Уште една од сестринските православни Цркви стапи во евхаристиско единство со нашата света Црква

Извор:

По одлуката на Вселенската Патријаршија од 9 мај оваа година, со која, по претходна молба за апелација упатена од нашиот Свет Синод, нашата помесна Православна Црква беше примена во богослужбено и канонско единство со Великата Христова Црква во Константинопол, а преку неа и со целата православна екумена, како и по помирувањето со сестринската Црква на Србија што уследи како последица на оваа иницијатива, денес и Православната Црква на Русија ја прифати каноничноста на нашата најсвета Црква. Во продолжение интегралното соопштение од Синодот на Московската Патријаршија:

„На 25 август 2022 година, во текот на заседанието на Свештениот синод на Руската православна црква беше ислушано соопштението од Светејшиот Патријарх Московски и на цела Рус Кирил за доделувањето, од страна на Српската православна црква, на автокефалија на Македонската православна црква – Охридска архиепископија (журнал бр. 62).

Синодот утврди да се заблагодари на Господа Бога за, оствареното врз канонските начела, разрешување на прашањето на статусот на Православната црква во Северна Македонија и да се признае Македонската православна црква – Охридска архиепископија како автокефална Црква-сестра, откако ќе се впише името на нејзиниот Претсојател, Блаженејшиот Архиепископ Охридски и Македонски Стефан, во свештените диптиси.

Членовите на Синодот изразија надеж дека најмалата во семејството автокефални православни цркви, Македонската православна црква – Охридска архиепископија, цврсто ќе ги пази во чистота и непорочност светата православна вера и ќе ја пази верноста на православната канонска традиција.

Учесниците на заседанието исто така решија да се извести за донесеното решение на Свештениот синод Светејшиот Патријарх Српски Порфириј и Блаженејшиот Архиепископ Охридски и Македонски Стефан“.