Поклонение на Крстот во средината од постот

Крстопоклона недела

Првото дрво во Едем му беше забрането на првосоздадениот човек, но непослушноста и прекршувањето на заповедта му нанесе горчлива смрт, болки, страдања, болести, отуѓеност од Бога и предаденост на распаѓањето.

Заповедта за нејадење од дрвото на познанието била повик и можност за човекот со својата сопствена слободна волја да ја потврди својата љубов и предаденост на Бога. Зашто човекот бил создаден потполно слободен и самовластен, со право на избор и слободна волја.

Избирајќи да ја прекрши заповедта, се соочил со најтрагични последици кои не можел да ги понесе, и тие последици го определија текот на човечката историја. Навистина, делото на првиот човек е претешко, бидејќи предизвикало смрт духовна и телесна.

Но Божјото човекољубие и сожаление изврши спасение среде земјата. Самиот предвечен Син Божји, Кој е во прегратките на Отецот, прифати да се вочовечи, да се воплоти, во сѐ да постане подобен на човекот, освен во гревот, па да го исцели, да го воскресне и да го обожи отпаднатиот човек. Тоа го направи преку своето доброволно страдање на Чесниот и Животворен Крст кого денес Црквата ни го предлага за поклонување, токму во средината на патот до славното Христово Воскресение.

Преку дрво човекот отпадна од Рајот, но, исто така, преку Дрво повторно беше вратен во него.

Дрвото на животот од Бога засадено среде Рајот е она дрво кое е засадено во средината од Великиот пост, Светата Четириесетница, во неделата наречена Крстопоклона.

На Крстното дрво беше распнат Господ Исус Христос, распнувајќи го стариот човек кој е потчинет на распадливоста и на смртта.

Нашиот возљубен и крстољубив Старец, Епископ г. Партениј, го предводеше крстовоскресенското поклонение и славје, на кое сите, монасите и бројниот народ, задничарејќи во Христа, беа закрепнати и охрабрени од благодатта што денес се излева од Животворниот Крст Господов. Со Крстот Господов беа осветени и водите за здравје на оние кои вкусуваат и се поросуваат со нив.