И еве, најпосле – дојде!
По блаженото Четириесетдневие. По Великиот Канон и солзите на свети Андреј. По благословените статии на Акатистот и „Радувај се, Невесто неневестна“. По торжеството на Православието и по величественото богословие на свети Григориј Палама. По Крстопоклоната недела и дрвото на кое умре Животот. По света Марија Египетска и нејзината пустина. По Цветници и „Осана.“ По Страсната Седмица – по Тајната Вечера, по Гетсиманија, по судот, по бичувањето, по Голгота, по „Се соврши“, по копјето во ребрата, по Плаштаницата, по гробот, по тишината на Велика Сабота. По сето тоа – дојде!
Светата Пасха!
Христос воскресна од мртвите!
И ете, оваа ноќ Бигорскиот засветли со светлината на Невечерниот Ден. Не со електрична светлост, не со рефлектори, туку со оној древен, таинствен, нестварен сјај што го носи секоја пасхална ламбада запалена со Благодатниот Оган од Ерусалим, што и оваа година, по благословот на нашиот возљубен Старец, епископот Антаниски г. Партениј, пристигна во нашата Обител. Светлина од Светлината, Оган од Огнот, Христос од Отецот. И кога Старецот излезе како моќен гласник на Божественото Воскресение пред недогледните множества верни, и кога неговиот победозвучен глас – тој глас што четириесет дена пееше покајничките тропари и изговараше умилителни утехи и слова – за прв пат по долгиот пост изговори: „Слава на Светата, Единосуштна, Животворна и Неразделна Троица“ – во тој миг, ноќта престана да биде ноќ.
А потоа победничкиот тропарот. Оној единствен тропар, оној триумфален восклик за кој целата година е само подготовка: „Христос воскресе од мртвите, со смртта смртта ја победи, и на оние во гробовите живот им подари!“ И кога овие серадосни зборови се пронесоа низ манастирската шир, а и многу подалеку; и кога илјадниците свеќи во рацете на морето народ заблескаа како ѕвезди небески на земјата; и кога воскресниот канон почна да се пее со гласови што торжествено ликува – тогаш беше повеќе од јасно дека Велигден не е обичај, не е традиција, не е фолклор. Тоа е најчиста, најсвета, најубава вистина. Христос навистина воскресна. И ние навистина сме живи во Него.
Нашиот сакан владика чиноначалствуваше со Пасхалното таинство со поглед преобразен од Воскресението; поглед на човек кој не само што верува, туку гледа и допира. И кога возгласуваше „Христос воскресе“, и кога глаголеше неговата уста, неговиот глас беше глас на сведок кој сведочи за она што го видел со очите на душата. Зашто тоа е Старецот за нас: сведок на Воскресението.
Пасхалниот канон на свети Јован Дамаскин го исполни просторот под небото на Бигорски со зборови кои се небесно ликување: „Ден на Воскресение, да се просветиме, луѓе, Пасха – Господова Пасха! Зашто од смртта кон живот, и од земјата кон небото, Христос Бог нè преведе, нас кои победна песна пееме.“ Од смрт кон живот. Тоа е преминувањето – Пасха значи премин – кое се случува не само во историјата, не само на Голгота, тука, сега, во оваа пасхална ноќ, во секое срце кое Го прима Воскреснатиот.
И какво море од народ! Од секаде, од секој крај, од градовите и од селата, доаѓаа и доаѓаа, и Бигорски ги примаше сите, како што празниот Гроб во Ерусалим ги прима сите кои доаѓаат да се уверат. Манастирскиот двор беше исполнет до последниот камен, лицата на верните светеа од свеќите и од нешто поголемо од свеќите – од внатрешна светлина, од радост што не може да се одглуми, од она чувство кое го знае само оној кој го гледа триумфот на доброто и станувањето од гробот на Добриот.
„Нека воскресне Бог и нека се распрснат непријателите Негови!“ Секој стих проследен со „Христос воскресе од мртвите“ – пак и повторно, неуморно, весело, лудо-радосно, зашто Пасхата е токму тоа, света лудост, света нетрпеливост на душата која не може да замолчи пред глетката на Воскресението. „Овој е денот, што го сотвори Господ: да се возрадуваме и возвеселиме во него“ И ние се радувавме. Не со умерена, надворешна радост, туку со радост која се прелива, која не можеше да се сопре, која се лее од очите и од усните и од прегратките со кои се поздравуваме: „Христос воскресе!“ – „Вистина воскресе!“
А кога Старецот го прочита Пасхалното слово на свети Јован Златоуст, тоа огнен, победнички проглас за победата на Животот, во кое Златоустиот му се потсмева на адот и го прогласува за поразен – во храмот одекна ликување: „Никој нека не се бои од смртта, зашто смртта на Спасителот нè ослободи… Адот се огорчи, кога Те сретна долу; адот се огорчи, зашто опустоши; адот се огорчи, зашто беше исмеан; адот се огорчи, зашто беше умртвен; адот се огорчи, зашто беше срушен; адот се огорчи, зашто беше окован; го прими телото Христово, а Го најде Бога; прими земја, а сретна небо; го прими она што го гледаше, а падна во она што не го гледаше. Каде ти е, смрт, бодилото? Каде ти е, аду, победата?“ И секое „се огорчи“ беше победнички извик на војска која знае дека битката е завршена, дека непријателот е поразен, дека смртта е мртва. Оти Пасхата не е крај. Нашата Пасха е вечен почеток. Почеток на животот кој не завршува. Почеток на радоста која никој не може да ни ја одземе. Почеток на новата твар, во која сè е светлина и сè е Христос.
Христос воскресна вистински, неповратно, засекогаш! И нека целиот свет го знае тоа. И нека Бигорски – овој свет дом на молитвата, на подвигот и на Воскресението – вечно го пее тоа. Радувајте се и веселете се, зашто сега сè е светлина, сè е радост, сè е живот, сѐ е убавина!
Христос Воскресна!
Навистина Воскресна!































