Вечерна на љубовта во Бигорски

Во овој сепразничен ден, кога целиот свет дише и се просветлува со несоздадената светлина на Христовото Воскресение, нашите срца треперат со радосен восхит, озарени од силата на благодатта што се излева врз секоја душа жедна за вечност. Со радосни восклици кои ја сведочат победата на Животот над смртта, продолжуваме да Го славиме Оној, Кој со Своето тридневно станување од гробот стана Почеток на новото создание и Исцелител на нашата падната природа. Пасхата Господова ја порази темнината, а Љубовта Божја засекогаш ја прогони сенката на ништавилото, правејќи го овој ден време во кое секоја солза е избришана, секој гроб е отворен и секоја душа е повикана на небесната Трпеза.

​Оваа сеопфатна љубов, доживеана од илјадниците присутни лица на Пасхалната богослужба, продолжи силно да гори и во текот на целиот ден во Бигорската свештена обител, а Христовата победа над смртта одново и на многу јазици се објави на прекрасната и древна Вечерна богослужба на љубовта. Огромниот број присутни верници, кои останаа да го заокружат празничниот амбиент во заедница со својот Старец, епископот Антаниски г. Партениј, го слушаа евангелското слово, со кое уште еднаш се потврди дека Божјата милост не познава граници, туку му се обраќа на секој народ и на секое срце, уривајќи ги ѕидовите на поделбите изградени од ништожните желби за моќ и зло.

Сите заедно, собрани во една душа, со едно срце и во една пасхална радост, стануваме дел од живата река на љубовта во која секој воскреснат поглед го сведочи Христовото Воскресение, кое е единствената сила што го преобразува светот и го исполнува со надеж што не исчезнува, туку напротив, ја живее своја полнота остварена и доживеана во пасхалната полнота.

​Христос Воскресе!