Слово на Неговото преосвештенство епископ Антаниски г. Партениј, на Света Пасха 2026
Христос воскресна! Христос воскресе! Христос воскресна!
Во името на Отецот и Синот и Светиот Дух!
Возљубени мои, воскресната радост низ вековите никогаш не престанала, ни овде на земјата, ни во Царството небесно. Затоа што тоа е радост која не може да одмине, која не може да биде одземена. Тоа е радоста за која Самиот Господ им рече на учениците: И радоста ваша никој нема да ви ја одземе.[1] Со таа радост нè прегрна Создателот преку Крстот и преку празниот Гроб. Со неа ни го отвори патот кон Царството небесно, кој дотогаш беше затворен за целиот род човечки.

Без Христа, спасение за човекот немаше. Човекот лежеше во смртен сон и ги трпеше последиците од престапот на прародителите. Оттогаш, од оној кобен миг кога Адам ја загуби блажената заедница со Бога, смртта владееше над секое човечко суштество, зашто гревот влезе во светот преку еден човек, а преку гревот – смртта, по таков начин и смртта премина на сите луѓе преку еден човек, зашто сите згрешија.[2] Затоа и псалмопејачот пророк Давид, пророкувајќи, во 142. псалм извикува: Заради името Свое, Господи, ќе ме оживееш, според справедливоста Своја ќе ја изведеш од притеснение душата моја.[3]
Целото човештво со копнеж го очекуваше Оној Кој ќе го скрши јаремот на смртта. Не само пророкот Давид во Псалмите пророкуваше, туку и сите пророци, „зашто за Него сведочат сите пророци.“[4] Дури и првиот човек, прататкото Адам кој согреши, но не го загуби сосема внатрешниот слух на срцето, очекуваше враќање во првобитната состојба. Очекуваше доаѓање на „семето на жената“, Кое ќе ја смачка главата на змијата.[5]
И Бог го направи тоа. Зашто Бог толку го возљуби светот, што Го даде Својот Единороден Син, та секој што верува во Него да не загине, туку да има вечен живот.[6] Поживеа со нас, луѓето, на оваа земја, како вистински човек, се распна и воскресна. Не заради Себе, туку затоа што го возљуби човештвото толку многу, што светите отци велат дека таа Негова Љубов е надразумна. Некои отци ја нарекоа „луда Љубов“[7], затоа што Создателот стана како еден од нас, во сè ист, освен во гревот.[8]

И накрај, таму на Крстот на Голгота, ги рашири рацете Свои и во тој Крст, со Својата Љубов, нè собра сите за да нè оживи сите. Свети Атанасиј Велики вели: „Он стана човек за да нè обожи нас“.[9] Но Христос не само што нè врати во првобитната состојба, туку уште повеќе: нè воздигна над неа, бидејќи сега сме во потполна заедница со Бога, заедница поблиска и подлабока од онаа што Адам ја имаше во Рајот.
Сето она што беше замислено како домостроителство на спасението, Бог го изврши на Голгота и во Адот. Ако ние, православните, ја погледнеме иконата која ни го претставува Воскресението – а тоа е, всушност, иконата на Христовото слегување во Адот, она што литургиски ѝ припаѓа на Великата Сабота – ќе видиме како Христос, цел обвиткан во светлина, во мандорла од слава, влегува во преисподната, во местото каде што душите на мртвите биле заробени во сон. И оттаму ги извлекува Адам и Ева, фаќајќи ги за нивните малаксани раце и кревајќи ги горе кон животот. А под Неговите нозе гледаме вкрстени врати, скршени на парчиња, кои во химнографијата се нарекуваат железни или бакарни.[10] Насекаде расфрлани резиња, клинци, катанци, затоа што Христос со сила ја сокрши моќта на Адот и го ослободи заробениот род човечки.
Но не треба да заборавиме дека светлата воскресенска радост Христова се чувствува само тогаш кога ќе го побараме одговорот на прашањето за смислата на постоењето. Бидејќи без Христовото Воскресение, животот на земјата е бесмислен. Ако, пак, Христос не воскреснал, тогаш напразна е нашата проповед, празна е и вашата вера – вели свети апостол Павле.[11] Овој свет, одвоен од Воскресението, навистина станува долина на плачот и на смртната сенка. Сите знаеме колку трае човечкиот живот. Па макар ако некој доживее и над сто години – што? Оти, каква полза е за човек ако го придобие целиот свет, а на душата своја и напакости?[12] Повторно во гробот ќе се смести. Следствено, без Светлината на Христовото Воскресение, животот овде на земјата е бесцелен. Само со Христа животот добива смисла и цел. Потребно е да побараме одговор на она прашање што го мачи секој човек, и во Христа ги има сите одговори. Он Сам рече: Јас сум патот, вистината и животот.[13] Он го дава одговорот за смислата на светот и за човечкото постоење.
Иако живееме во свет полн со спротивставености, со огромни падови, со одрекување од верата, со газење на најосновните човечки начела, а да не зборуваме и за верските – сепак, Воскресението Христово стои како единствен одговор. Но од друга страна се поставува прашањето: зошто во светот уште војни, зошто уште смрт, зошто толку жалости? Ако се сетиме од Евангелието што го читаме на Велики Петок, кога Господ пред Своето страдање им зборува на учениците за она што ги очекува, дека ќе биде предаден, фатен, убиен и распнат, Он им вели: Вие не сте од светот, зашто Јас ве избрав од светот.[14] И повторно: Во светот ќе имате жалости; но не бојте се, зашто Јас го победив светот![15] Како го победи светот? Преку Крстот, преку страдањето и со Своето Воскресение. Христос им рече на апостолите дека светот, во кој и Он живееше со нив триесет и три години – тој свет ќе остане со своите жалости, со спротивставености, со војни, со омраза, со лукавства. Зошто? Затоа што луѓето, по својата слободна волја, не го прифаќаат патот на Вистината. Мнозина дури не го признаваат ни Воскресението.

Денеска утрото, на Божествената литургија на Великата Сабота, го читавме Евангелието што ни се раскажува како стражарите од Христовиот гроб почнаа да разгласуваат дека се случи нешто невидено: И ете, стана голем потрес; ангел Господов слезе од небото, пристапи, го отстрани каменот од гробната врата и седна на него.[16] Печатите се раскинаа, а Оној Кого Го чуваа, Мртовецот, веќе не беше таму. Но првосвештениците, помрачени од гревот, од злобата, од зависта, им платија на војниците и им рекоа: Кажете: учениците Негови дојдоа и Го украдоа кога ние спиевме.[17] А воедно знаеме дека според римскиот воен закон, смртна казна следувала за оној стражар кој би заспал на должност. Но нив ги заштити наговореноста и подмитениот управник. И така почнаа да шират лага. И тој глас се пренесува меѓу Јудејците и до денес.[18]
И до ден-денес, возљубени мои, гледаме дека многу луѓе не го признаваат Воскресението, скептични се, го одрекуваат. Но Воскресението постои – и живее, и дејствува! Затоа ние оваа вечер, крстените, чедата Христови, извикуваме со огромна радост и потврдуваме: Христос воскресна – навистина воскресна! Зашто Неговото Воскресение трае низ историјата, и сите ние го чувствуваме. Воскресението Христово ги оживува нашите души. Ги оживуваше душите на мачениците, кои кога требаше да Го исповедаат, не ги жалеа своите животи, знаејќи дека малку ќе дадат, а многу ќе добијат. Зашто, кој сака да го спаси својот живот, ќе го загуби; а кој го загуби животот свој заради Мене и Евангелието, тој ќе го спаси.[19] Така направија прво Неговите свети ученици, апостолите, кои сите ги дадоа своите животи за таа темелна вистина на нашата вера: вистината за Воскресението Христово. Свети апостол Павле сведочи: Но да Му благодариме на Бога, Кој секогаш ни дава победа во Исуса Христа.[20] Тие не се плашеа од ништо, зашто знаеја дека Христос е жив.
Мили мои, Воскресението е нешто што треба да нè придружува целиот наш живот, нас христијаните. Треба да живееме воскресенски секој ден. Оваа Пасха, која ја празнуваме секогаш на овој голем ден, треба да продолжи и потоа. Свети Серафим Саровски секого го поздравувал со зборовите: „Христос воскресе, радост моја!“ – не само на Пасха, туку секој ден од годината, зашто за него Воскресението беше секојдневна реалност.
Треба да бидеме сведоци Негови, на Оној Кој откако воскресна, за тоа ги избра и ги испрати учениците во светот, давајќи им мир и велејќи им: „Не плашете се!“ И пак: „Mир вам!“ Ништо не може да го исплаши вистинскиот христијанин, бидејќи знае дека во овој свет сè е минливо, а сè што е во Христа станува вечно и никогаш не завршува.

Ви посакувам да се радувате со воскресната радост и секогаш да размислуваме, како христијани, за зборовите на подвижниците на нашата Црква, кои можеби за световните луѓе звучат парадоксално, но за нас, монасите и за сите верни, ја претставуваат самата суштина на подвигот. Свети Јован Лествичник во Лествицата учи за неопходноста од постојано помнење на смртта[21], а подвижничкото предание познава мудри зборови: „Умри пред да умреш, за да не умреш кога ќе умреш.“
Смртта, всушност, за христијанинот не значи крај. Треба да умреме за гревот, за сè она што претставува вистинска смрт. А вистинска смрт е злобата, омразата, зависта – сето она што треба да биде победено од Љубовта Христова. Секој грев треба да биде победен со нашето воздржание и со борбата на покајанието. Победувајќи го гревот, ние ја победуваме и смртта во нас. А нема поважно од тоа: човек, заедно со Христа, Кој ни е соборец во овој свет на маките и страдањата, да го придобие вечниот живот. Зашто Христос воскресна, и смрт нема да има веќе.[22]
Христос воскресе – и радувајте се!
[1] Јован 16, 22
[2] Рим. 5, 12
[3] Пс. 142, 11
[4] Дела 10, 43
[5] сп. Битие 3, 15
[6] Јован 3, 16.
[7] μανικὸς ἔρως – се среќава и кај свети Николај Кавасила, За животот во Христа (Περὶ τῆς ἐν Χριστῷ ζωῆς).
[8] Евр. 4, 15.
[9] Свети Атанасиј Велики, За вочовечувањето на Словото, § 54.
[10] сп. Пс. 106, 16
[11] 1 Кор. 15, 14
[12] Матеј 16, 26
[13] Јован 14, 6
[14] Јован 15, 19
[15] Јован 16, 33
[16] Матеј 28, 2
[17] Исто, 13
[18] Исто, 15
[19] Марко 8, 35
[20] 2 Кор. 2, 14
[21] Свети Јован Лествичник, Лествица, слово 6 – „За помнењето на смртта“ (Περὶ μνήμης θανάτου).
[22] Откр. 21, 4











