Посета на млади охриѓани во Бигорски

Група млади побожни охриѓани, духовни чеда на нашиот старец и игумен, Епископот г. Партениј, вчеравечер дојдоа во посета на нашата Свештена Обител, со цел да се поклонат на светињите и да го поздрават својот духовен татко, понесувајќи го неговиот благослов.

Всушност, овие млади души, главно варошани, пожртвувано и со голема ревност и љубов учествуваа во подготовките за хиротонијата на владиката Партениј, што се одржа на 12 јули годинава, во славниот храм на Премудроста Божја во Охрид. Тие сега дојдоа лично да му ги пренесат на старецот и владика своите возвишени впечатоци од тој прекрасен настан во нивниот роден град и да му се заблагодарат што благословил да учествуваат во неговата подготовка. Во оваа прилика тие му подарија на старецот дрвен резбан крст, што се положува во водите при Големиот Богојавленски водосвет на празникот Водици. На срдечната средба во затворениот чардак и Епископот Партениј од срце им се заблагодари за нивната пожртвувана љубов, почит и трудољубие и таткови ги поучи за убавините на православната вера и благодатниот начин на живот во Црквата Христова.