Спомен на Св. Апостол Андреј Првоповикан во Бигорски

Го најдовме Месијата, што значи: Христос

(Јован 1,42)

За време на долгата историја на човештвото се случиле многу откритија. Многу од нив послужиле за доброто на луѓето и донеле големи благодети. Меѓутоа, ниедно откритие не било ни оддалеку толку значајно, како што било откритието на денес славениот Апостол Андреј Првоповикан, кој полн со духовна радост и веселие го возвестил со зборовите „Го најдовме Месијата, што значи: Христос“ (Јован 1,41). Ова откритие било толку значајно, што неспоредливо ги надминува сите дотогашни и идни открија, сѐ до крајот на светот и на времето.

Свети Апостол Андреј Првоповикан

„Го најдовме“, извикува Андреј, „Го најдовме Месијата“. Зборот ‘најдовме’ може да го изговори човек што претходно барал нешто. Зашто, доколку некој рече ‘најдов’, значи дека претходно нешто барал, истражувал, очекувал, испитувал и сега тоа нешто му стои на располагање. Апостолот Андреј бил, значи, човек кој имал интерес за духовното, го барал патот на спасението. Тој не бил, според гледиштето на овој свет, некој учен или научник чиешто главно занимање било да ги истражува законитостите во природата. Едноставен рибар од Тиверијадското езеро, којшто немал ни време ни средства, за да се занимава со научни истражувања, а ги поседувал само неопходните нешта за својата рибарска дејност. Меѓутоа, покрај сето тоа, овој прост рибар бил човек со највозвишен интерес; неговата душа, неговиот истражувачки копнеж скриен најдлабоко во неговото битие, го барал единственото потребно, единственото спасително; Го барал единствениот вистинит Бог. И имајќи силна вера и чисто срце, Го нашол. Поточно, Спасителот прв Него го пронашол и го повикал и затоа е наречен Првоповиканиот.

Чествувајќи го неговиот сечесен спомен, денес Бигорската Обител, собрана околу својот старец и игумен, Епископот г. Партениј, со ноќно бдение и Света Литургија си спомна за апостолското дело на големиот Христов ученик, Свети Андреј.

Истовремено, неговиот спомен се совпадна со дваесет и седмата недела по Педесетница, кога според црковниот распоред се чита евангелскиот расказ за чудото што Господ Исус Христос го извршил над жена што осумнаесет години страдала од духот на немоќта. Затоа, во продолжение објавуваме едно поучно слово за овој евангелски настан.

Исправање на искривените личности

Има една приказна како некоја жена на некој американски инжинер му донела благослов на народот на една азиска земја. Таа забележала дека сите стари луѓе во некое село се згрбавени. Се распрашала и дознала дека причината за тоа е метењето. Старите луѓе биле одговорни за метењето. Бидејќи таму немало дрвја за правење дршки за метлите, тие морале да метат наведнати и сите тие, со текот на времето, си ги искривиле рбетите.

Таа решила да преземе нешто. Во планините нашла некоја висока трска. Пресадила неколку такви трски во дворот на нејзината куќа во селото, направила метла и метела каде што сите селани можеле да ја видат. Полека идејата се раширила и тие почнале да ги користат високите трски за правење на метли со кои можеле да метат исправени.

Четири години откако се вратила во Питсбург, добила писмо од кметот на селото во кое пишувало:

„Инжинерева жено,

…ни покажа нов начин на метење. Тоа е мала работа, но го смени животот на нашите стари… Сигурно ќе ти биде мило да знаеш дека денес во селото има многу малку згрбавени… Изградивме мал храм во твој спомен. Многу е едноставен, во подножјето на олтарот е напишано: Во знак на сеќавање на жената што ги исправи грбовите на нашите луѓе“.

  • Отплеткување на замрсеното

Денешното евангелско четиво зборува за жената која била „опседната од дух на немоќта осумнаесет години“. Таа била згрбавена и никако не можела да се исправи. Кога Исус ја видел, ја повикал, ги ставил рацете Свои врз неа и таа веднаш станала.

Првата порака на оваа случка е за Христовата моќ да го исправа искривеното, не само искривените тела, туку и искривените животи. Од сите суштества на светот, само човекот е создаден да гледа угоре. Но гревот го свиткува до земјата. Колку повеќе човек му служи на Бога, толку поисправен, поедноставен и поправ ќе биде неговиот внатрешен живот – неговиот ум и неговото срце.

Има луѓе што велат: „Не можеш да ја смениш човечката природа“. Овој исказ е директно порекнување на Бога – на Бог кој дојде во светот токму за да ја смени човечката природа, да ги исправи искривените личности. „Такви беа некои од вас“, им пишува апостолот Павле на Коринтјаните, „пијаници, идолопоклоноци, крадци, хулници. Туку се измивте, се осветивте, се оправдавте во името на нашиот Господ Исус Христос…“, станавте нови личности во Христа.

Сме виделе многу реки со криви токови. Во Минеаполис има еден поток со многу крив тек, се вика Минехаха. Токот му е крив затоа што постојано ја следи линијата на најмал отпор. Така е и во животот. Кога наместо да го следиме Христа, ја следиме линијата на најмал отпор, крајниот резултат е искривен живот.

Едно дете си дошло дома од риболов. Најлонот од јадицата му се замрсил и се мачел да го отплетка и да го одмрси. Се мачел долго време, но безуспешно. На крај отишол кај татко му и му рекол: „Тато, најлонот ми се заплетка. Можеш да ми го одмрсиш?“ Вештите раце на татко му почнале да го исправаат најлонот без мака и за две-три минути најлонот бил прав.

Тоа е парабола за нашите животи. Малку по малку се заплеткуваме во искушенијата и гревовите на кои наидуваме. Конечно, доаѓа денот кога откриваме дека веќе не можеме сами да си помогнеме. Некој однадвор мора да дојде во нашиот живот за да нѐ ослободи од замрсеноста. Бог е во можност да помогне, само ако Му дојдеме со вера.

  • Исправање на искривениот живот

Припомнете си колку личности и животи згрбавени од алкохолизмот и дрогите ги исправила моќта на живиот Христос.

Припомнете си на животот на св. Петар згрбавен од тројно одрекување од Учителот, исправен од Исуса до толку што можел да стане голем апостол на верата кој рекол: „Господи, знаеш колку те љубам“.

Припомнете си на жената од улицата која била згрбавена под големиот товар на вината. Таа ги миела нозете на Учителот со своите солзи и ги бришела со својата коса. Кога станала била нова личност затоа што Великиот Лекар ѝ простил и го исправил нејзиниот искривен живот.

Припомнете си на разбојникот распнат до Христа – неговиот живот бил потполно згрбавен од гревот. Пред да умре, со последниот здив кажал молитва: „Господи, спомни си за мене“. Одеднаш големата љубов Божја се влеала во неговото срце и го чул ветувањето: „Ќе бидеш со мене во царството небесно“.

  • …што ја врзал сатаната…

Првата порака на приказнава е дека Бог кој го исправил грбот на една жена, денес ги исправува животите на згрбавените и заплетканите од гревот. Втората порака се наоѓа во зборовите со кои Исус ја опишал болеста на жената: „…оваа ќерка Авраамова, што ја врзал сатаната еве веќе осумнаесет години…“ Тука гледаме дека Исус ја припишува болеста на жена не на Бога, туку на сатаната. Си припомнуваме и дека Св. Павле ја нарекува својата хронична болест „гласник на сатаната“. Колку често ја поврзуваме волјата Божја со тоа што е зло, со болеста и смртта. На пример, кога му рекла жената на еден човек, тој си рекол: „Морам да го прифатам тоа, таква е волјата Божја“. Но, самиот човек бил лекар и со недели се борел за нејзиниот живот. Цело време ли се борел против волјата Божја? Се разбира, не! Христос го поминал цел живот лекувајќи ги болните. Никогаш не Го гледаме да разболи некого. Смртта не застанала затоа што Бог ја сакал. Самиот Христос заплакал пред гробот на Лазар. Д-р Лесли Ведерхед има кажано: „Ако сакаш да кажеш да биде волјата Твоја, кажи го тоа утрото кога ќе се пронајде превентива или лек за ракот; кажи го тоа некое сончево утро кога си полн со живот; кажи го тоа кога твоето бебе ќе се роди живо и здраво и мајката е добро; кажи го тоа некое сончево утро кога си полн со живот; кажи го тоа кога срцето ти чука со онаа радост чиј извор е срцето Божјо“. Затоа што тоа е волјата Божја за човекот: не гробишта, болести и превирања, туку здравје, среќа и живот во изобилие.

Припомнете си колку животи биле згрбавени од ужасната болест наречена полио. Д-р Јонас Салк ја открил вакцината што го истреби полиото. Гледате како еден човек со своето научно истражување ги исправил животите на голем број луѓе. Д-р Салк не ѝ се противел на Божјата волја, туку дејствувал во согласност со неа со тоа што направил сите луѓе да можат да живеат подобро. Има многу области во животот каде што можеме да соработуваме со Бога, за да помогнеме да се исправат животите згрбавени од грев и маки.

  • Молитва

Господи, помогни ни да дојдеме кај Тебе со нашите згрбавени животи, за да ни ги исправиш како што си ја исправил жената на денешното Евангелско четиво. Затоа што знаеме дека ниту искривените грбови, ни згрбавените души не се Твоја волја за човекот, туку здравјето и целосноста. И помогни ни, милостив Господи, во текот на животот да помагаме да се отплеткуваат и одмрсуваат заплетканите и искривените работи што ги среќаваме:

Та таму кај што има омраза – да сеам љубов,
кај што има осуда – проштавање,
кај што има раздор – слога,
кај што има очај – надеж,
кај што има темнина – светлина,
кај што има тага – радост.


(Извадок од книгата на Ентони М. Конијарис, „Скапоцености од неделните Евангелија на Православната Црква“, Скопје 2004)