Воскресенска енколпија и митра – подарок за нашиот Старец од духовни чеда

Во пресрет на светлото и славно Христово Воскресение, нашиот старец и владика, Епископот г. Партениј, денес од свои духовни чеда доби два прекрасни подароци: архијерејска рачна енколпија што се носи заедно со жезолот на пасхалните богослужби и архијерејска митра.

Рачната енколпија на која е изобразено Воскресението Господово, на Старецот му ја подаруваат неговите духовни чеда и големи добротвори на нашата Обител, Иван и Сања Постоловски од Скопје, со следнава посвета: „Со љубов и почит на нашиот почитуван Епископ и Старец г. Партениј, кој во себе го носи блесокот на Воскресението“.

Владичката митра, пак, целосно рачно изработена од вештите раце на нашите сестри монахињи од Рајчица, коишто ја везеа повеќе месеци, е подарок од верните и долгогодишни духовни чеда Станоја и Мери Станојоски од Кичево, коишто воедно му прочитаа на Владиката пригодна посвета:

„Почитуван Преосвештен Владико наш г. Партениј Епископ Антаниски,

Примете го во знак на благодарност нашиот скромен подарок – скромен затоа што Вие заслужувате многу повеќе. Бидејќи ние секогаш Ви натежнуваме и Ве заморуваме со нашите проблеми, сега сакаме само да Ви се заблагодариме.

Ви благодариме што сте наш духовен татко, што нè љубите, што се молите за нас. Ви благодариме за љубовта, како и за тоа што нè учите како да љубиме; Ви благодариме за простувањето и што нè учите како да проштаваме; Ви благодариме за секоја утеха, за секоја прегратка, за секој Ваш збор со кој го сменивте и збогативте нашиот живот.

Најмногу од сè, Ви благодариме што ги донесовте сестрите (т.е. монахињите од Пречиста) блиску до нас, та покрај нив секогаш сте ни духовно блиску, и Вие и останатите браќа и сестри. Му благодариме на Бога што постоите, Пресвета Богородица да Ве чува и заштитува уште долги години. Дај Боже да се радуваме заедно на наши деца, а ваши внучиња.

Нека оваа митра блеска на Вашата глава, како што блескаат Вашите благослови и Вашата љубов кон нас грешните. Господ да Ве благослови и чува, Владико на нашите срца!“