Слово на Неговото преосвештенство епископ Антаниски г. Партениј, изговорено на Источен петок – Балаклија, по читањето на светото Евангелие на Божествената Евхаристија, во Манастирот Пречиста Кичевска, на 4/17 април 2025 лето Господово
Во името на Отецот и Синот и Светиот Дух!
Високопреподобни, преподобни и сечесни отци,
Почитуван градоначалник г. Александар Јовановски,
Почитуван народен пратеник г. Ѓорѓија Сајкоски,
Почитуван дописен член на МАНУ д-р Сашо Цветковски,
Возљубени браќа и сестри,
Седмицата којашто сега се приведува кон својот крај не е воопшто обична седмица. Нашите срца го чувствуваат тоа: чувствуваат дека не би сакале таа да заврши, туку да трае колку што трае целиот наш живот. И навистина, литургиски гледано, таа не завршува; таа нè воведува во Божествената бесконечност. Светата Црква, во своето длабоко богословско искуство, ја нарекува оваа недела Седмица на обновувањето,[1] а нејзиниот таинствен карактер е содржан во тоа што таа целата се живее како еден ден – Осмиот, невечерен ден: денот на новото творение, денот на вечноста, денот што ги надминува сите денови.[2] Затоа во неа не ги броиме деновите одделно, оти богослуженијата се исти, оти сè е проникнато со едно единствено дишење: дишењето на Воскресението.
Погледнете само колку пати во текот на оваа седмица се пее тропарот на Воскресението: секој ден, од Утрената до крајот на Литургијата – над деведесет пати![3] Ниеден друг тропар во целото црковно предание не се повторува толку многу. И тоа не е случајно. Црквата нè потопува во Воскресението, сака тоа да проникне во секое ткиво на нашето битие, за да ни стане јасно, со целата длабочина на срцето, дека Воскресението Христово е темелот на нашата вера, дека без него сè би било празно, сè би било без смисла. Затоа и секоја недела во годината е посветена на светлото Христово Воскресение, зашто секој неделен ден е еден мал Велигден. Нашиот народ тоа длабоко го доживеал и го воспеал во едноставната, но богомудра песна: „Нашата вера убава, секоја недела Велигден.“

Од овој извор на Воскресението, нашиот народ црпел животни сили низ вековите. Знаел дека неделата е ден на Воскресението, и од тоа сознание, од таа верност, се раѓала издржливоста да се опстои среде сите искушенија на овој свет – свет што Самиот Христос го нарече место на жалости, но и место на победа: Во светот ќе имате маки; но не плашете се, зашто Јас го победив светот.[4] Ова не е утеха на некој кој сочувствува оддалеку. Ова е глас на Победителот. Он веќе го стори она што ние сè уште не сме го сториле. Он го победи светот, и сега нè повикува и нас да влеземе во Неговата победа. Оти Воскресението Христово не е само спомен – тоа е сила, жива и делотворна, која и нам ни се дава, за и ние да го победуваме светот.
И во оваа седмица, преисполнета со пасхална радост, Црквата не можеше, а и не сакаше, да ја заборави онаа Личност без која спасението на светот не би можело да се оствари. Токму затоа, петокот од Светлата седмица Црквата ѝ го посвети на Пречистата Владичица наша Богородица, прославувајќи ја под прекрасното име: Живоприемен и живоносен Источник.[5] Да, Богородица Мајка е животворен извор. Таа го прими во себе Оној Кој е самиот Живот. Христос, Изворот на животот, влезе во нејзината утроба, и така таа самата стана извор на живот за целиот род човечки. Нејзиното „да“ – она кротко, смирено, но вселенски судбоносно „да“ изречено на Благовештение[6] – му даде тело на Создателот, за Он да стане еден од нас. Дева Марија од Назарет му Го даде на светот животворецот Христос. И од тој миг Богородица и самата стана живоносен извор за сите нас.
Но ова тајна не запира кај Богородица. Таа тече понатаму, разлевајќи се низ целото тело Христово, низ секој верен. Зашто и Самиот Христос ни вети: Кој пие од водата, што ќе му ја дадам Јас, нема никогаш да ожедни; таа во него ќе стане извор на вода што ќе тече во живот вечен.[7] Сетете се: вo разговорот со жената Самарјанка, Господ Христос ја открива тајната на водата којашто го наситува секој човечки глад и ја гасне секоја човечка жед, а тоа е Неговата евангелска наука, Неговиот живот, Неговата благодат. Човекот кој таа вода ќе ја прими и ќе заживее според неа, станува сродник Христов. И уште, Господ вели дека од утробата на оној кој верува во Мене ќе потечат реки на жива вода.[8] Самиот верен, значи, станува извор на жива вода за другите.

И тука доаѓаме до длабочината на христијанскиот призив: не само да примиме живот, туку и да станеме животодавци за ближните. Христијанинот кој ги практикува евангелските добродетели – особено љубовта и милосрдието – станува одмор и извор за другите. Сите сте го почувствувале тоа во животот: какво олеснување носи сознанието дека имаш вистински пријател, човек кој никогаш нема да те предаде, затоа што знае дека ако го предаде ближниот – Бога ќе го предаде. Оној кој го првонаредил Христа над сè и во сè во овој живот, тој ќе се труди никогаш да не го разочара својот ближен – напротив, ќе му служи со љубов и милосрдие, ќе биде негов одмор.
Богородица е највозвишен образец токму за ваквото тивко, смирено, но моќно служење. Во Евангелието таа многу малку се спомнува, а сепак, нејзиното смирение е огромно, нејзината молитвена сила – неизмерна. Да се сетиме на свадбата во Кана Галилејска,[9] кога Господ, правејќи се дека не дошол уште Неговиот час, прифати да го направи првото чудо – токму поради молитвата и застапништвото на Својата Пречиста Мајка. Таму, меѓу Мајката и Синот нема многу зборови. Нема расправа. Има само поглед, внатрешно разбирање, молчалива доверба. Богородица едноставно им рече на слугите: Што ќе ви рече, направете![10] – и Он веднаш ја послуша. Он ја почитува Својата Мајка, зашто е вистински Син. Во тоа евангелско четиво гледаме дека Христос веќе ништо не се противи – Мајчиниот збор има тежина пред Бога. Таа е застапничка, посредничка на родот човечки пред Бога.
Во лицето на Пресвета Богородица човечкиот род доби Мајка. Не само Мајка Божја, туку и мајка на секој човек кој верува. Таа е пред сè жена – најчистата меѓу сите жени – и Дева.[11] Знаеме дека ние луѓето сме создадени од Бога како огромно уметничко дело на Уметникот над уметниците, и сите сме различни. Мажите се различни од жените, и секој си има свои дарови. Жените ги краси нежноста, љубовта, кротоста, мајчинството – коешто е особено важно и свето. Во лицето на Богородица добивме образец на сите мајки, на сето она што мајчинството може и треба да биде: самоодрекување, тивка пожртвуваност, безусловна љубов.
Затоа, возљубени, ние христијаните имаме особена и голема одговорност во овој свет. Нашата вера не е човечки изум – таа е откровенска. Бог во непрекинат континуитет се јавувл и им се откривал на луѓето: најнапред преку пророците, а потоа преку Својот Единороден Син. Воскресението е круна на тоа откровение, празник над празниците, и причина за огромна радост – оти со него ние сме обновени и преобразени. Сето тоа стана преку Пресвета Богородица, која доброволно Го прими Христа во својата утроба. И тоа е она што и ние сите треба да го правиме: доброволно, со слободно „да“, да Го примиме Христа во своите срца – не еднаш, туку секој ден, секој миг, до последниот здив.[12]

И токму тоа е она што сега се случува на светата Литургија. Зашто Литургијата не е наш спомен за Христа – таа е Негово доаѓање кај нас, секогаш ново и секогаш исто.[13] Сега, по завршувањето на Литургијата на огласените – оној дел во кој слушавме и се поучивме од Божјото Слово – продолжуваме со Литургијата на верните и со канонот на Евхаристијата: најсветиот момент, кога Светиот Дух ги осветува даровите и ни Го дава Господа како Тело и Крв, за и ние самите да станеме она за кое зборувавме – живоносни извори за светот.
Да сте благословени и со духовна сосредоточеност да ја продолжиме светата Литургија! За многу години! Христос воскресе!
[1] сп. Откр. 21, 5: „Еве, сѐ ново создавам“; сп. и 2 Кор. 5, 17.
[2] сп. Св. Василиј Велики, За Светиот Дух, 27, 66 (PG 32, 188B–192A). Неделата како Осми ден е образ на идниот век, на вечноста, на Царството Божјо, и затоа сета Светла седмица литургиски се живее како еден единствен и непрекинат неделен ден – Денот на Воскресението.
[3] Тропар на Света Пасха: „Христос воскресе од мртвите, со смртта смртта ја порази и на оние што се во гробовите живот им дарува.“
[4] Јован 16, 33.
[5] Службата на петокот од Светлата седмица е посветена на Пресвета Богородица – Живоносен Извор (Живоприемен Источник). Празникот потекнува од цариградската традиција и е поврзан со чудотворниот извор при храмот на Пресветата во местото Балаклија во Константинопол.
[6] сп. Лука 1, 38: „Еве ја слугинката Господова; нека ми биде според зборот твој.“
[7] Јован 4, 14.
[8] Исто 7, 38. сп. Иса. 58, 11.
[9] Јован 2, 1-11.
[10] Исто, 5.
[11] сп. Лука 1, 46-55 – Величанието на Пресвета Богородица.
[12] Сп. Гал. 2, 20: „И јас веќе не живеам, туку Христос живее во мене.“
[13] сп. Евр. 13, 8: „Исус Христос е ист и вчера, и денес, и во веки.“











