Тишина. Но не обична тишина. Не тишина на отсуство, туку тишина на присуство. На едно присуство толку длабоко, толку полно, толку огромно, што ниеден збор или песна не се доволни да го изрази. Велика Сабота е денот кога Бог почива. Не затоа што е уморен, туку затоа што довршил сè за нашето спасение. Како и на седмиот ден од создавањето, кога „Бог почина од сите Свои дела,“ така и сега, во гробот Јосифов, Творецот почива. Но овој пат, почивајќи, Он не одмара, туку ја разорува нашата најстрашна мора. Почивајќи во Гробот, Он слегува во адот. Спиејќи во телото, ги буди мртвите. Лежејќи мртов, ја убива смртта.
„Чудо над зборовите! Тој Кој ги избави светите отроци од огнената печка, сега лежиш мртов, без здив, во гробот, заради нашето спасение“, пее денес црковниот поет. И ние, слушајќи го тоа „чудо што ги надминува зборовите,“ стоиме пред тајна која ги надминува сите наши категории: Животот е мртов, и токму затоа смртта станува мртва. Бог е во гробот, и токму затоа гробовите се испразнуваат. Семето е посеано во земјата, и токму затоа утре ќе никне Воскресение.
На вчерашното великопеточно бдение, собрани околу Кувуклијата со светата Плаштаница, нашиот возљубен Старец, преосвештениот епископ Антаниски г. Партениј, го предводеше црковното собрание при радостотворното оплакување на Христа. Зашто тоа оплакување навистина твори и носи радост. Тоа не е погреб, ами предвечерие на Воскресението. Погребните стихови на се најубавата поезија на христијанскиот свет, песни во кои тагата и надежта се неразделни како крв и вода од прободеното Спасителово ребро: „Животе, во гроб Те положија, Христе! Ангелските воинства се ужаснаа и ја прославија Твојата снисходливост.“ Животе – со голема буква. Зашто Оној Кој лежи во гробот не е мртовец; Он е Самиот Живот. И ангелите не плачат, тие се ужасуваат со восхит од длабочината на Божјата љубов која стигна дотаму, до самото дно на смртта, за да нè извлече нас, смртно разболените.
„О, Животе, како умираш? Како во гроб се вселуваш? Но царството на смртта Ти го разоруваш и од адот мртвите ги подигнуваш!“ И во тој извик е целото богословие на Светата и Велика Сабота. Христос не е жртва на смртта, Он е нејзин победител. Он не е заточеник на гробот, Тој е Оној Кој го разнесува одвнатре. Влезе во адот не како пленик, туку како Цар: „Кога алчниот ад го проголта Каменот на Животот, со голема болка се распука, и мртвите заробени од сите векови беа ослободени.“
И канонот на Утрената ја продлабочува оваа тајна до нејзиниот последен слој. „Ти слезе во длабочините на земјата,“ пее првата песна, „за да исполниш сè со Својата слава; зашто моето лице во Адам не беше скриено од Тебе, и погребувајќи се, ме обнови мене, расипаниот.“ Бог слезе во земјата не за да се сокрие, туку за да најде. Да го најде Адама. Да го најде секој еден од нас. „Сакајќи да го спасиш Адам, Ти слезе на земјата. И не наоѓајќи го на земјата, Владико, слезе во адот, барајќи го таму.“ Тоа е Пастирот Кој ги остава деведесет и деветте овци и оди по едната загубена, само што овој пат, „загубената овца“ е целиот човечки род, а туѓината каде што ја бара е самата смрт.
Икосот на шестата песна го собира сето тоа во една величествена слика: „Оној Кој ги содржи сите нешта, беше подигнат на Крстот, и целата твар плачеше гледајќи Го како виси гол на дрвото. Сонцето ги сокри своите зраци и ѕвездите го одложија својот блесок. Земјата се затресе со голем страв, морето побегна и карпите се распукаа. Многу гробови се отворија и телата на светите луѓе воскреснаа. Адот оддолу извикуваше, а Јудејците размислуваа како да го оклеветат Воскресението Христово, но жените извикуваа: Ова е најблагословената Сабота, во која Христос заспа, но на третиот ден ќе воскресне!“
На третиот ден ќе воскресне! Тоа „ќе“ е клучот на Велика Сабота. Сè е уште во чекање. Гробот е уште затворен. Каменот е уште на своето место. Но има едно „ќе“. Утре. По неколку часа. Во неделната зорнина. „Зашто не беше можно Началникот на Животот да биде задржан од тлението,“ ни шепоти богословието на овој ден. Семето мора да никне. Зрното мора да порасне. Третиот ден мора да дојде.
И тој ден веќе е тука: денес, на Василиевата Литургија, кога среде храмот одекна гласот на Старецот со псаломскиот победнички восклик: „Воскресни, Боже, суди ѝ на земјата“; и кога тие зборови ги разнесоа ѕидовите на Бигорскиот храм, и кога сѐ во храмот се облече во светлина, и кога наместо „Херувимската песна„ се запеа „Да молчи секоја плот човечка“ – во тој миг, Велика Сабота престана да биде ден на чекање и стана ден на предвкусување. Ние веќе знаеме. Веќе чувствуваме. Пасхата Господова е тука – не уште видлива, но веќе присутна, како зората пред изгрејсонцето, како мирисот на пролетта пред првиот цвет.
„Не плачи за Мене, Мајко, гледајќи Ме во гробот,“ пее ирмосот на деветтата песна. И овие зборови се последниот збор на Велика Сабота, последниот здив пред воскресниот извик. „Зашто ќе воскреснам и ќе се прославам, и како Бог ќе ги воздигнам во вечна слава оние кои со вера и со љубов Те величаат.“ Не плачи. Ќе воскреснам. Тоа „ќе“ е сега , за неколку часа. Станува веќе „е.“ Станува „воскресна.“ Станува „Христос Воскресе!“ Станува радост каква што светот никогаш не видел и никогаш нема да заборави.
И ние, стоејќи на прагот меѓу Велика Сабота и Пасха, меѓу гробот и празниот гроб, меѓу тишината и извикот, ние веќе не сме оние кои бевме на почетокот на Великиот пост. Четириесетницата нè промени. Канонот на свети Андреј нè прочисти. Акатистот на Богородица нè утеши. Крстот нè засили. Света Марија Египетска нè охрабри. И сега, очистени и подготвени, стоиме пред запечатениот Гроб и го чекаме, не со страв, туку со сигурност, оној миг кога вратата ќе се отвори, светлината ќе блесне, и ние, заедно со целата твар, ќе извикаме:
Христос воскресна од мртвите, со смртта смртта ја победи, и на оние во гробовите живот им подари!
Уште малку. Уште само малку. И Света Пасха!































