Вечерна на љубовта

Продолжуваат пасхалните восклици и ги исполнуваат со неовоземна радост срцата на верните. Блеска невечерната светлина на Осмиот ден, озарено е секое лице, сјае со необична светлина целото создание. Веста за Воскреснатиот од гробот победоносно одекнува низ сиот свет и ја испраќа својата неискажлива љубов радувајќи го секој човек.
И оваа со посебно торжество отслужена Вечерна на љубовта, од која уште еднаш одекна благата вест за Воскреснатиот Спасител на светот, одново и на повеќе јазици, громогласно ја пренесе пораката за дарот на верата во Христа Човекољубецот, Кој ја покажа Својата совршена љубов со која човештвото од смрт кон живот е преведено.

Христос Воскресна!