Таму каде што е крстот, таму е и воскресението

Слово на Неговото Високопреподобие Архимандрит Партениј за Чесниот Крст, изговорено на Крстопоклона недела во манастирската трпезарија

 

Мили мои, бидејќи е веќе трета недела од Великиот Пост и полека зачекоруваме во неговата четврта, средишна седмица, Црквата денес го издигнува своето знаме на победата – Чесниот и Животворен Крст Господов. Изнесувањето на ова победоносно знамение на нашата вера, Светите Отци мудро го поставиле тука, на средината од посното поприште, затоа што, како што слушнавме од синаксарот на утрената богослужба, „умртвувани од страстите, ние паѓаме во униние и имаме чувство на жалост, па ни се предлага Чесниот и Животворен Крст за да нè поткрепи и утврди и утеши, потсетувајќи нè на страдањата на нашиот Господ Исус Христос“.

Постејќи, воздржувајќи се, борејќи се со стариот човек во нас, ние лесно паѓаме со духот. Но, кога ќе погледнеме во симболот на победа на нашиот Подвигоположник Христос, кога со љубов ќе се поклониме на „сесветото дрво, на кое Христос, распнуван, го спаси светот, како милосрден“ (од канонот на Крстопоклона), тогаш се исполнуваме со духовна сила и храброст, така што можеме ревносно да го продолжиме подвигот на постот и молитвата.

Со издигнувањето на Чесниот Крст во оваа, Крстопоклона недела, Црквата уште нè потсетува и на тоа дека, доколку го избереме крстот како начин на живот, како средство за распнување на стариот, гревовен човек во нас, преполн со егоизам и погубни страсти, како лек за нашата од гревот разболена природа, тогаш ние несомнено ќе доживееме и воскресение, ќе достигнеме до духовната слобода и вистинскиот спокој во љубовта Божја, ќе се исполниме со мирот Христов. Зашто токму во тоа лежи големата тајна на нашата вера – оти таму каде што е крстот, таму бездруго е и воскресението; и дека во никој случај не може да има воскресение, доколку најпрво не се појави Крстот Христов.

Во оваа тајна на Крстот се наоѓа, меѓу другото, и одговорот на прашањето зошто сите луѓе во овој свет страдаат. Навистина, неизбежно е да констатираме дека сите страдаат: и грешниците и праведниците. Некако би можеле да сфатиме за грешниците, но зошто и праведниците, зошто и тие страдаат? – прашуваат многумина. Христовата Голготска жртва, како печат на целокупниот Негов самопожртвуван подвиг за спасение на светот, јасно ни го одговара прашањето. Имено, таму, на самата Голгота, биле поставени три крста: во средината бил Христовиот Крст, Крстот на Оној Кој страдал без вина, Koj пострада за гревовите наши, Праведник за неправедните (1. Петар. 3,18) и ги раширил Своите раце на Крстот, прегрнувајќи го целиот свет со Неговата Божествена љубовна прегратка; од левата страна имало крст на грешник и разбојник кој не се каел, туку, напротив – хулел; од десната, пак, Христова страна, исто така имало крст на грешник и разбојник. Но, разбојник кој искрено се каел и Го исповедал Христа за Бог. Така значи, сите ние страдаме, некој можеби повеќе, некој помалку. Но важно, сите страдаме. Страдаме од многу работи: од болести, од навреди, гонења, од глад и жед, од осаменост, од нељубов; страдаме од гревовите наши, од страстите наши, од егоизмот во нас. Меѓутоа, само оние од нас кои ќе се покаат, кои ќе го прифатат лекот, кои ќе го прифатат страдањето заради Бога, само тие на крајот биваат спасени од страдањата и го наследуваат вечното блаженство, како што и му рекол Господ на покаениот разбојник: Вистина ти велам: денес ќе бидеш со Мене во рајот (Лука 23,43).

Првиот човек Адам посакал да го запази својот живот надвор од Бога, и го изгубил. Неговото непослушание, грев и егоизам го оддалечиле од Бога и го привеле само кон страдање. Господ Христос, пак, преку Својата доброволна искупителна жртва, која својот врв го достигна на Крстот на Голгота, ја исправи таа човечка трагедија, победувајќи го гревот, ѓаволот и смртта. Нам сега ни останува, со нашата богоподарена слободна волја, да избереме дали ќе живееме со крстот или без него, дали ќе страдаме за Христа, за ближните, за Црквата Божја, или, пак, за сопствениот егоизам, кој води само кон распадливост и вечни маки. Токму затоа, денес Христос преку Евангелието уште еднаш нè повика: Кој сака да врви по Мене, нека се одрече од себе, и нека го земе крстот свој и нека оди по Мене. Зашто, кој сака да ја спаси својата душа, ќе ја загуби; а кој ја загуби душата своја заради Мене и Евангелието, тој ќе ја спаси. Оти каква полза е за човека, ако го придобие целиот свет, а на душата своја ѝ напакости? (Марко 8,34-36).

Да го послушаме, мили мои, овој најсладок Божествен глас и да тргнеме по Него. Да тргнеме  со ревност и без страв, зашто Он веќе еднаш го изодил тој пат заради сите нас. Нам сега ни е многу полесно, имајќи го Неговиот пример, Неговата светлина, Неговата благост и поткрепа. Да тргнеме, та и ние, по Неговата огромна милост, да се удостоиме да бидеме меѓу оние за кои Он денес рече: Вистина ви велам: тука стојат некои, што нема да вкусат смрт, дури не го видат Царството Божјо, дојдено во сила (Марко 9,1). Што, всушност, значат овие зборови? Со нив Господ сака да ни каже дека оние што ќе го прифатат Крстот Негов, тие уште во текот овој живот ќе го гледаат Царство Божјо отворено, а накрај ќе ги наследат блаженствата што Он ги подготвил за нив – ќе Го наследат Царството на неискажливата Божја радост. Така, да го прифатиме смирено и со љубов Неговиот лек, што ни го предлага доброволно, зашто во Евангелието не се вели категорично дека сите мора да појдат по Христа, туку: кој сака да врви… Не сите, туку тие што самите сакаат. И затоа, ќе повториме уште еднаш, наше е да се определиме: ќе страдаме ли непотребно, за нашиот егоизам, роптајќи, за да го наследиме пеколот, заборавени уште во овој живот како разбојникот од левата страна, или, пак, ќе се трудиме да живееме праведно, подражавајќи Го Христа и носејќи го трпеливо својот крст, кој е неспоредливо полесен од Господовиот Крст. Во најмала мера, да бидеме барем смирени како благоразумниот разбојник од десната страна…

Господ да нè укрепува, да ни дава сили решително да се бориме со своите страсти и со стариот човек кој секојдневно се распаѓа во лажни похоти. И да се молиме добриот Бог да ја испрати Својата благодат, та што повеќе луѓе да се разбудат, да ги отворат очите на своите души и да ја разберат оваа голема тајна на Крстот Христов, која може да се разбере единствено преку постојана аскеза, преку секојдневно распнување за Бога и за ближните. Само на тој начин ќе можеме да го вкусиме Царството Божјо уште овде и да го наследиме во вечниот живот.

Да стоиме постојано во подножјето на нозете на распнатиот Господ, та учествувајќи во Неговата крстна смрт, да станеме сопричесници и на Неговото живоносно Воскресение!