Соопштение ‒ чествувањето на Свети Георгиј Победоносец во Рајчица

На денот кога го славиме споменот на нашиот славен патрон и небесен застапник, Светиот Великомаченик Георгиј Победоносец, ја имаме радоста и честа да ве поканиме на слава во неговиот свет манастир во Рајчица:

вторник, 5 мај 2026 –

 Во 18:00 часот ќе се отслужи празнична Вечерна богослужба, на која молитвено ќе претстои Неговото Преосвештенство, Епископот Антаниски г. Партениј.

– среда, 6 мај 2026 –

 Во 07:30 часот ‒ празнична Утрена богослужба. (На шестата песна од канонот – пречек на Старецот владиката г. Партениј)

 Божествената Архиерејска Литургија ќе започне во  08:45 часот и со неа ќе чиноначалствува Неговото Преосвештенство, Епископот Антаниски г. Партениј, заедно со свештенослужителите од нашата света Обител.

Благослов да присуствуваат имаат сите кои сакаат заедно со нашето братство и сестринство да му оддадат чест и да упатат молитви кон светиот великомаченик Георгиј Победоносец.

Со благослов на Епископот Антаниски г. Партениј
игумен на Свештената Бигорска Обител


По поклонението на верниот народ во сечесниот негов манастир во Рајчица, моштите на свети Георгиј ќе бидат пренесени во градот Струга, за во текот на утрешниот ден, 7 мај, да бидат дел од торжествената Литија во чест на угодникот Божји.

Од оваа година, со благослов на почитуваниот надлежен архијереј, Неговото Високопреосвештенство митрополитот г. Георгиј, новоформираното Координативно тело ќе се грижи за организацијата и спроведувањето на литијата, која нашиот Старец, заедно со братството и сестринствата, а со благослов на блаженоупокоениот митрополит Тимотеј, ја возобновија пред 16 години.

По барање на организацијата, заради сменетиот концепт, во овогодинешната литија свое учество нема да земат монасите и сејмените, кои беа облечени во традиционални сејменски носии. Ве повикуваме, како и секоја година, да земете учество во литијното шествие и со своето молитвено присуство, и со христијанско достоинство, да го збогатите настанот.