Свет и Велик Четврток (видео)

Упатувајќи ги во тајните Твоите ученици Господи, Ти ги учеше говорејќи: Пријатели мои, никаков страв да не ве раздели од Мене. Оти ако страдам, тоа е за светот. Не соблазнувајте се од мене, оти Јас не дојдов да Ми служат, туку да послужам и душата Своја за избавување на светот да ја положам. Ако, пак, сте мои пријатели, мене подражавајте ме. Кој сака да биде прв, нека биде последен, како господарот така и слугата. Останете во мене за плод да принесете, зашто Јас сум лозата на животот.

Стихира на Велик Четврток

Кога се исполни времето и кога нашиот Господ требаше да ја испие до крај горката чаша на страдањата и смртта, Oн посака да им остави на Своите љубени апостоли, а преку нив и на сите нас, некаков дар, едно таинствено завештание во спомен на Неговата љубов, која сега оди на Крст. А што друго можеше да ни подари освен Своето тело, Својата крв, Својата душа и Божество – со еден збор, ни се даде целиот Себеси. Животот Свој го даде за да може ние да живееме во Неговиот живот. За да имаме општење со Него. Нѐ собра мистично сите околу Себе во Горната одаја на Сион заедно со верните ученици-апостоли и тука засекогаш ни ја предаде тајната на Евхаристијата – ветувајќи ни го Царството што Бог – Отецот Му го остави во наследство:

„Земете, јадете, ова е Моето тело“. И кога ја зеде чашата, заблагодари, им даде и рече: „Пијте од неа сите; зашто ова е Мојата крв на Новиот Завет, која се пролева за мнозина, за прошка на гревовите“ (Матеј 26,26-28).

Одекнува и сега во нашите уши Неговиот мил глас: „Ова правете го во Мој спомен. Секогаш кога ќе служите Божествена Литургија вие ќе си спомнувате за Мојата љубов која оди до крај за вас и Бога. И приопштувајќи се кон Мене и вие ќе станете заедничари на таквата љубов“.

Стоиме занемени од восхит пред крајното снисходење на нашиот смирен Господ, Кој не го лиши од даровите ни оној што бесрамно прв пристапи да му ги измијат нозете, додека во мислите свои коваше страшни заговори и предавства. Оти пред  да им го открие на апостолите оваа велико свештенотаинство, Создателот со крпа се препаша, се наведна и на Своето создание му ги изми нозете, давајќи ни и нам пример за пожртвувано служење. Но срцето Јудино, иако се нахрани од лебот на животот, остана заковано во своето среброљубие. Тој замина во ноќта на своето предавство и ужасна погибел, а Тајната Вечера го отвори патот кон Крстот. Горат срцата пред последната борба на Господа со злото и смртта, борба која може да извојува победа само со мечот на совршената љубов. Крстот ја доврши полнотата на таа несфатлива за нас љубов и го озарува со Божествен пламен она што го примаме во светата Причест, но само и само ако принесеме покајание како Апостол Петар и на прашањето „Ме љубиш ли?“ одговориме со „Господи, Ти знаеш дека Те љубам“.

Бигорската Горница – свештениот бигорски храм,  сега е како највисоката планина Синај, каде Мојсеј некогаш ги прими Плочите на Заветот. И како што тој тогаш се очисти со пост и искачи високо на врвот за да застане пред лицето на Бога, така и денес монашките со воздржание очистени срца со возвишени мисли го вперија својот поглед во духовните височини на Евхаристиското таинство кое нѐ воведува во присуството Божјо:

Сине Божји, прими ме денес за учесник на Твојата Тајна Вечера. Зашто нема да ја кажам тајната на Твоите непријатели, ниту ќе Ти дадам целив, како Јуда, но како разбојникот Те исповедам, спомни си за нас Господи, во Царството Твое.

Со трепетна молитва и скрушени срца пристапуваме, знаејќи дека Светите Дарови што ни се принесуваат се вистинското тело и крв на нашиот Христос, а ова свештено таинство е онаа истата Тајна Вечера. И молитвата на сите е иста: никогаш да не се покажеме предавници на љубовта со која Христос нѐ возљуби. Длабоко да ја почувстуваме силата која извира од овие Дарови и ги преобразува срцата и умовите и до крај да Му останеме верни на Оној Кој го избави од пропаст животот наш. Најпосле, да се самозаборавиме, љубејќи ги пожртвувано ближните наши за кои Он се распна и ја пролеа Својата крв. Оти ако сакаме непоколебливо да Го следиме Христа, ако не сакаме да сме Христијани само на име, туку и вистински, во живот и на дело, ако тоа е нашата крајна цел а не само една пријатна замисла, тогаш нема друг пат освен пожртвуваната љубов до крај за нашите сопатници кон вечноста во Христа.

Подготвувајќи нè за благодатната заедница со Христа преку Неговите Чесни Дарови, нашиот најсакан старец и владика, Антанискиот Епископ г. Партениј, ни го покажа патот по кој треба да оди Христијанинот за да може неосудено да се приопшти кон Тајната Вечера Христова и навистина да ја почувствува силата и преобразбата која произлегува од Светата Причест:

Во името на Отецот и Синот и Светиот Дух!

Мили мои, и оваа година, по милоста Божја, се удостоивме да го видиме и мисловно да се поклониме на величието на Светиот и Велик Четврток. Денес, како што чувме од Синаксарот за овој ден, како и од длабоките и трогателни стихири и од евангелските читања, правиме спомен на четири големи настани од животот на нашиот Спасител Господ Исус Христос: миењето на нозете на учениците од страна на Господа, Тајната Вечера, Првосвештеничката молитва во Гетсиманската Градина и предавството на Јуда.

Главната оска за сите овие собитија е несомнено Тајната Вечера. Наречена е „Тајна“ не затоа што Господ и апостолите се криеле од некого, или правеле нешто скришум, но се нарекува така затоа што таа е, всушност, најголемото Таинство во Црквата, Тајна над сите тајни, самиот живот и суштина на Христијанството; „Тајна“, затоа што на неа, на таинствен, за човечкиот им неспознатлив начин, се востановува Царството Божјо на земјата; таа е почеток на благодатниот живот во Црквата, таа е, впрочем, првата Света Литургија – којашто онтолошки никогаш не престанала, продолжува до денес и ќе трае и во вечноста. Ете зошто во литургискиот јазик на Црквата се вели дека секоја Света Литургија е, всушност, Тајната Вечера, присуство на Царството Божјо на земјата и токму затоа секоја Евхаристија ја започнуваме со славословието: „Благословено е Царството на Отецот и Синот и Светиот Дух, сега и секогаш и во веки веков“.


Тајната Вечера, Детаљ од Бигорскиот иконостас, 19 век

Историски гледано, Тајната Вечера е извршување на старозаветната Пасха, нешто што го правеле древните Евреи, во спомен на излегувањето на богоизбраниот народ од Египет кон Ветената Земја. Согласно Законот, и Господ Исус со Своите ученици го подготвиле и го јаделе пасхалното јагне, но овој пат како вовед за нешто многу поголемо што следувало, за вистинската Пасха, за преминот од смрт кон живот. Затоа, на трпезата со апостолите Он им вели: Со голема желба посакав да ја јадам оваа пасхална вечера со вас, пред да пострадам; зашто, ви велам: нема веќе да јадам од неа, додека не се исполни во царството Божјо (Лука 22,15-16). Од овој исказ на Божествените усни на Спасителот јасно се гледа Неговата огромна желба да биде со Своите ученици и последователи, да заедничари со нас, да се раздава за нас – нешто што го докажа и запечати распнувајќи се за нас на Крстот. Уште, со оваа фраза Господ го воведува Царството Свое на земјата; тоа го означуваат зборовите: додека не се исполни во царството Божјо, после кои ја востановува Светата Евхаристија: Потоа зеде леб и заблагодари, го прекрши и им даде, велејќи: „Ова е Моето тело, што се дава за вас; правете го ова за Мој спомен!“ Исто така и со чашата, по вечерата, велејќи: „Оваа чаша е Новиот завет со Мојата крв, која се пролева за вас“ (Лука 22,19-20).

Вели: Ова е Моето тело и Мојата крв. Ова е од суштествена важност за животот на Христијаните. Преку Светата Евхаристија, востановена лично од Самиот Христос на Тајната Вечера, ние реално се соединуваме со Самиот Бог; лебот и виното што се принесуваат на Литургијата не се проста симболика, туку преку осветувањето на Светиот Дух тие вистински се претвораат во Тело и Крв Христови. Токму тука е тајната, таинственото Божјо присуство, Христовото служење и себепредавање за верните на Светата Литургија. На денешната богослужба, наместо вообичаената херувимска песна Иже Херувими – вие што редовно одите во храмовите на богослужба ја слушате на секоја Литургија – ќе се пее: „Денес, Сине Божји, прими ме за ученик на Твојата Тајна Вечера; нема да ја откријам тајната на Твоите непријатели, ниту ќе ти дадам целив како Јуда, но како разбојникот Те исповедам: спомни си за мене, Господи, во Царството Твое“. Секоја Литургија, значи, е Тајна Вечера; кога присуствувам на Литургија, јас седам со мојот Господ на Неговата Тајна Вечера. Оваа молитва секогаш ја читаме и во молитвите пред Светата Причест. Литургијата на еден чудесен начин ги храни со Телото и Крвта Христови и нашето тело и нашиот дух. Го храни и умот со Божествените откровенија и спасителни тајни, но се разбира, доколку со вера и со силна желба учествуваме во љубовта Христова, во желбата Негова да нè спаси.

Неопходно е, значи, и ние да исполниме одредени предуслови, за да учествуваме во Тајната на љубовта. Од евангелското зачало на Утрената на Велик Четврток дознаваме за тие неопходни предуслови. Самиот Христос ни дава пример и поука за тоа како треба да се подготвуваме, за да бидеме со Него, во Негово друштво, во Неговото просветление, да бидеме едно со Него. Најнапред, чистотата. „Исус, знаејќи дека Отецот сè Му предал во рацете и дека од Бога излегол и дека кај Бога се враќа, стана од Вечерата, ја соблече Својата горна облека, зеде крпа и се препаша; потоа истури вода во сад за миење и почна да им ги мие нозете на учениците и да ги брише со крпата со која беше препашан“ (Јован 13,3-5). Миењето на нозете ја означува потребната чистота, и телесна и духовна, кон којашто секој од нас треба да се стреми. Да, невозможно е човек да остане без грев, но покајанието и милоста Божја го очистуваат човека. Бог стори сè за да ги измие и очисти нашите гревови. Второ, со миењето на нозете на апостолите, Господ Исус Христос, Создателот и Творецот на сè, покажува крајно смирение и пример за служење: „Знаете ли што ви направив? Вие Ме нарекувате Учител и Господ; и право велите, бидејќи сум. Ако, пак, Јас, Господ и Учител, ви ги измив нозете, тогаш и вие сте должни еден на друг да си ги миете нозете. Затоа ви дадов пример да правите и вие така, како што ви направив Јас“ (Јован 13,12-16). Покрај духовната и телесна чистота, потребно е да се трудиме во служењето едни на други, во доброто, во љубовта, во надградувањето. Трето, смирението. Смирението што Господ го покажа со миењето на нозете, но и со поуката кон учениците да се сметаат себеси за последни: „Знаете дека кнезовите народни владеат над народите, и управниците господарат над нив; меѓу вас, пак, нека не биде така; а кој меѓу вас сака да биде поголем, нека ви биде слуга; и кој сака меѓу вас да биде прв, нека ви служи; 28 како што и Синот Човечки не дојде да Му служат, туку дојде да послужи и да го даде животот Свој за откуп на мнозина“ (Матеј 20,25-28).

И последниот предуслов – желбата. За неа веќе зборувавме. Доволно е со нашата благодарност да ѝ се приклучиме на Христовата желба и љубов да вечера, да заедничари со нас. Со голема желба посакав да ја јадам оваа пасхална вечера со вас… Он од сè срце сака да вечера со нас и тука и во вечното Царство; има огромна желба, затоа што бесконечно го возљубил човекот и сака засекогаш да биде со нас; да нè направи Негови пријатели, Негови роднини, истокрвни и истотелесни со Него. Ете, тоа претставува Светата Евхаристија. Затоа и сите свети тајни во Црквата се осветуваат токму преку ова најголемо Таинство.

Денес, кога е востановено Царството Божјо на земјата; кога ние стануваме причесници на Божеството и деца Господови; кога седнуваме како синови на Неговата трпеза и Он се раздава за нас, на оваа чудесна и голема Тајна, навистина неразбирлива за нашиот ум – да се потрудиме да Му ги принесеме нашата чистота, смирението, служението на ближните и желбата да бидеме со Него. Господ нека ни даде вистинска чистота, смирение и желба да бидеме засекогаш со Него!

Добра Пасха на сите!