе бидат, како што е напишано, „облечени во сила одозгора“.[4] Ќе зборуваат на јазиците на сите народи. Ќе одат и ќе ја напојат целата вселена со она од што самите се напоиле. Зашто токму тоа е тајната на животната вода: оној кој ќе се напие од неа, не ја држи за себе. Самиот тој станува извор на жива вода. Самиот тој станува точило, од кое и другите пијат.

Но многу е важно, мили мои, човекот да не остане слеп – внатрешно слеп. Да не помисли оти во овој свет има сѐ што му е потребно. Да не помисли оти таа вода од изворите и од чешмите – иако и таа е дар Божји за кој Му благодариме на Создателот – е доволна за да се угаси жедта на душата. Не, душата има друга жед. Душата нѐ повикува назад кон својот Извор. А вистинската вода животна, која му дава сила на човекот и го облекува со неуништливост и со светост, е науката што слезе од Небото преку Христа Спасителот.

И таа наука, мили мои, не е само познание. Таа не е учење како другите учења на овој век. Таа е Лице – самото Лице на Спасителот. Затоа Он дојде, се вочовечи, се распна заради нас, ја победи смртта во човекот, воскресна и се вознесе на Небото, носејќи го со Себе во прегратката на Отецот целото човештво. Така секоја душа што денес жеднее за правда и за вистина – а вистината е Христос, како што Самиот рече: Јас сум патот, и вистината, и животот[5] – има можност да премине во вечноста и да биде со Него.

Но видовме во истото тоа Евангелие и нешто страшно. Помрачените срца на првосвештениците не само што не Го прифатија, туку сакаа и да Го убијат. И Господ ги прашува: „Зошто сакате да Ме убиете?“ Тоа прашање, возљубени, не е само нивно. Тоа прашање одекнува низ вековите и допира до секого од нас, кога и ние, заради својата гордост или поради страси и суета, се одделуваме од Неговата вистина. Тогаш Он се отстрани од нивните раце, бидејќи не беше уште дојден Неговиот час. Подоцна, навистина, ќе пострада, за да го издигне сето она во човекот што е способно да Го прими.

А второто Евангелие, што го прочита ѓаконот, беше посветено на нашиот празнуван светија, на свети Георгиј Победоносец. И видете каква хармонија: двете евангелски читања се надополнуваат едно со друго, за да ни ја откријат истата тајна од две страни. Во првото, Христос им зборува на оние што не ја сакаат вистината и што сакаа да Го убијат. Во второто, Он им зборува на Своите ученици, и преку нив на сите Свои следбеници низ вековите – меѓу кои стои како светилник свети Георгиј – и им зборува за најголемиот дар, кој е истовремено и најголемото оружје: Нова заповед ви давам: да се љубите еден со друг.[6] И вели: Ако светот ве мрази, знајте дека мене светот уште пред вас Ме замрази.[7]

Внимавајте на редоследот: прво – љубов, потоа – омразата на светот. Љубовта оди прво. Љубовта е темелот, столбот, оската околу која се врти целиот наш живот во Христа. Најнапред во вертикала: да Го возљубиме Господа со сето свое срце, со сите свои помисли, со сета своја сила. И потоа во хоризонтала: ближниот како самите себе. Тоа не се две заповеди, туку една – како што и Бог е Еден. Затоа свети Јован Богослов нѐ предупредува дека е невозможно да Го љубиме Бога, а да го мразиме братот свој. Ако некој рече:Го љубам Бога а го мрази својот брат, тој е лажливец.[8] Не може едното без другото. Љубовта е една.

И ако светот, кој не знае вистински да љуби во Христа, нѐ замрази – нека биде. Не сме ние тие што треба да се плашиме. Тој свет, мили мои, е привремен. Тој свет ќе помине како пареа на утрото. Останува само Христос. Останува љубовта во Христа. Остануваат сите оние кои се втемелиле во Него, затоа што се втемелиле во Вечниот. Љубовта кон Бога е движечката сила што нè прави вистински христијани и ни овозможува да имаме правилен однос со луѓето што нè опкружуваат. Што и да ни прави овој свет, нема од што да се плашиме, затоа што Воскреснатиот е со нас.

Така било и со светиот Георгиј. Тој ја примил евангелската наука во своето срце како жеден патник што пристигнал до бунарот. Се напил од водата животна, и веќе не се плашел од ништо. Бил подготвен да остави сѐ од овој свет, кога ќе дојде часот, и да Го посведочи Христа пред сите. Бил подготвен и други да приведе кон Него, а на крај и самиот да биде прославен со мачеништво. И Господ, Кој на Своите им рекол оти „ќе нагазуваат на змии и скорпии“[9] и оти ќе прават големи знаменија во Негово име, дури и мртви ќе воскреснуваат – сето тоа го исполни и преку него.

Затоа свети Георгиј, низ целата историја на Црквата, имајќи слобода пред Христа и дејствувајќи преку Неговата благодат, не престанува да Го сведочи Воскреснатиот од небесната Црква. Безбројни се неговите чудеса. Безбројни се исцеленијата по неговите молитви. Безбројни се оние кои тој преку своето застапништво ги привел кон Царството небесно. Неслучајно Црквата во неговиот тропар го воспева како помошник на оние кои владеат со правда и вистина, како закрилник на сите кои ја љубат вистината, а воедно, со една срдечна топлина, го нарекува и помошник на сиромасите и лекар на болните. Тоа е неговото место. Тој е син на Воскресението кој, дури и од Небото, навистина живее меѓу нас.

Затоа, возљубени мои, да Го молиме денес овој славен и победоносен Великомаченик да ни помогне постојано и секогаш да се раѓа во нас желбата за вистината и за светоста. Да жеднееме за Божествената наука на Христа Бога. Да станеме и ние извори на жива вода. Зашто Бог сака верата во нас да изобилува, да тече, да ги напои и оние околу нас. И тогаш, по Неговата благодат и милост, ќе станеме деца на вистината и деца на вечноста. Амин.


[1] Јован 7, 14-15.

[2] Тропар на Преполовението на Педесетницата, глас 8, Цветен Триод.

[3] Јован 7, 37-38.

[4]Лука 24, 49; сп. и Дела 2, 1-4.

[5] Јован 14, 6.

[6] Јован 13, 34.

[7] сп. Јован 15, 18.

[8] 1 Јован. 4, 20.

[9] Лука 10, 19.