Навечерието на свети Георгиј Победоносец во Рајчица

Во зраците на Воскресенската радост, додека целото создание сè уште ечи од победоносниот восклик „Христос Воскресна!“, манастирот на славниот војвода и великомаченик, светиот Георгиј Победоносец во Рајчица, повторно стана средиште на едно возвишено богослужбено торжество. Овде празникот на големиот Христов светија никогаш не бил само обичен спомен на еден древен воин, туку отсекогаш претставувал жив доказ за вечното присуство на сведоците на Вистината во овој свет. Затоа и во убавината на празничниот спомен, како завет за „малото стадо“, во овие свети ѕидини постојано одекнуваат моќните зборови, искажани од божествената уста на Спасителот: „Ако бевте од светот, светот ќе го љубеше своето; а бидејќи не сте од светот, туку Јас ве избрав од светот – затоа светот ве мрази… Ако Мене Ме гонеа, и вас ќе ве гонат.“ Токму овој евангелски возглас го осветлува ликот на нашиот моќен закрилник како избран сад, кој со целото свое битие избра да Му припаѓа на Небото, наместо на минливиот сјај на царскиот двор. Затоа и имаше смелост да ни ја разоткрие онаа тајна за која зборува апостолот Павле, уверувајќи нè дека во Христа веќе не сме туѓи и придојдени, туку сограѓани на светиите и свои на Бога.

Оттука, да се чествува Свети Георгиј денес не значи само да се восхитуваме на неговите славни чудеса, на ослободувањето на заробените или на победата над змејот и страстите, туку пред сè, значи да се има храброст да се засака неговиот крст и неговиот маченички венец. Оти во миговите на искушенија, кога светот ни нуди привидна сигурност која може да нè направи „туѓинци“ за Бога, светиот Георгиј со својот пример нè повикува на непоколебливост, зашто тој не се исплаши пред бездната на страдањата, туку силно веруваше дека единственото вистинско достоинство е да се биде граѓанин на небесниот Ерусалим. Како вистински пријател Божји, тој Божјото дело го направи свое, па затоа и Бог неговите маки ги прими како Свои, овенчувајќи го со нетлената слава на Вечноста.

Токму во тој дух на нераскинливо единство со Небото, сестрите монахињи од Рајчица, кои со својот тивок молитвен подвиг секојдневно го слават и го почитуваат својот заштитник, со посебна радост го дочекаа неговиот празничен спомен. Во духот на сестринската љубов, кон радоста на празникот се придружија и сестрите од манастирот Богородица Пречиста од Кичево, правејќи го славењето еднодушно и полно. А Старецот, епископот Антаниски г. Партениј, како возобновител на ова духовно славје и темел на оваа голема монашка заедница, заедно со своите браќа и свештенослужители од Бигорското братство, претстоеше на вечерната богослужба, принесувајќи ги воздишките и молитвите на верниот народ пред светиот Георгиј, просејќи од него да продолжи да го чува своето стадо. Манастирската, пак, слава беше дополнително облагородена од присуството на драгите гости од соседна Грција, архимандритот г. Херувим Циноглу со неговата придружба, чие слаткогласно пеење е жив сведок дека во Христа не постојат граници. Нивното присуство во Рајчица уште еднаш потврди дека сите ние ја имаме истата прекрасна можност да станеме „сограѓани на Светиите“, доколку разбереме дека небесното граѓанство се стекнува единствено преку личниот подвиг и пожртвуваната и дејствителна љубов, која е единствената виза за Градот на Светите.

Токму за оваа љубов, вера и ревност, вдахновено беседеше и нашиот возљубен Старец, на крајот од Вечерната.