Победоносецот на љубовта Христова

Слово на Неговото преосвештенство епископ Антаниски г. Партениј, на вечерната богослужба во чест на светиот великомаченик Георгиј Победоносец во бигорскиот метох во Рајчица, изговорено на 22 април/5 мај 2026 лето Спасителово


Во името на Отецот и Синот и Светиот Дух!

Возљубени мои,

Нашите драги гости – псалтите од Грција, предводени од нашиот брат и долгогодишен пријател, архимандритот г. Херувим – на оваа прекрасна празнична Вечерна, посветена на светиот славен великомаченик Георгиј Победоносец, ни испеаја една стихира којашто ми остави особен впечаток. Би сакал сега повторно да ја прочитаме:

Штом ќе пловам по морето, или по патот ќе чекорам, ноќе штом ќе заспијам – ти запази ме. Кога ќе бдеам, сочувај ме, преблажени Георгие. Удостој ме волјата Господова да ја творам, за да најдам разрешение од житејските дела, и јас, кој приоѓам под твојот покров, во денот на судот. [1]

Чудесни зборови! Црковниот поет со искуство нè поучува на нешто многу важно: на едно тивко себепредавање. Целиот живот, и оној во движење и оној во неподвижност, и оној во работа и оној во сон, го предаваме под заштита на Светиот, а преку него на Самиот Бог. Затоа што душата, навикната да живее со Светиите, не може без нив, како што детето не може без мајчината прегратка.

Но како е можно тоа, мили мои? Како е можно еден човек, кој имал иста природа како нашата, да биде истовремено достапен на илјадници, на милиони луѓе кои го молат, и да ги слуша, и да им помага? Како е можно тоа да биде? Таинството на светителското застапништво не е во неговата човечка природа, туку во благодатта Божја.[2] Светите Божји угодници не се големи поради тоа што самите по себе биле големи; тие се големи поради тоа што целата своја мала човечка природа Му ја предале на Христа, и Он ја испополнил со Својата нетварна светлина. Тие станале садови на Светиот Дух. Тие, како што вели Апостолот, станале „сопричесници на Божјата природа“.[3] Тоа е смислата на целиот домострој Божји: воплотувањето на Словото, страдањето, Воскресението, Вознесението, испраќањето на Светиот Дух – сето тоа Бог го направи за нас, луѓето, за да нè удостои да станеме богови по благодат, синови во Синот, сопричесници на Неговата вечност.

Токму таков е, возљубени, светиот великомаченик Георгиј: сад на Божествената благодат. Жива икона на Воскресението. Затоа неговото име молитвено го носиме на устата повеќе од илјада и седумстотини години, и тој не престанува да твори чудеса.

Свети Георгиј, по потекло од Кападокија,[4] по занимање бил римски војник. Не обичен војник, ами воен трибун, маж со чин, со положба, со достоинство. Служел верно на римската држава, и тоа со чиста совест, оти знаел дека секоја власт е од Бога и дека добриот христијанин е едновремено и добар граѓанин.[5] Но државата на која ѝ служел во тие години, под царот Диоклецијан, го имала за единствена дозволена вера безбожието; императорот и поклониците на таа паганска религија обоготворувале камења и метали, се клањале на демони, ги гонеле оние кои Го исповедале Единиот вистински Бог. Свети Георгиј, пак, бил од дете воспитан во Христовата вера. Неговиот татко Геронтиј пострадал за Христа кога овој бил уште дете, а мајка му Полихронија го одгледала во христијанска побожност како цвеќе во Господовата градина.

Кога излегол царскиот указ за гонење на невините, многумина од службениците гледале како да премолчат, како да си ја сочуваат службата, како да ги задржат имотите. А свети Георгиј? Тој постапил онака како што постапуваат само оние кои се вистински заљубени во Христа. Не премолчил пред неправдата. Не отстапил настрана. Не се преправил дека не слуша. Не се предал на световниот живот и на удопствата што му ги нудело општеството. Не си рекол во себе: „Добро сум платен, висок ми е чинот, ќе си ја служам службата, ќе си замолчам, на Бога ќе Му се молам тивко по ќошињата.“ Не! Не ги разделил тие два света во две одаи во своето срце. Зашто еден е Господ, една е верата, едно е крштението.[6]

Истапил, значи, храбро пред царот, откако претходно ги разделил своите имоти на сиромашните и ги ослободил слугите, и пред целиот императорски совет мажествено извикал: „Зошто сакате да пролевате невина крв? Зошто им се клањате на лажни богови, кога Единиот вистински Бог, Господ Исус Христос, се роди, пострада, воскресна и седи оддесно на Отецот – сѐ заради нас?“ И со тие зборови, тој го исполнил, всушност, реченото од Господа: И така, секој што ќе Ме признае Мене пред луѓето, ќе го признаам и Јас него пред мојот Отец небесен.[7] Тој не се срамел од Христа, и Христос не се посрами од него.

Потоа уследиле неговите мачења. И тоа какви страшни измачувања! Бичување, тркало со ножеви, гасена вар, железни обувки со клинци, тешки камења врз градите. Но Господ бил со него. Седум дена и седум ноќи трпел, и секое утро чудото на исцелението, гласно и неприкриено, покажувало дека Христос е жив. И тогаш, во самата таа жестина на мачеништвото, во самиот тој оган, се случило нешто што и денес длабоко трогнува: имено, гледајќи го неговото бестрашие, и други војници почнале да Го исповедаат Христа за вистински Бог. Свети Георгиј ја изговорил најгласната проповед за Христа, не со зборови, туку со своето страдање, со својата крв, со своето беспоговорно трпение заради Него. Ја виделе неговата вера другите околу него, виделе како страда без да се поколеба, виделе како и покрај сите маки останува слободен и спокоен, виделе како во неговото лице нема ниту страв, ниту омраза, туку само еден непоколеблив мир и вера, па и тие Го запознале Бога. И тие Го посведочиле Христа. И накрај, и самите тие биле погубени заради својата вера.

И не само војниците. Дури и царицата Александра, жената на Диоклецијан, гледајќи ја величината на Великомаченикот, не можела повеќе да остане во темнината: Му се поклонила и таа на Христа и пострадала за Него. Дури и магот, паганскиот жрец Атанасиј, кој бил доведен да приготви смртоносен отров за свети Георгиј, кога со свои очи видел како светителот пие отров и не умира, се фрлил пред нозете негови, Го исповедал Христа и бил на лице место посечен. Видете како во маченичката крв на еден се раѓа Црквата на мнозина! Зашто навистина, како што рекол свети Јован Златоуст, маченичката крв е семе на Црквата.[8] Од една капка нивна крв израснува цел собор на сведоци.

Возљубени, ова е огледалото пред кое нè доведе денешната Вечерна и денешниот славеник. Зашто и ние, секој од нас, во помал или поголем размер, секој ден стоиме пред својот Диоклецијан. Има еден внатрешен Диоклецијан кој ни вели: „Премолчи. Не мор да си го расипеш комфорот. Прифати го компромисот. Зошто да си ги разоткриваш убедувањата? Зошто да тераш правда? Зошто да си создаваш непријатели? Преправи се дека си согласен или премолчи, па терај си го животот – сите така прават.“ И има еден надворешен Диоклецијан – духот на овој век – кој со безброј начини нè убедува дека вистината може и да се премолчи, дека Христос е приватна работа, дека верата е украс, а не суштина.

И тука, мили мои, се покажува какви христијанин сме самите. Сведочам ли со животот, или Го кријам Христа како скриен лист хартија во џеб? Оти Господ нѐ предупреди: Така треба да свети пред луѓето и вашата светлина, за да ги видат вашите добри дела и да Го прослават вашиот Отец небесен![9] Ако ти, како светилник, си разгорен од Христа, не може а да не светиш. А ако не светиш, прашај се дали воопшто имаш пламен од љубов за Бога.

Денес, за жал, многумина од нас сме млаки. И страшен е тој збор на Господа во Откровението кон ангелот на Лаодикиската црква: Така, бидејќи си млак, а не жежок, или студен, ќе те изблујам од устата Своја![10] Млакоста не е безопасна. Млакоста е најдалеку од Христа, дури и подалеку од студеноста. Зашто студениот барем знае дека му е студено, и може да побара оган. А млакиот се мами себеси дека е добро, и не бара ништо. Млакоста е заборавот на тоа Кој е Христос и што значи тоа што Он се распна за нас. Христос не сака половичност. Он сака целосност, затоа што Он ни даде сè и Самиот се даде Целиот. Оној кој ќе ја придобие целата вселена, а на својата душа ѝ напакости, што ќе постигне?[11] Свети Георгиј го знаел тој благословен закон, дека за да го добиеш целото, мораш да го дадеш целото. И каде тој ја нашол силата за исповедништвото? Не во себеси. Не во својот трибунски чин. Не во родот, ни во богатството. Ја нашол во Црквата Божја. Оти бил воспитан во благочестие од својата света мајка и од примерот на својот свет татко; бил навикнат од дете да живее литургиски, да учествува во светите Тајни, да се моли, да чита, да слуша. Тоа тивко воспитание во молитвата и во литургискиот живот – токму тоа го изградило како цврст дијамант Христов. Зашто оној кој живее литургиски, не живее само со себе – тој веќе живее со Христа.

И затоа, мили мои, треба да се испитуваме каков е нашиот литургиски живот. Зашто многумина од нас, фала Му на Бога, сега се причестуваат често, доаѓаат на службите, ги посетуваат манастирите. Тоа е голем дар. Но внимавајте, не дозволувајте сите тие свети нешта да станат форма без содржина, тело без душа. Господ доаѓа во нас преку светата Причест за да нè преобрази. „Преку светите Тајни, Христос живее во нас, а ние во Него; ние стануваме крв од Неговата крв, коски од Неговите коски“, вели свети Никола Кавасила.[12] Тоа е она што дава дури и маченичка сила, доколку за неа има потреба.

Дозволете Му на Христа да дојде. Дозволете Му да ве преобрази. Тргнете ги завесите од прозорците на душата, и пуштете ја Неговата светлина.

Да го молиме денес овој голем светец на Црквата – славен и на Исток и на Запад, чудотворец, ослободител на пленетите и заштитник на сиромашните[13] – да ни измоли од Христа три дарови: прво, храброст. Зашто сме во време кога е многу потребна храброста. Храброст да го прегрнеме крстот кога околу нас сите се срамат. Второ, ревност. Зашто Господ од нас сака ревност. Сакаш ли спасение, сакаш ли да бидеш во небесната Црква со сите светии? Тогаш не оди по патот на млакоста. Раководи се според примерот на свети Георгиј, според примерот на сите оние маченички чети кои ја освоиле Римската Империја – не со меч, туку со трпение и со крв.[14] Тие победиле најмоќно царство без оружје. Дури и римскиот цар накрај се поклони на Распнатиот. Тоа го направи љубовта Христова, а не воената сила. Трето, љубов. Зашто без љубов сè е бескорисно. Свети Георгиј пострадал од љубов; не од омраза кон царот, не од политичка спротивност, туку од длабока, силна, преобразувачка љубов кон Спасителот свој. Истата таа љубов нека нè разгрева и нас, нека ни биде гориво за секој ден.

Колку денес во светот има христијани? Многумина по име, малкумина по живот. Свети Георгиј и првите христијани со толку малку успеаја да направат толку многу. Но не да паѓаме во очај. Господ нè повикува да гледаме со надеж. Зашто Он, Кој воскресна од мртвите, ни вели и нам денес: не плашете се, зашто Јас го победив светот.[15] А свети Георгиј, Неговиот Победоносец, стои до Него и ги грее нашите души. Под неговиот покров пловиме, чекориме, бдееме, спиеме. По неговите молитви нека ни даде Бог да станеме и ние, недостојните, Негови сведоци во овој свет.

По застапништвото на светиот славен и победоносен великомаченик Георгиј, Господи Исусе Христе, Сине Божји, помилуј нè и спаси нè!

Амин.


[1] Стихира на „Господи возвах“, на Вечерната богослужба на светиот великомаченик Георгиј Победоносец (23 април), глас 4. Минеј за месец април.

[2] сп. Свети Григориј Палама, Триади во одбрана на свештените исихасти, III, 1, 33: „Светителите Божји не само што имаат благодат, туку самите се преисполнети од Божјата нестворена светлина и со неа им светат на оние кои им пристапуваат.“

[3] сп. 2 Петар 1, 4: „та преку нив да станете учесници во Божјата природа“. Учењето за обожението како цел на човечкиот живот е централно во православната догматика. Сп. свети Атанасиј Велики, За воплотувањето на Словото, 54: „Бог стана човек, за да можеме ние да станеме богови.“

[4] Светиот великомаченик Георгиј пострадал во 303 г. во Никомидија, за време на гонењето на императорот Диоклецијан. Според житието, бил роден во Кападокија, во христијанско семејство. Татко му Геронтиј исто така пострадал за Христа, а мајка му Полихронија го воспитувала во христијанска побожност на нивните имоти во Палестина. Сп. Симеон Метафраст, Житие на свети Георгиј Победоносец, PG 115, 141–161.

[5] сп. Рим. 13, 1: „ Секоја душа да им се потчинува на претпоставените власти, зашто нема власт што не е дадена од Бога, и оние што ги има се одредени од Бога.“ И сп. 1 Петар 2, 17: „Почитувајте го секого, браќата сакајте ги, имајте страхопочит кон Бога, царот почитувајте го!“

[6] сп. Ефес 4, 5.

[7] Матеј 10, 32.

[8] Свети Јован Златоуст, Беседа за маченикот Лукијан, PG 50, 519: „Маченичката крв е семе на Црквата“ – мисла што ја пренесува уште Тертулијан (Apologeticum, 50, 13): Plures efficimur quotiens metimur a vobis: semen est sanguis Christianorum – „Колку повеќе сме косени од вас, толку побројни стануваме: семе е крвта на Христијаните.“

[9] Матеј 5, 16.

[10] Откр. 3, 16.

[11] сп. Матеј 16, 26.

[12] Свети Николај Кавасила, За животот во Христа, IV.

[13]Тропар на светиот великомаченик Георгиј, глас 4.

[14] За духовно-историскиот феномен на „освојувањето на империјата без оружје“ преку маченичкиот подвиг и христијанското сведоштво, сп. протопрезвитер Георги Флоровски, Христијанството и културата (Christianity and Culture, vol. II), глава „The Empire and the Desert“. Сп. и историскиот преглед кај Адолф фон Харнак, Die Mission und Ausbreitung des Christentums in den ersten drei Jahrhunderten, Leipzig 1924.

[15] Јован 16, 33.