Празнична Вечерна во чест на Светите Браќа во Бигорскиот скит под Крчин

Во благодатната прегратка на Дешат, таму каде што планинскиот спокој природно преминува во молитва, тишина и созерцание, во Бигорскиот скит над Битуше започна свеченото чествување на сечесниот спомен на светите рамноапостолни и сесловенски просветители, Божествените браќа Кирил и Методиј.

Овој светол празник е од особено значење за Бигорската свештена обител, зашто токму од длабока љубов кон овие боговдахновени учители, апостоли меѓу словенските и многу други народи и вечни сведоци на словото Христово, нашиот возљубен Старец, епископот Антаниски г. Партениј, заедно со благочестивите ктитори и дарители, го подигна нивниот прекрасен скит под благословените падини на Крчин. Тој свет храм стои како дом на молитвата, како жив споменик на просветата, на евангелската жртва и на словото што ги води народите кон светлината на Логосот.

Во навечерието на празникот, во храмот посветен на светите Браќа беше отслужена празнична Вечерна богослужба, со која започна торжествениот богослужбен круг во чест на великите Просветители. На богослужбата претстоеше нашиот сакан владика, Преосвештениот епископ Антаниски г. Партениј, кој со благослов му даде духовна полнота на празничното собирање.

Вечерната богослужба беше исполнета со псалмопеење, свештени стихири и умилни возгласи, кои се издигаа кон небото заедно со срцата на верните. Во таа молитвена и свечена вечер, под сенката на Крчин и во светлината на празникот, верниот народ повторно ја почувствува таинствената врска помеѓу словото и Логосот, помеѓу азбуката и Откровението, помеѓу човечката жед за смисла и Божествената полнота што ја дарува Христос.

Светите Кирил и Методиј не се само спомен од минатото, ниту само историски великани на словенската писменост. Тие се живи сведоци на благодатта, учители на верата, молитвени застапници и духовни отци на народите што преку нивното дело го примија словото Божјо на разбирлив јазик. Затоа и нивниот празник во Бигорскиот скит под Крчин не е обично чествување, туку духовно враќање кон изворите: кон верата, кон молитвата, кон просветата и кон Христовата вистина. Токму за тоа, боговдајновено говореше и Старецот, во своето пригодно слово на крајот од Вечерната.

А во таа благословена атмосфера на вечерното богослужение, присутните верници се исполнија со празнична радост и благодарност кон Бога, Кој преку Своите светии постојано го просветлува светот. Така, со молитва, песнопение и духовна радост, во скитот на Светите Браќа започна чествувањето на нивниот светол спомен, како предвесник на литургиското торжество што следуваше на самиот ден на празникот.

Нека светите рамноапостолни Кирил и Методиј, кои со своето слово ги напоија народите со водата на Божествената наука, бидат и понатаму молитвени застапници за ова свето место, за Бигорската обител и за сиот наш народ.

Амин!