Денеска, Бигорската свештена обител ги имаше радоста и честа да биде домаќин на многубројна црковна делегација од сестринската Православна Црква на Романија, која во состав од околу шеесетина високи гости – архиереи, архимандрити, игумени, игумении, монаси и монахињи – пристигна на поклонение во нашата светиња.
Делегацијата беше предводена од Неговото високопреосвештенство, архиепископот на Јаши и митрополит на Молдавија и Буковина, г. Теофан, придружуван од својот викарен епископ, Неговото преосвештенство г. Никифор. Меѓу високите гости беа и игуменот на прославениот манастир Неамц, архимандрит Бенедикт Саучиук, игуменот на манастирот Петру Вода, архимандрит Харитон Негреа, игуменот на манастирот Сихастрија, архимандрит Арсение Попа, како и низа други игумени и игумении на манастири од нивната епархија.
Нашиот старец и игумен, Неговото преосвештенство епископот Антаниски г. Партениј, заедно со братството на високите гости им приредија свечен црковен пречек – иподохи. По пеењето на тропарите и молитвите, старецот, како домаќин, се обрати кон архиепископот и кон сите присутни со топло и срдечно слово за добредојде. Им се заблагодари за благословот што го донесоа од преподобната мајка наша Параскева во Јаши, како и од останатите романски манастири и светињи од нивната епархија, за кои, со длабоко чувство, рече дека нѐ обединуваат во Христа. Тој ја истакна нивната благословена епархија како центар за романското монаштво, коешто е толку значајно и за нас. Како жива потврда на тоа единство во Христа, тој сподели едно драгоцено лично искуство од својата младост – средбата со светиот духоносен романски старец Клеопа во манастирот Неамц, кој на еден специфичен начин му предвидел дека ќе стане монах. На крајот од своето слово, Старецот им се заблагодари на гостите за прекрасното присуство и им посака благословен престој.
Со возвратна благодарност му одговори Неговото високопреосвештенство, архиепископот г. Теофан, кој истакна дека тој и неговите придружници, на ова поклонение, во старецот и во нашето братство гледаат цврста поткрепа и наоѓаат сила во делата на Обителта – дотолку повеќе што таа се наоѓа во иноверна средина, а сепак твори такви големи дела што се радост за целата Црква Божја. Тој ја наведе карактеристичната мисла блаженоупокоениот романски патријарх Јустинијан, кој говорел дека монасите се елитната и специјална војска на Црквата. Запроси молитви од Старецот и од браќата за својата благословена епархија и срдечно се заблагодари за топлиот пречек и прием.
Потоа следуваше општ синаксис во свечениот манастирски синодикон и радосно заедничарење во Христа, во кое љубовта меѓу двете братски Цркви беше уште еднаш живо посведочена.
За време на својот престој во Македонија, романската црковна делегација веќе посети или допрва ќе посети и други значајни македонски црковни средишта: Архиепископскиот соборен храм во Скопје, манастирите Свети Леонтиј и Покров на Пресвета Богородица во Водоча и Воведение на Пресвета Богородица во Вељуса, манастирот Свети Пантелејмон во Нерези, манастирите во Охрид и Струга — Свети Наум, Свети Климент, Света Богородица Перивлепта, Света Софија, манастирот во Калишта и други.































