Томина недела во Бигорски

Бигорската Обител денес свечено го прослави споменот на Светиот Апостол Тома, со свештена архијерејска Литургија, отслужена од нашиот возљубен старец и владика, Епископот г. Партениј.

Честопати, кога станува збор за денешниот славеник на Црквата Божја, го ословуваме него како „неверниот“ Тома. Всушност, тој е оној што се посомневал за новата радосна вест што му ја пренеле останатите Апостоли, кога му возвестиле: „Христос воскресна! Го видовме жив!“ Од преголема тага за Својот Учител, тој не можел веднаш да им поверува на нивните зборови, на нивната радост, па побарал докази. Копнееле и тој да Го види жив.

Меѓутоа, Светиот Апостол Тома не е некој што се сомневал во текот на сиот свој живот, или кој останал неверен во тајната на Божјото откровение. Да се потсетиме само дека кога Апостолите и Господ разбрале дека Лазар, пријателот нивни, е болен, Христос им рекол: „Да се вратиме во Ерусалим“. На овие зборови Апостолите одговориле: „Но, Јудеите сакаат да Те убијат таму, зошто да се враќаме?“ Единствено Апостолот Тома непоколебливо одговорил: „Да одиме и ние да умреме со Него“. Бил подготвен не само на збор да Го следи својот Учител, ами и да умре за Него. Нешто што и го направил, кога маченички пострадал за возљубениот Господ во Индија. Да се сеќаваме секогаш на величието на неговата душа, на неговата вера и на цврстината на неговиот карактер.

Неговиот благослов и молитви нека бидат со нас!

Христос воскресе!